5 Неверојатни совети кои ќе ти помогнат да започнеш здрав живот кога немаш мотивација

Под поимот ‘здрав живот’ спаѓаат многу работи. Здрав живот претставува здравје, самодоверба, љубов кон себеси и кон другите, работење работа која ја сакаш и која те исполнува, финансиска стабилност, психичка и физичка кондиција. И за крај, внатрешен мир кој води до слобода и апсолутна среќа.

Која од овие работи недостига во твојот живот? Можеби, мислиш дека недостига само една од нив. А можеби, мислиш дека недостигаат сите. Сепак, според мене, доколку недостига една од работите кои ги набројав, автоматски, недостигаат сите. Зошто? Едноставно е. Поврзани се една со друга.

Дали можеш да бидеш среќен, исполнет со љубов, психички и физички спремен да правиш билошто, доколку си болен? Дали можеш да уживаш внатрешен мир, доколку работиш работа која не ја поднесуваш? Дали можеш да имаш високо мислење за себеси, ако ти недостига финансиска стабилност?

Како што можеш да забележиш, сите работи кои сочинуваат еден здрав живот, се поврзани меѓусебно. И доколку фали едно, можеш да изгубиш мотивација за сите останати. Можеш да се изгубиш во светот, кој навидум ти изгледа толку голем и комплициран, а всушност е толку мал и едноставен. Ние сме тие кои комплицираме се.

Денес, ќе споделам неколку совети околу тоа како да започнеш здрав живот кога немаш мотивација. Искрено, овој текст ќе ми помогне и мене, бидејќи во последно време се чувствувам демотивирана. Ќе се обидам да нурнам во сопственото знаење и ќе ги извлечам најдобрите совети кои би си ги дала себе, со цел, да помогнам некому кој се чувствува како мене, дезориентирано и демотивирано. Затоа што, кога помагам некому, сфатив дека всушност си помагам себеси.

Мотото според кое живеев порано беше: “Кога не се чувствуваш добро, прави добро. Ќе се чувствуваш подобро”. Време е заедно да почнеме да го применуваме ова. Време е да си помагаме. И не само за да се чувствуваме подобро ами за да направиме некој друг да се чувствува подобро. Помогни на бездомно лице, нарани улично куче или маче, наполни нечиј стомак, насмевни нечие лице, дај искрен и корисен совет, стопли нечие срце. Направи нешто. Денес. Веднаш. Ти ветувам дека ќе се чувствуваш подобро. А потоа, прочитај ги следните 5 совети кои ќе ти помогнат да си го доведеш животот во некаков ред.

Совет 1: Елиминирај ги негативните мисли и негативните луѓе од животот

Негативните луѓе кои постојано се жалат или ја гледаат само негативната страна на работите, не ти се потребни во животот. Напротив, можат да делуваат штетно врз твојата психа. Доколку сакаш здрав и исполнет живот, треба да се ослободиш од токсичните луѓе кои те трујат со својата негативност на секојдневна база. Без разлика дали се работи за партнер, член на семејството или пријател, собери храброст и оддалечи се.

Ако ти си тој кој пренесува негативна енергија и негува негативни мисли, обиди се да се промениш. Престани да се жалиш и превземи нешто за да ја подобриш ситуацијата во која се наоѓаш. Доколку не ти се допаѓа животот или светот во кој живееш, најди начин да го подобриш и едниот, и другиот. Барај го доброто во секое лошо и ќе сфатиш дека секое зло поседува нешто добро кое можеш да го искористиш како лекција во иднина. Запомни дека не можеш да победиш непријател, ако истиот живее во твојата глава. Но, можеш да го бркаш постојано, се додека не си замине сам.

Престани да се однесуваш како да ги имаш сите проблеми на овој свет, затоа што некој преживува нешто полошо од тоа што ти се случува во моментот. Не го кажувам ова за да те утешам со нечија поголема несреќа ами за да сфатиш дека секој поминува низ различни работи, но не секој се жали и откажува од војната поради една изгубена битка. Фоксуирај се на изнаоѓање на решенија, наместо на изнаоѓање нови проблеми. Животот е едноставен. Луѓето се тие кои комплицираат се. Престани да си го комплицираш животот и уживај во неговата едноставност.

