Во суштина, врските се едноставни кога ја разбираме динамиката на љубовната игра.
Но, кога не ја разбираме, може да се доведеме до лудило (посебно девојките), обидувајќи се да ја откриеме тајната на успешната врска која ќе трае подолго од батеријата на телефонот.
Сите знаеме дека секој почеток е интересен и забавен. И помалку конфузен, затоа што не знаеме што да очекуваме од новата личност која влегла во нашиот живот.
Исто така, не знаеме дали врската со таа личност има иднина или ќе пропадне како сите останати. Но, што ако ние девојките сме виновни за пропаѓањето на врските?
Не сфаќајте ме погрешно. Знам дека не сме секогаш виновни за неуспешната врска ние, туку и партнерот кој можеби испаднал идиот. Но, сите знаеме какви се жените кога ќе запознаат маж кој делува совршено.
Мислиме дека е принцот на бел коњ кој сме го чекале отсекогаш. Веруваме дека ТОЈ е вистинскиот, иако според мене, вистинска личност не постои. А повеќе за ова мое размислување, може да прочитате во следниот текст.
Коваме планови за иднината уште пред да го запознаеме партнерот во целост (не можеш да запознаеш некој во целост) и почнуваме да живееме во илузија дека приказната ќе има среќен крај, уште пред да ја доживееме колуминацијата.
Знам дека никој не се обидува да си ја саботира врската (барем на самиот почеток) намерно, туку повеќето го правиме тоа несвесно, водејќи се според чуватвата кои дозволуваме да не обземат и да раководат со мозокот. И тука е нашата грешка.
Немаме контрола врз сопствените чувства и оставаме еуфоријата да не понесе, правејќи ги овие 5 грешки кои ја уништуваат врската уште на самиот почеток.
1. Го гледаме партнерот како предмет за обликување на иднината
Уште не сме го запознале, а веќе планираме како ќе го поминеме остатокот од животот со него.
Поведени од еуфоријата дека е совршен (не е, но тоа го сфаќаме подоцна) сонуваме за љубовни изјави, бел фустан (јас сум исклучок), заеднички патувања, имињата на децата и како ќе се одвива иднината со нашиот совршен дечко.
И нема ништо лошо во тоа, но работите стануваат комплицирани и чудни кога истото ќе започнеме да го споменуваме пред партнерот и да го прашуваме сериозни прашања околу иднината, наместо да го уживаме заедничките моменти.
И моментот во кој почнуваме да го губиме, е токму овој. Наместо да го гледаме партнерот како љубовник, ние го гледаме како предмет за обликување на иднината. А со тоа покажуваме недостаток на љубов кон себе и ниска самодоверба.
Зошто? Затоа што силна и самоуверена жена не планира како да го помине животот со било кој што ќе се најде на нејзиниот пат, туку планира како ќе го помине сама, а доколку наиде партнер кој со тек на време ќе се претвори во најдобар пријател, страствен љубовник и потенцијален животен партнер, таквата жена, наместо да прави планови за свадба, ќе остави врската да тече природно и времето да покаже дали привидувањата се само привидувања или имаат потенцијал за нешто повеќе.
Девојки, кога ќе научиме да се сакаме себеси, тогаш ќе сфатиме дека ничија љубов не може да ни ги исполни срцето и празнината која ја чувствуваме, како што тоа може да го направи љубовта кон себеси.
Затоа, наредниот пат пред да влезете во врска, барајќи некој кој ќе ве сака навистина, прво научете како да се сакате себеси. Доколку мислите дека ова што го кажувам е измислица, ќе ви посочам пример од мојот живот кој ќе го потврди напишаното.
Мој пријател излегуваше со девојка која му се допаѓаше уште од средно училиште. Но, реши да и раскине, затоа што девојката започнала да споменува брак и деца уште на почетокот на врската. Знам дека постојат момци на кои не им пречат ваквите разговори, но повеќето се оддалечуваат токму поради нив.
И со право, затоа што личност која започнува вакви разговори уште пред да ја запознае личноста со која што е во врска подобро, докажува дека не и е важно со кој ќе го дели остатокот од животот, се додека го дели со некој, било кој.
А тоа како што кажав претходно, е резултат на недоволна љубов и почит кон себеси. Или страв дека ќе останеме сами до крајот на животот.
2. Ја анализираме врската и партнерот повеќе од потребно
Фаќаме забелешки како на факултет кога тој зборува и се обидуваме да ги одгатнеме неговите зборови, мислејќи дека позади нив се крие нешто посебно, кога во суштина не се крие ништо.
Момците не се како девојките, односно ретко користат фрази со двосмислено значење, затоа што немаат време и трпение да ја анализираат врската и партнерката повеќе од потребното.
Знаат дека самото време ќе покаже дали партнерот е искрен и дали врската има иднина или не. Но, ова го прават самоуверените опуштени мажи и девојки кои не се плашат од пропаѓањето на врските, затоа што знаат дека подобро е да останат сами, отколку со погрешната личност.
