Топ 6 возбудливи серии кои мора да ги гледате, а јас ги обожувам

Често се прашувам, зошто македонските телевизии не презентираат странски серии кои вреди да се гледаат. Наместо квалитетни парчиња, повеќето прикажуваат турски серии кои не можат да не научат на ништо корисно.

Напротив, повеќето од нив имаат глупава приказна која се врти околу забранета љубов и слични клише животни стории кои немаат никаква вредност. Сите знаеме дека забранетата љубов победува на крајот, барем во овие серии.

Но, сериите кои ќе ви ги прикажам денес, се обожувани од милиони љубители на добра приказна која се врти околу поголеми животни проблеми, како на пример, Prison Break која е на врвот на оваа листа со 6 топ серии кои ги обожувам. Но, повеќе за приказната на секоја серија, може да прочитате под трејлерот од секоја од нив.

Не ги подредив од најдобра кон најлоша, туку по случаен избор затоа што ниту една не е лоша. Сите се одлични. И не знам како ќе ги доживеете вие, но влијаеја врз мене позитивно. Без разлика која ќе одлучите да ја гледате прва, нема да погрешите.

1. Prison Break

Мајкл Скофилд е архитект на затворот во кој отслужува неговиот брат, кој е лажно обвинет за убиство на важна личност во владата и кој наскоро ќе биде егзекутиран на електрична столица. Но, Мајкл не сака неговиот брат да биде убиен за убиство кое не го извршил, па одлучува да се откаже од своjата кариера, и да влезе во истиот затвор. Кога ќе успее во тоа, заедно ќе сковаат план како да избегаат. Но, ќе треба да поминат преку многу препреки, а една од нив е љубовта која се раѓа помеѓу Мајкл и медицинската сестра во затворот. Таа ќе им помогне да избегаат, но дали Мајкл започнал врска со неа само од корист? И дали ќе успеат да избегаат? Кој сакал братот на Мајкл да биде убиен и зошто? Што се крие позади овие, навидум едноставни настани? Дали Мајкл и Сара ќе завршат заедно? Серијата има 6 сезони, од кои 6тата се снимаше пред 2 години поради огромниот интерес кој серијата го буди кај светската публика уште од 2005.

2. The Blacklist

Рејмонд Редингтон е еден од најбараните криминалци на листата на FBI, односно е на првото место на најбараните криминалци во светот. Еден ден, одлучува сам да се предаде на полицијата и станува нивни информант, односно се договара со FBI да ги предава останатите криминалци во замена за неговата слобода. Но, тој договор може да се оствари под услов да соработува со Елизабет, нова инспекторка која влегува на работа, истиот ден кога Рејмонд одлучува да се предаде на полицијата. Случајност? Кај Рејмонд ништо не е сучајно. Тој одбива да споделува информации со нејзините колеги и бара личен контакт со неа. Дали таа е неговата ќерка, како што се сомневаат сите? Или пак Рејмонд се заљубил во младата девојка? The Blacklist во превод значи “Црната Листа” на која се наоѓаат криминалци кои Рејмонд е спремен да ги предаде на полицијата. Но, дали сето ова го прави со посебен план кој оди во негова корист? Како успева најбараниот криминалец да направи полицијата да работи за него, откријте сами. Серијата има 6 сезони, од кои последната се снима моментало. Секој петок во 3 часот наутро излегува нова епизода која со нетрепение ја очекувам.

3. Breaking Bad

Волтер Вајт е обичен професор по хемија кој заболува од рак. Има жена и дете кои треба да ги издржува. Живеат сосема скромно. Но, откако ќе дознае дека боледува од рак и дека ќе го чини цело богатство да се излекува, Волтер го користи своето знаење и способности за кои не е свесен дека ги поседува во креирање на најчистата дрога на пазарот, наречена crystal meth. Никој не може да ја приготви како што може тој, па станува популарен во ваквите опкружувања под псевдонимот “Heisenberg”. Но, Волтер не е сам во ова. Како свој партнер го зема пропаднатиот студент кој готвел од дрогата сам за себе и за своите пријатели. На почетокот нема да се поднесуваат, но нивната чудна врска ќе прерасне во силно пријателство кое ќе ве расплаче. Дали Волтер ќе успее да го победи ракот? Дали неговата сопруга ќе му се придружи во “семејниот бизнис” и покрај тоа што нејзината сестра е омажена за инспектор кој лови криминалци кои продаваат наркотици? Волтер Вајт е еден од најдобрите ликови кои ќе остане долго во вашето сеќавање, затоа што е единствен и глуми одлично во сите 5 сезони од серијата.

