5 Животни лекции кои ги научив од пропаднатите љубовни врски

Раскинувањето, без разлика дали сте биле со некој подолго или пократко време, е секогаш непријатно. Истото важи и за останувањето во токсична врска од непостоечки причини кои постојат само во нашата глава.

Ваквото искуство и покрај тоа што е непријатно и делува лошо врз нас и нашиот живот во глобала, сепак може да не научи на важни лекции кои ќе ни користат понатаму во животот.

Ова го кажувам од сопствено искуство, затоа што во минатото, сум била дел од многу нездрави, токсични врски кои и покрај тоа што ме “оштетиле” емоционално, сепак ме научиле на најважните животни лекции.

Да бидам искрена, кога би добила можност да се вратам назад во минатото, и да променам работи кои биле непријатни за доживување или да спречам настани кои моментално влијаеле лошо врз мене и мојата психичка состојба, НЕ БИ ПРОМЕНИЛА АПСОЛУТНО НИШТО.

Зошто? Не затоа што сум била “лудо вљубена” (неодамна сфатив дека не сум била навистина вљубена во ниту еден од моите бивши партнери, но за тоа ќе зборувам во некој нареден текст), туку затоа што без моето минато, јас немаше да бидам личноста која што сум денес.

А се обожувам каква што сум и не би се менувала за никој, затоа што се сметам себеси за личност со отворен, шарен ум каков што нема секој.

Се сметам себеси за добра личност која е посебна на свој начин. И несовршено совршена, односно секогаш своја.

Звучи како да се фалам себеси, но ако ме читате подолго време или ме познавате лично, знаете дека не сум горделив нарцис кој мисли дека е над другите, туку приземјена личност со имагинирани “крилја” закачени на умот, наместо на телото.

Да се навратам на темата, а тоа се животните лекции кои ги научив од пропаднатите врски, а сигурна сум дека ги имате научено и вие, но не сте доволно храбри да ги примените во практика и да си го подобрите животот, а и себеси како личност.

1. Никој нема да ти каже “благодарам” што плачеше за мене

Ќе ја започнам листата со оваа лекција, која иако звучи клише, сепак е вистинита.

Никој нема да ти каже “фала” што плачеше за мене, наместо да се обидуваш да се осознаеш себеси и да дознаеш што ти ја смее душата. Никој нема да ти каже “фала” ниту за потрошеното време, односно да ти се заблагодари што си крател од времето кое требало да го посветиш на себе, а наместо тоа си го посветувал на личноста која само земала, а не давала ништо за возврат.

Исто така, никој нема да ти каже “фала” што наместо да си го живееш животот, ти си умирал по личноста која продолжила да живее без тебе. Не умирајте за луѓе кои продолжиле да живеат без вас.

Кога тие го можат тоа, истото го можете и вие. Секој е заменлив. А оној кој мисли дека е незаменлив или дека партнерот е незаменлив, е глупав.

Не сакајте луѓе кои не се сакаат самите себе, а многу ги има такви денес, затоа што таквите ќе те натераат да се мразиш што ги сакаш, односно постојано ќе прават да се чувствуваш мизерно без причина, затоа што и самите се мизерни и невредни за вашето време и внимание.

Нема да постоите вечно на оваа планета, па зошто тогаш би го трошеле ограниченото време кое го имате на некој кој не ве вреднува доволно? Наместо тоа, трошете го на себе и градење на живот кој отсекогаш сте го посакувале.

Живејте, наместо да преживувате.

2. Никој нема да те сака како што се сакаш самиот себеси

Ова е дефинитивно една од најдобрите лекции кои ги научив од пропаднатите љубовни врски.

Никој нема да ме сака така како што се сакам самата себе, односно никој нема да се грижи за мене, онака како што јас се грижам за себе.

И знаејќи го ова, не чувствувам потреба некој да ме сака, затоа што знам дека единствената личност која е должна да ме сака и да се грижи за мене на овој свет, сум јас самата.

Ако го сфатите ова, ќе се чувствувате ослободено, онака како што јас се чувствувам денес.

Ниту една врска или пак раскинување нема да има моќ да ја пополнува или вдлабнува празнината која ја чувствувате во себе, затоа што ќе знаете дека единствената личност која може да го направи тоа, сте вие самите.

Сами сте се родиле, а сами и ќе заминете од овој свет. Запомнете го тоа.

3. Подобро е да бидеш сам отколку во врска во која што се чувствуваш сам

Сум била дел од многу врски без врска, односно врски во кои сум се чувствувала осамено.

Но, без разлика дали се работело за врска во која сум не сум била доволно вреднувана, врска во која сум била психички или физички малтретирана или врска во која сум била потценувана и омаловажувана од различен аспект, не се каам што сум била дел од ниту една, затоа што сите тие врски припаѓаат во моето минато без кое не би била личноста која што сум денес.

