За сите кои немате слушнато за него, Халед Хосеини е еден од најдобрите автори на денешницата.
Роден во 1965 во Кабул, Авганистан, Халед има напишано многу книги и можам да кажам дека оние кои веќе сум ги прочитала, се неверојатни.
После дипломирање, тој работел како доктор во Калифорнија, работа која ја споредувал со договорен брак. Неговиот татко бил дипломат.
Кога Халед имал 11 години, неговото семејство се преселило во Франција. Четири години подоцна, аплицирале за азил во Америка, каде подоцна станале државјани.
Книгите на Халед се бестселери, почнувајќи од првата, Ловец на змејови издадена во 2003, па Илјада чудесни сонца издадена во 2007 и неговата трета книга, И планините одекнаа, издадена во 2013.
Ајде да научиме малку повеќе за овие три книги.
1. Ловец на змејови
Ловец на змејови беше книгата која ме воодушеви и растажи до бескрај, истовремено.
Незаборавна, тажна приказна за пријателството помеѓу богато момче и синот на слугата на татко му, Ловец на змејови ќе ве натера да се изгубите помеѓу страниците. Делот кој особено ме растажи беше кога синот на слугата беше силуван од страна на повозрасни деца кои подоцна ќе си го добијат заслуженото.
Но, самиот грозоморен акт не ме ужасни и налути толку многу, колку што ме налути богатото момче кое тврдеше дека синот на слугата му е пријател, а кој наместо да го спречи силувањето, скриен гледаше што се случува, а потоа се преправаше како истото никогаш да не се случило.
Приказнава ќе ви го скрши срцето. Ќе се прашувате дали е базирана врз вистински настани и ќе помислите дека доколку е вистинска приказна, Халед, односно самиот автор би требало да се засрами од својата постапка. Страшно ме интересираше дали книгата е базирана врз вистински настани, па започнав да пребарувам интервјуа со Халед, надевајќи се дека ќе најдам видео во кое ќе зборува за книгата.
И најдов. Тој изјави дека некои од настаните се вистински, а некои измислени. Но, не посочи точно кои се вистинските. Најверојатно, затоа што се срами да каже дека можеби силувањето навистина се случило, а тој не превзел ништо за да ја спречи траумата која ја доживувал неговиот најдобар пријател тој ден.
Настаните во приказната ќе се одвиваат уште поинтензивно после срцепарателната случка, но тука ќе застанам. Доколку се двоумите дали да ја прочитате книгата, мој совет е да го направите тоа уште денес.
Сигурно ја има во најблиската книжарница или библиотека.
2. Илјада чудесни сонца
Мислев дека Ловец на змејови е книга која Халед не може да ја надмине со друго дело, се додека не ја прочитав Илјада чудесни сонца.
Човекот е гениј. Раскажува на начин на кој те тера да се соживееш со ликовите. Кога ја читав книгата, буквално ги замислував ликовите и ги чувствував работите кои би требало да ги чувствуваат тие кога би биле реални. Кој знае, можеби дел и од овие настани биле вистински како оние во Ловец на змејови.
Приказната се врти околу Миријам, девојче кое живее со својата самохрана мајка во Авганистан. Нејзиниот татко ја посетува ретко, бидејќи се срами од неа, додека во позадина има друго семејство за кое Миријам сонува да го запознае еден ден.
Девојчето ќе порасне во млада жена и нејзиниот татко кој никогаш не ја сакал, ќе ја продаде на старец, односно, ќе ја омажи за него. И тука е почетокот на нејзиниот крај кој ми го скрши срцето.
За повеќе детали, прочитајте ја сами. Топло ја препорачувам на сите љубители на книги.
3. И планините одекнаа
Книгата која ми остави најмалку впечаток од сите три, е токму оваа.
Не се сеќавам толку многу на неа, бидејќи ја читав пред неколку години, но сепак, во мое мислење, заслужува трето место на листата. За мене, книгата беше збунувачка, но знам дека постојат луѓе кои ја сфатиле подобро и се воодушевени од неа.
Приказната се врти околу сиромашно семејство со две деца, Абдула и Пари. Таткото на децата ќе бара начин како да ги прехрани, и еден ден, ќе одлучи да ја продаде Пари на богато семејство за да ја обезбеди нејзината иднина.
Ќе ги раздели братот и сестрата кои не можат да замислат како е да живеат разделени.
Доколку сакате да дознаете што се случува со Абдула после настанот, и што се случи со Пари и нејзиното ново семејство, дали некогаш Абдула и Пари се сретнале повторно, и каков е крајот на оваа возбудлива, но трогателна приказна, прочитајте ја уште денес.