Се обидуваш да ги спасиш сите околу себе, но кој ќе те спаси тебе?

Гладна цел ден, едвај дочекав келнерот да ми ја донесе чинијата полна со топли шпагети штотуку сварени и потопени во некој сос на кој името не му го знам, но знам дека е “здрав”.

Додека чекав, ги набљудував моите како длабоко разговараат за некој површен проблем кој нема да им е важен после 5 години. Но, не се вклучив да ги фрлам своите 2 центи во разговорот.

Отсекогаш сум се вклучувала во површни разговори без поента само за да оставам впечаток на личност која е добар слушател и знае да разговара на различни теми. Но, овој пат, немав сила за тоа. А и не ми беше важно, затоа што тоа се моите родители, мојот брат.

Тие и без да им кажам знаат што мислам за бесцелните разговори, па понекогаш и намерно не ме прашуваат површни прашања, како да ме штедат за идни бесцелни разговори.

А како не би знаеле, кога се знаеме скоро 3 децении. Кажувајќи си го зборов ‘3 децении’ ме натера да се потсетам на тоа дека скоро ќе наполнам 30 години.

Ме натера да се потсетам и на тоа дека можеби моите не ме знаат толку многу колку што си мислат и колку што си мислам. Кога ќе размислам подобро, ниту јас не се познавам толку добро колку што си мислам.

Многу работи сум премолчила од нив, а и од сопственото срце. Но, тоа не е и толку важна тема за разговор баш сега.

Мисливе ми ги прекина келнерот кој во раката ја држеше чинијата со тие топли шпагети. Помина со нив пред мојот нос, пред да ги постави на масата.

Во другата чаша држеше варено вино. Моите бледо ја погледнаа чинијата со шпагетите кои испуштаа пареа која се дигаше до жолтата ламба над нашите глави.

Многу ми се допадна таа жолта ламба. Целиот ресторан беше преплавен со жолти ламби кои правеа местото да изгледа потопло отколку што навистина беше.

“Како можеш да плаќаш стотици денари за чинија тестенини кои чинат 50 денари и кои можеш да ги приготвиш дома за само 15 минути?” ме праша мајка ми со разочарувачки поглед.

Не и одговорив ништо, само се насмевав пред да сркнам од вареното вино кое не ни знам дали оди во комбинација со тестенини.

Често се запрашувам, кој кажува што оди со што, и зошто? Вечерата врвеше без посебни моменти, се додека низ високиот прозорец наспроти нас, не го здогледав Марко.

Очите му беа пожолти од сонцето, а крзното поцрно од мојата душа. Стоеше мирно пред прозорецот, со очите фокусирани на мојата чинија.

Иако беше улична мачка, изгледаше чисто. Апетитот исчезна во истата секунда кога го погледнав, претпоставувајќи дека не е јаден со денови.

Можеби и никогаш немал топол оброк. Се почувствував толку лошо. Ова ми беше првиот пат во Белград, град кој мислев нема да ме воодушеви, и бев во право.

Не бев воодушевена, но уште првиот пат кога зачекорив на Кнез Михајлова, се почувствував како дома. Не бев импресионирана, но бев заинтересирана да ги запознаам сите сокачиња на градот, да ги посетам сите историски места, да испијам кафе или чај во сите кафулиња, да го откривам градот дел по дел, онака како што новите љубовниците се откриваат меѓусебно, постепено.

Се обидов да ја голтнам кнедлата во грлото во истиот момент кога Марко го префрли погледот од мојата чинија на подот пред него. Изгледаше како да му беше смачен животот.

Се пронајдов во неговиот поглед. Почувствував мачнина во стомакот, но не затоа што бев гладна, туку затоа што бев презаситена од се и секој. Бесшумно станав од столот, ја облеков јакната, го подигнав новчаникот од масата, и молчејќи се упатив кон излезот.

Марко беше готов да избега кога слушна дека му се приближувам.

Немав јадење со кое би го намамила, но сепак одлучив да го викнам на оној традиционален начин, шепнувајќи ”мац”. Марко застана, а јас ја испружив раката кон него.

Не беше сигурен дали сака да се врати или сака да исчезне во темнината на градот, барајќи го наредниот ресторан од кој можеби некој ќе излезе и ќе му фрли парче месо или леб, чувствувајќи се виновно затоа што изел премногу, не мислејќи ни минута на оние кои гладуваат.

Како да знаеше дека животот ќе му претрпи голема промена од оваа одлука. Сепак, одлучи да се врати. Срцето ми заигра кога започна да чекори кон мене.

Прво ја помириса испружената рака, па почна да се гали во неа со главата. Го кренав во рацете. Мислев дека ќе се обиде да избега, но на мое изненадување, започна да преди.

Како конечно да го пронашол својот дом. Знаеше дека ќе го земам со себе и никогаш нема да го напуштам. Неговата секојдневна потрага по парче сув леб конечно заврши во рацете на 27 годишна девојка која има потреба од спасување и самата, а наместо да работи на себе, се обидува да ги спаси сите околу неа. А кој ќе ја спаси неа? Марко? Или самата таа?

Им мафнав на моите во знак за заминување. Одамна се имаа откажано тоа да го разберат начинот на кој сум одлучила да го живеам животот.

Мајка ми покажа збунетост кревајќи ги рацете и мрдајќи ја главата како да ме прашува што се случува. На тоа, само и го покажав телефонот, симулирајќи и дека ќе и се јавам подоцна.

Пред да заминам, на долниот дел од ѕидот на ресторанот, забележав натпис со мали букви: Ако чекаш знак за да направиш нешто, ова е тој знак.”

Го погледнав Марко во очите жолти како штотоку расцветан сончоглед и му реков “одиме дома”, вовлекувајќи го под палтото.

И двајцата не знаевме каде е тоа, но знаевме дека заедно ќе пронајдеме нов дом во кој неговото стомаче секогаш ќе биде полно, а моето срце исто така.

Но, дали јас некогаш ќе пронајдам вистински мир и спокој? Дали некогаш повторно ќе се убедам себеси дека светот е вреден за спасување?

Дали некогаш повторно ќе се убедам себеси дека и јас сум вредна за спасување?

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This