Совет 2: Престани да ги исполнуваш желбите на другите и започни да ги исполнуваш своите

Многу луѓе завршуваат несреќни затоа што одбираат да исполнуваат нечии желби и амбиции, наместо своите. Ќе ти дадам еден пример. Замисли тинејџер кој наместо да ги исполнува своите желби и да ги следи своите соништа, тој ги следи соништата на неговите родители и се обидува да ги исполни очекувањата на родителите за него.

Што мислиш, дали тој тинејџер ќе се трансформира во среќна и исполнета, зрела личност? Можеби, но само доколку се откаже од исполнувањата на очекувањата на неговите родители за него и постави свои очекувања за себеси. Во спротивно, ќе тагува по изгубеното време потрошено на исполнување нечии амбиции, наместо да ги остварува оние своите. Доколку се пронајде во овој пример или се наоѓаш во слична ситуација, те замолувам да се ставиш себеси на прво место.

Ова е твој и САМО твој живот. Никој нема право да те присилува на ништо. Никој нема право ти кажува како да живееш, ниту да ти поставува правила. Никој нема право да очекува нешто, билошто од тебе, а доколку очекува, ти немаш должност да исполниш ниедно очекување. Доколку нечии очекувања одат во твој прилог и ја подобруваат твојата местоположба и благосостојба, тогаш е во ред. Но, доколку водат до твоето самоуништување и потиштување на духот, тогаш не е во ред.

Без разлика дали се работи за партнер, пријател или семејство, никој нема право да го живее твојот живот наместо тебе. Превземи го кормилото на твојот брод во свои раце и смени го курсот по твоја желба. Само така можеш да водиш здрав и исполнет живот.

Совет 3: Дај отказ на работното место кое не го поднесуваш и тргни во потрага по нова работа

Не плаши се да дадеш отказ на работното место кое не ти причинува задоволство. Напротив, ти причинува незадоволство и несреќа. Едноставно, те уништува од физички и психички аспект. Не можеш да водиш здрав живот доколку работиш работа која не те исполнува, работа која не ја поднесуваш, работа која води кон твоето психо-физичко распаѓање. Не можеш да останеш позитивен и пријателски настроен доколку секој ден си опкружен со негативни луѓе кои не знаат ништо повеќе од озборување, клеветење и газолижење за повисока позиција на нечесен начин, додека истовремено се обидуваат да упаднат во твојот личен простор и да ја нарушат твојата приватност.

Сум била опкружена со вакви луѓе. И морам да посочам дека никогаш не сум издржала подолго од неколку месеци во нивно присуство. Не ти препорачувам да трпиш работа која не ја поднесуваш и колеги кои те ужаснуваат само поради финансиска стабилност. Наместо тоа, фокусот насочи го кон наоѓање на нова работа која ќе ти причинува задоволство, работа која те прави да се чувствувате навистина продуктивно, работа која ќе те исполнува наместо да те празни од секаков аспект, како моменталната работа која ја работиш. Запрашај се, која работа би ми причинувала задоволство? Каде можам да ја најдам?

Кога ќе си го одовориш прашањето, започни со потрага, превземи почетнички чекори и не откажувај се додека не ја пронајдеш работата од соништата или барем нешто приближно на тоа. Доколку твојата финансиска состојба не е на завидно ниво, задржи ја моменталната работа, се додека бараш нова.

Се што можете да замислиш и посакаш, е остварливо. И само 100% од луѓето кои не се обидуваат, не успеваат. Доколку твојот сон е да започнеш свој бизнис, направи го тоа уште денес. Направи план и не откажувај се без разлика на се. Па дури и по цена на твојот живот. Доколку мислиш дека моето размислување оди до екстремни размери, одговори ми на следното прашање.

Дали е подобро да умреш незадоволен, преживувајќи живот кој не ти се допаѓа или да умреш со насмевка на лицето, знаејќи дека си дал се од себе да живееш како што сакаш ти, според свои правила? И во двата случаеви ќе си заминеш од овој свет. Тоа е неминовно. Обиди се да си заминеш со насмевка на лицето.