Оние слабите и несамоуверени анализираат повеќе од потребно и живеат во постојан страв од загуба на партнерот, наместо да уживаат во заедничките моменти.
Постојано бараат некој знак кој ќе им посочи дека партнерот е сериозен во врска со нив, и дека сака да остане со нив. А тоа се забележува. И секако, ја уништува врската уште пред да започне.
Зошто? Затоа што девојките започнуваат расправии за ситници кои не се воопшто важни. А тоа го оддалечува партнерот постепено.
Реално, 90% од проблемите во врската не би постоеле, доколку жените решат да се опуштат и престанат со анализирање на непотребни банални детали.
3. Ја официјализираме врската уште на почетокот
Се запознавате, излегувате на неколку состаноци, спиете со него, ви пишува пораки за “добро утро” и веднаш фантазирате за врска. И тоа е во ред.
Но, она што не е во ред е официјализирањето на врската без претходен разговор со потенцијалниот партнер. Или пак притискање од ваша страна, односно поставување на популарното прашање: “Што сме јас и ти?” или “Мислиш дека нашата “врска” има иднина?”
Како прво, што сте вие двајца, ќе покаже времето. Како второ, која врска кога се знаете само неколку дена/недели или пак неколку месеци?
Доколку сакате веднаш да ја официјализирате врската и да покажете на светот дека конечно најдовте некој што ќе ве сака (иако и самите не сте сигурни во тоа), тоа значи дека вие сте заљубени во љубовта, наместо во потенцијалниот партнер кој само што сте го запознале, а веднаш го етикетирате како ваш “дечко”.
Девојки, дајте му време на времето. Каде брзате и зошто брзате? Зарем толку малку се сакате себеси, што си дозволувате да официјализирате врска со некој, само колку да знаат другите дека сте во врска?
Зарем среќата не ви е поважна од мислењето на јавноста? Зарем е правилно да официјализирате врска со личност за која и самите не знаете дали ви одговара?
Зарем навистина мислите дека новата личност која влегла во вашиот живот, не може да забележи дека сте очајни? Зарем сакате да оставите впечаток на очајна личност?
4. Се запоставуваме себеси
Ова е една од најчестите грешки кои ги правиме кога еднаш ќе го “уловиме” партнерот кој сме го посакувале подолго време. Оваа грешка ја правам и јас, најверојатно. Но, тоа ќе се промени веднаш.
И сакам останатите кои ја прават истата грешка, да одвојат повеќе време за себе, отколку што одвојуваат за партнерот и да престанат да се запоставуваат себеси, мислејќи дека нема потреба да изгледаат убаво, кога веќе се во врска. Зарем ние сакаме да изгледаме убаво само кога сме сингл?
И дали сакаме да изгледаме убаво за себеси, или за другите? Секако, одреден процент од нас сака да изгледа убаво и за другите, и да привлекува погледи наоколу.
Тоа е природно. Но, доколку се запоставуваме себеси приватно, а се средуваме само за излегување, односно за јавноста, тоа укажува дека нешто не е во ред со нас.
Девојки, ајде да се средуваме за да се чувствуваме подобро во своја кожа, наместо да се средуваме за да им се допаднеме на другите. Нема ништо попривлечно од самоуверена жена која води постојана грижа за себе.
Не кажувам дека постојано треба да се облекуваме во фустани, да нанесуваме два тона шминка и да носиме високи потпетици на секое излегување.
Алудирам на средена фризура, пријатен мирис, отстранување на влакна на несакани места, средени нокти и останати ситници кои укажуваат на девојка која знае како да се грижи за себе.
5. Го гледаме само она што сакаме да го видиме
Понекогаш, нема потреба да ја уништуваме врската ние, затоа што е осудена на пропаст уште од самиот почетокот.
Но, понесени од еуфоријата, мислејќи дека сме заљубени до уши (најчесто, не сме, туку сакаме да веруваме дека сме), ги игнорираме знаците кои укажуваат дека врската нема иднина, односно дека партнерот не е “вистинскиот” за нас.
Наместо тоа, го гледаме она што сакаме да го видиме. Да, жените имаат таква супер моќ. СЕКОГАШ го гледаат САМО она што сакаат да го видат. И јас ја имам таа супер моќ, но одлучив да не ја употребувам повеќе, затоа што наместо да ми го подобри љубовниот живот, го уништи.
Не плашете се дека ќе останете сами, ако раскинете со партнерот кој штотуку сте го запознале. Нема да останете сами. А и да останете, нема ништо лошо во дружба со самотијата.
Напротив, самотијата може да ве научи на многу корисни лекции за животот, како на пример, како да се сакате и почитувате себеси повеќе и како да уживате во сопствено друштво.
Запомнете дека секогаш е подобро да си сам, отколку со човек кој прави да се чувствувате сами. Кога гледате дека врската не оди, одете си вие.