Врските во кои сум се чувствувала мизерно и осамено, ме научиле дека подобро е да бидам сама, отколку со луѓе со кои што се чувствувам сама.

И сакам да знаете дека ова не се однесува само на љубовни врски, туку на секаков тип на врски, како на пример, пријателски, семејни или роднински.

Денес, ако почувствувам дека сопственото време залудно го губам во друштво на некои луѓе, прекинувам контакт со тие луѓе, затоа што знам дека подобро е да го поминам времето кое би го поминала со нив во свое друштво.

И знам дека ваквата одлука ќе влијае позитивно врз моето секојдневие, затоа што знам дека времето поминато во сопствено друштво не е изгубено време, затоа што тогаш можам да се посветам себеси, да се поврзам со својата “душа” и едноставно да уживам во добра книга, кафе, оброк кој ќе си го зготвам сама или да се дружам со своите миленици кои го заслужуваат моето време и внимание повеќе отколку некои (сите) луѓе.

Затоа, ако се чувствувате осамено, обезвреднето или мизерно во нечие друштво, напуштете го тоа друштво и започнете да се дружите со осаменоста. Таа е секогаш расположена за дружба, и никогаш нема да ве изневери, напротив ќе ве научи како да уживате во сопствено друштво, односно како да се посветите на себеси.

Ако се плашите од самотија, и поради тоа останувате во токсична нездрава врска во која се чувствувате сами, подобро е да заминете и да останете сами, пред да се изгубите себеси во целост.

Ако сакате некој, тоа не значи дека треба да останете со личноста по секоја цена. Ако врската со некој не оди, одете си вие.

4. Понекогаш се заљубуваме во љубовта, наместо во личноста

После многу пропаднати врски, конечно собрав храброст да се запрашам, дали сум била вљубена во љубовта или во мажите кои се преправале дека ми ја даваат истата?

Одговорот беше очигледен, затоа што не можеш постојано да се вљубуваш во различна личност и да мислиш дека таа е “вистинската”. Благодарение на ова сознание, сфатив и дека не постои вистинска личност, туку луѓето сами го измислиле тој феномен, затоа што не можеле да ја поднесат суровата вистина. А таа е дека не постои некој за секој, туку сакаме да се тешиме дека тоа е така.

Ова беше уште една лекција за животот која ја научив благодарение на пропаднатите врски и сум многу благодарна на себеси што имав храброст да се соочам со неа, затоа што денес знам дека никој не мора да ме сака. Никој не е должен да ме сака.

А доколку чувствувам гнев кој некој затоа што не ме сака, тоа значи дека нешто не е во ред со мене, односно јас не се сакам себеси доволно, па затоа барам некој кој ќе ми искажува нежност и внимание, мислејќи дека може да ја пополни празнината во мене.

А вистината е дека никој не може да ја пополни таа празнина, освен јас. И не со љубовта на некој друг кон мене, туку со сопствената љубов кон себеси. Оние со отворен ум, ќе сфатат. Останатите, обидете се.

5. Нема ништо лошо во тоа да останеш сам

Не знам како е во различни делови од светот, но во Македонија, сите знаеме какво е мислењето на толпата за луѓето кои одлучуваат животот да го поминат сами.

Сите претпоставуваат дека нешто не е во ред со тебе, ако останеш сам. А никој не го става прстот на чело и да се запраша, дали е подобро да останеш сам, ако не запознаеш личност која е сутабилна за тебе? Или пак е подобро да останеш со било кој, само за да не останеш сам?

Според мене, подобро е да останеш сам. И нема ништо лошо во тоа да останеш сам до крајот на животот. Ќе повторам по стоти пат, се дури не сфатат луѓето со закржлавен мозок, дека сами сме родени на овој свет, а и сами ќе си заминеме од него.

“Љубовта” е само попатна станица на која се качуваме со цел да ја разбиеме монотонијата на постоењето и да си го окупираме мозокот со “љубовни ”глупости, односно да си дадеме смисла на животот.

Ајде да се соочиме со фактот дека животот нема смисла, туку самите му ја даваме. И секој има право да даде своја смисла на својот живот без да биде осудуван. Секој има право да остане сам, ако тоа е негова желба без да биде етикетиран како личност со која нешто не е во ред.

Сите вие кои се двоумите дали постои вистинска личност за вас, и се чувствувате лошо поради тоа што не сте ја пронашле, знајте дека таква личност не постои, затоа што вистинска личност не постои за никој.

Исто така, не треба да се чувствувате лошо ако сакате да останете сами, наместо со личност која не ве заслужува, односно да бидете со некој, само за да бидете со некој.

Знајте дека се е во ред со вас, но очигледно нешто не е во ред со нашето општество кое ги тера луѓето да мислат и постапуваат така.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This