Долго време чекав за да го напишам овој текст, односно додека труењето на бездомните животни беше интензивно. Долго време чекав, затоа што бев полна со гнев, а и се уште сум кон луѓето кои го населуваат ова тло.
Бев полна со гнев, затоа што таквите луѓе чекорат околу мене, ми се насмевнуваат, живеат “нормален” живот, а јас не можам да ги препознаам.
Бев полна со гнев, затоа што кучињата и мачките кои ги труеја, заслужувале да живеат и да го дишат воздухот на земјата, повеќе од нив.
Луѓето не ги дискриминирам, затоа што не верувам во раса и религија, но ги делам на добри и лоши. Овие вторите ги одбегнувам колку што можам.
И најчесто лошите луѓе се тие кои не сакаат животни и обратно, луѓето кои не сакаат животни, најверојатно се лоши, затоа што, како можеш да мразиш или одбегнуваш невино суштество?
Знам дека ќе кажете, невино суштество, а напаѓа, поради несреќните случаеви низ Македонија. А јас ќе ви кажам, кучињата се попаметни од луѓето. Не би ве нападнале без причина.
Напаѓаат доколку ги провоцирате, удирате, бркате, односно доколку се почувствуваат загрозени. Напаѓаат доколку имаат беснило, повторно проблем предизвикан од луѓето, затоа што ги исфрлиле на улица и не ги вакцинирале.
Но, да не навлегувам во испуштањето на животни по улиците, затоа што таа тема ја разработив во претходен текст и омразата која ја чувствував кон таквите идиоти беше присутна во секој напишан збор.
Да се навратам на темата. Кучињата не напаѓаат, ако не се нападнати или провоцирани. Или пак тренирани да напаѓаат. Затоа, не ми кажувајте дека кучињата се опасни. Не, луѓето кои фрлаат отров, подмолно во храна, се опасните животни од кои треба да се плашиме, кои треба да го напуштат светот, затоа што бесполезно го трошат воздухот.
Таквите луѓе немаат живот. Поради тоа, наоѓаат време за труење на животните. Таквите луѓе немаат совест, а глумат религиозни и посетуваат цркви, надевајќи се дека ќе одат во рајот кој не постои, додека потајно веруваат во сатана. Убиваат, а споделуваат икони на социјалните мрежи за здравје и среќа.
Да ве прашам, има ли некоја икона за чистење на совеста? Ако има, споделете ја и очекувајте да ви се исчисти, исто како што очекувате среќа, а предизвикувате несреќа, која очигледно никогаш не сте ја почувствувале. А и нема да ја почувствувате со злобна крв во вените.
И знаете што? Ќе очекувате се додека сте живи (се надевам не уште долго), затоа што луѓе како вас НИКОГАШ не може да бидат среќни и исполнети.
Вистинската причина зошто луѓето во Македонија трујат бездомни животни е затоа што македонскиот народ е народ кој не се сака самиот себе, народ кој сам си предизвикува проблем, а потоа, наместо да најде решение, го покрива проблемот со уште поголем проблем.
Луѓето во Македонија, а и насекаде низ светот кои трујат, убиваат и измачуваат животни, се луѓе кои НЕ СЕ САКААТ СЕБЕ, а камоли пак друг.
Тоа се луѓе кои слободното време го губат на извршување бесполезни злодела кои нема да го решат проблемот, наместо да го посветат на работа на себеси и својот живот, како и помагање на беспомошните, меѓу кои се и БЕЗДОМНИТЕ ЖИВОТНИ и ширење на љубов.
Но, како кажале, го даваш на светот, тоа што го носиш во себе. А ваквите луѓе носат омраза. Душата им умрела и скапала, па затоа шират смрт, затоа што само така ќе се чувствуваат подобро, односно како да се одмаздиле на светот за нивниот безначаен, бесмислен, МИЗЕРЕН живот. И само така ќе се чувствуваат силни, ако покажуваат сила кон послабиот.
Ова е вистинската причина зошто луѓето во Македонија трујат бездомни животни. И тие се вистинските животни кои се опасни по живот, а не бездомните животни. Зошто? Затоа што УБИВААТ.
А која е разликата помеѓу одземање на човечки живот и убивање на животно? Прашање на време е кога таквата БОЛНОУМНА, ПОРЕМЕТЕНА личност ќе ја премине границата и ќе го покаже своето вистинско лице.