4. Arrow

Оливер Квин е богато момче на 20 години кое заслепено од богатството на своите родители преминува во разгален идиот кој постојано запаѓа во неволји и се забавува со различни девојки. Има девојка, но нивната врска ќе се распадне, тогаш кога Оливер ќе ја изневери со нејзината сестра. Но, тоа е здодевниот почеток на серијата. Кога сестрата на неговата девојка ќе одлучи да замине со него на крстарење, започнува колуминацијата која ќе ве запрепасти. Таа ќе умре, односно ќе се удави, додека пак Оливер заедно со татко му кој им се приклучил на крстарењето, ќе преживеат во спасувачки чамец. Но, во чамецот има храна само за еден човек, па таткото на Оливер се самоубива. Пред да се самоубие, го советува Оливер да најде начин да преживее и да се врати во градот, подметнувајќи му листа со имиња кои треба да ги “улови” и предаде на полицијата. После оваа несреќа, животот на Оли се менува комплетно. Од разгален плејбој, тој се претвора во заштитник на градот кој оформува свој тим, тим Arrow со кој заедно го штитат градот од криминалците. Но, дали Оливер ќе успее да избега од своето минато? Дали навистина го штити градот како што мисли или го уништува дополнително? Како ќе заврши соработувајќи со таткото на неговата бивша девојка и сестрата со која ја изневери? Дознајте сами.

5. Better Call Saul

Саул е просечен адвокат кој постојано се натпреварува со својот поуспешен брат кој исто така се занимава со истата професија. Доколку одлучите да ја гледате Breaking Bad, ќе сфатите зошто ја додадов оваа серија на листата. Саул ќе ги “пери” парите на Волтер Вајт во Breaking Bad. Но, како ќе стигне до тоа, може да дознаете во ова парче серија која не се пропушта. Братот на Саул има психчко пореметување кое ќе му ја уништи кариерата. Но, и покрај сите проблеми, Саул ќе остане покрај него до самиот крај. Пореметувањето е лесно надминливо, односно братот на Саул има фобија од светло и зрачење. Живее во куќа без струја и електронски апарати, а кога излегува надвор, се покрива со фолија како заштита од сонцето и зрачењето. На работното место, колегите мора да ги исклучуваат сијалиците секој пат кога имаат состанок. Како ќе успее Саул да се справи со својот брат? И дали неговиот брат ќе му врати на доброто со добрина или ќе се сврти против него и ќе се обидува да го уништи заедно со неговата девојка, која исто така е адвокат, и тоа одличен, па дури и подобар од нив двајца. Како Саул ќе се трансформира од бранител на правото во човек кој “пери” пари дознајте сами. Моментално, серијата има 5 сезони, но нова сезона е на повидок.

6. The Punisher

Френк Кесл е поранешен војник кој ќе доживее трауматично искуство. Неговата жена и две деца ќе бидат убиени од страна на неговите поранешни колеги со цел да се прикрие некоја од нивните тајни задачи. Цел им било да го убијат и него, но Френк ќе преживее и ќе ги казни луѓето кои го убија неговото семејство, меѓу кои е и неговиот најдобар другар. Ќе се изолира целосно и ќе најде обична работа во доменот на градежништвото. Освен убивање на луѓето кои ги убија неговите сакани, тој ќе убива и други лоши луѓе кои ќе му се најдат на патот, а кои повредуваат послаби од нив. Френк ќе стане познат како “The Punisher” што во превод значи “Казнувачот”. Серијата има само две сезони од кои втората се излезе неодамна. Ја очекував со нетрпение и спремна сум да ја изгледам по втор пат. Ете до толку е добра! Впрочем, сите серии на листава се добри, односно одлични и заслужуваат да се гледаат и по втор пат. Која ќе ја гледате вие? Која ви се допадна најмногу? Сте гледале ли некоја од нив досега?

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This