Совет 4: Посветувај си макар 1 минута на себеси, секој ден, без исклучок

Најважниот човек во твојот живот си ти. Сакам оваа реченица да ја сфатиш сериозно, затоа што доколку секогаш ги ставаш работата, семејството, пријателите, партнерот на прво место, наместо твоето психо-физичко здравје и благосостојба, ќе пропаднеш. И психички. И физички. Без разлика колку си зафатен во текот на денот, најди време да уживаш во омилената купка, да прочиташ неколку страници од твојата омилена книга, да ги направиш вежбите клучни за одржување на твоето тело, да се напиеш кафе во свое друштво и да уживаш во тишина. Едноставно, најди време за себе.

Никој нема да ти каже благодарам што ги стави моите потреби пред твоите во иднина. Никој нема да ти се заблагодари за потрошеното време на нив и нивните проблеми. Никој нема да ти оддаде почит за се што си направил за нив, а не одело во твој прилог. Напротив, одело во твоја штета. Затоа, секогаш ставај се на прво место. Најди време да си го измиеш автомобилот и да уживаш во самотијата. Најди време да си ги средиш ноктите, веѓите, косата. Најди време да се погрижиш за себе пред да започнеш да се грижиш за другите и се останато. Како кажуваат, не можеш да послужиш чај од празнен чајник.

Се надевам дека ме сфати што сакам да ти кажам. Ако не се погришиш за себе, нема да бидеш способен да се погрижиш ниту за другите. Единствена работа која можеш да ја ставиш пред себе се твоите амбиции на одреден период. Зошто? Затоа што опсесијата со амбициите понекогаш е клучна за остварување на истите. Сепак, секогаш кога чувствуваш потреба за полнење на батериите, направи пауза и повторно стави се себеси на прво место.

Совет 5: Направи распоред на обврски кои треба да ги завршиш, а ги избегнуваш подолго време

Запишувај си на лист хартија или во телефонот што треба да завршиш во текот на денот. На почетокот на листата стави ги обврските кои ги избегнуваш подолго време, а би се чувствувал подобро доколку ги завршиш. Наместо да ги одложуваш работите од кои се плашиш, заврши ги што поскоро. Надмини го стравот со тоа што ќе се соочиш со него. Стравот е страшен само за оние кои му се плашат. А од денес, ти си бестрашен. Ниту една обврска не е вредна да го уништи твоето расположение.

На прво место ставај ги обврските кои ти причинуваат помалку задоволство бидејќи така со овозможуваш што побрзо препуштање на обврските кои уживаш да ги извршуваш. Ќе ти дадам еден прост пример. Замисли дека денес треба да го исчистиш твојот дом, но твојата нова купка со мирис на ванила те чека на полицата во бањата. Нели е подобро да го исчистиш домот, а потоа да уживаш безгрижно во купката, отколку да се обидеш да уживаш постојано ужаснувајќи се од обврската која те чека подоцна. Практикувај го советот и ќе забележиш подобрување во твоето расположение.

Имам уште неколку екстра совети за подобрување на твојот живот кои ги искористив за подобрување на сопствениот. Секое утро, откако ќе се разбудам, запишувам на лист хартија цели кои сакам да ги постигнам во текот на денот. И со исполнување на секоја цел, без разлика колку безначајно делува, се исполнувам себеси. Оваа техника ми помага да се чувствувам прдуктивно во текот на целиот ден. И како што напоменав, на почетокот од листата ги ставам потешките или понепријатните обврски за да можам целосно да се опуштам на она што целосно ме исполнува подоцна. Како на пример, пишувањето. Или играње со милениците. Или прошетки во свое друштво кои ми помагаат да се пронајдам повторно. Или превземање одредени чекори кои ме водат кон исполнување на мојата следна, голема цел. А тоа е издавањето на мојата втора книга.

Клучен совет кој според мене ќе ти помогне во водење здрав живот не е ветувањето дека ќе се подобриш кое ќе им го дадеш на другите ами ветувањето кое ќе си го дадеш себеси. Вети си себеси дека ќе се подобриш. И одржувај го ветувањето секој ден. На овој начин, позитивните резултати се неминовни.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This