Што е хумус и зошто сите полудеа по овој намаз + рецепт како да го направите сами

Хумусот е здрав намаз кој може да се користи за појадок или ужина.

Ако не знаете што е хумус, денес ќе ве запознаам со овој вкусен намаз кој е присутен на нашето поднебје веќе некое време.

Хумусот е обожуван од страна на сите поборници на здрава исхрана, посебно од вегетаријанците и веганите. Освен што е вкусен, хумусот е хранлив и идеален како ужинка меѓу оброци.

Може да се намачка на двопек, пециво или брускети. Ако сте повеќе по брзиот оброк, хумусот е одличен здрав избор кога доаѓа до спремање на брз и здрав појадок или брза ужинка за време на паузата на работа.

Јас го пробав хумусот пред околу една недела и можам да кажам дека ме импресионира. Кога прв пат го вкусив, ми делуваше чудно, но со тек на време, започнав да го јадам се повеќе.

Го купувам од Кам, но најверојатно го има и во останатите супер маркети.

Ако имате време и желба, може и сами да си го подготвите дома според следниот рецепт. Но, пред да го приложам рецептот, ајде да се запознаеме со составот на хумусот.

Што содржи хумусот и зошто е здрав за јадење?

Искрено, кога прв пат го слушнав зборот “хумус” ме асоцираше на земја, но не грижете се. Хумусот е направен од леблебии и сусам. Леблебиите се богати со магнезиум, кој е потребен за правилно функционирање на организмот.

Според некои истражувања, магнезиумот помага при хипертензија, односно висок крвен притисок. Луѓето кои патат од хипертензија, најчесто имаат недостаток на магнезиум.

Магнезиумот е исто така потребен за пренесување на нервните импулси, опуштање на мускулите и регулација на концентрацијата.

Тоа значи дека нервите кои ја контролираат работата на срцето може да покажат оптимален перформанс, само доколку имаме доволен внес на магнезиум во организмот. Освен тоа, на мускулните влакна им треба магнезиум како би се собрале.

Другата компонента, сусамот е богат со железо, фосфор, калциум, витамини од Б групата, како и протеини.

Содржи аминокиселини како метонин кој е важен за правилно функционирање на црниот дроб. Ако ве убедив да пробате хумус, и сакате да го направите на своја рака, ова е рецептот.

Потребни состојки:

  • 2 лажици сусам
  • 200 грама варени леблебии варени во 100 мл вода
  • 2 до 3 лажици сок од лимон
  • 2 чешниња лук
  • 50 мл маслиново или сончогледово масло
  • 1 лажица сечкан магдонос
  • Половина лажица мелен црн пипер

Подготовка:

Сусамот се печи во тавче без масло. Половината од сусамот се мели во електрична машина за мелење, а другата половина се остава настрана. Се додава сол во водата во која се варат леблебиите.

Леблебиите се оставаат да оладат после варењето и се додава сокот од лимон заедно со лукот. Сето ова се миксира во бландер за да се добие глатка смеса. Откако ќе го направите тоа, го додавате маслото, магдоносот и црниот пипер, како и останатата половина од мелениот сусам.

Намазот се става во стаклен сад и се покрива со капак. Оставете во фрижидер за да се олади, а потоа намачкајте на парче леб или на омилените солени кекси, како на пример брускети, бејк ролс или некои други кои мислите дека ќе одат добро во комбинација со вкусниот хумус.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This