5 Причини зошто девојките влегуваат во нова врска, а се уште го сакаат бившиот

Постојат неколку причини поради кои девојките влегуваат во нова врска, веднаш после раскинување на претходната.

Не кажувам дека не постојат девојки кои се заљубуваат во ново момче и поради тоа ја раскинуваа моменталната врска за да започнат нова, но повеќето девојки започнуваат врска, додека се уште го сакаат бившиот.

Во ред е да се продолжи со животот после раскинување на љубовна врска, односно да започнете да излегувате со некој нов.

Но, не е препорачливо да го правите тоа доколку се уште се надевате дека работите со бившиот партнер ќе се променат кон подобро, односно ќе се обидете да ја регенерирате врската и да започнете одново.

Или пак доколку не се чувствувате спремни за нова врска.

Ова ви го кажувам од искуство. И јас сум влегла во нова врска, додека се уште сум била заљубена во бившиот, а потоа сум се покајала.

И денес, се запрашав зошто сум го направила тоа? Зошто многу девојки носат иста одлука и се покајуваат за истата подоцна?

Постојат неколку причини поради кои девојките влегуваат во нова врска, а се уште го сакаат бившиот, а ова се неколку од нив.

1. Мислат дека ќе го направат бившиот љубоморен

Ова е најчестата причина поради која девојките започнуваат врска со некој нов, додека се уште се заљубени во бившиот.

Мислат дека со таа врска ќе го направат љубоморен бившиот партнер и ќе го натераат да сфати што изгубил. Но, исходот е секогаш спротивен.

Бившиот партнер ќе сфати што изгубил навистина, односно ќе сфати дека изгубил жена која не го сакала штом влегла во нова врска и се препуштила на друг маж, само за да го направи љубоморен.

Ќе сфати дека не го заслужува и ќе продолжи со животот. А девојката ќе биде таа која ќе се обиде да го врати повторно, односно ќе постигне спротивен ефект од посакуваниот.

Доколку навистина сакаате да ги направите бившиот љубоморен, односно да сфати што пропуштил, работете на себеси. Станете најдобрата верзија од себеси. Излегувајте и забавувајте се, флертувајте, но не влегувајте во нова врска преку ноќ.

Кога ќе се фокусирате на себеси и својот успех, тогаш бившиот повторно ќе се фокусира на вас, сфаќајќи дека изгубил вистинска, независна жена која се сака повеќе себеси отколку него. И тоа е она што ќе го врати.

2. Мислат дека се спремни за нова врска/романса

Некои девојки не сакаат да го направат бившиот љубоморен, туку влегуваат во нова врска, затоа што сакаат да продолжат со животот и мислат дека се спремни за нова врска или кратка романса која ќе им го скрши срцето, повторно.

Кажувам дека ќе им го скрши срцето повторно, затоа што жените се комплицирани суштества. Дури и кога кажуваат дека не сакаат врска и излегуваат со некој без обврски, тие сонуваат истата врска без врска да прерасне во врска, односно во љубовна приказна од бајките.

Девојки, доволно сте паметни и возразни за да сфатите дека љубов како од бајките, не постои.

Кога раскинувате со една личност, дајте си време да ги залечите раните, и запрашајте се што навистина сакате од животот, каков партнер би одбрале во иднина и поминете одреден период во свое друштво, осознавајќи се.

Работете на себеси. Успејте во она што го сакате. Изградете кариера. Едноставно, дајте си време.

И дајте и време на љубовта сама да влезе во вашиот живот, наместо да се сплеткате со првиот кој ќе ви каже дека ве сака и ќе ве осипи со комплименти.

Убавите работи доаѓаат подоцна во животот, односно кога сме спремни за да уживаме во нив. Запомнете го тоа и не втурнувајте се веднаш во нови прегратки, додека се уште косата ви мириса на старите прегратки.

Никој не е спремен за нова врска преку ноќ.

Не бидете со некој само за да бидете со некој, туку останете сами за да сфатите како сакате да продолжите понатаму.

3. Се чувствуваат осамено и изгубени без маж во животот

Постојат жени на кои им се потребни мажи за да се чувствуваат исполнето.

Таквите жени немаат самодоверба, односно љубов кон себеси, затоа што се зафатени пружејќи љубов на секој кој ќе влезе во нивниот живот, гледајќи го како партнер за долга врска, која ќе прерасне во брак.

Тие сонуваат дека ќе се омажат за принцот на бел коњ, не земајќи во предвид дека принцот е всушност само уште еден коњ кој ќе им го скрши срцето повторно.

Ако и вие се чувствувате осамено и изгубено без маж во животот, односно скокате од врска во врска веднаш после раскинување, запрашајте се, дали сте заљубувате во мажите кои се преправаат дека ве сакаат или пак се заљубувате во лажната љубов која се преправаат дека ви ја даваат?

Дали сте родени со некој маж за рака? Дали е задолжително да имате маж, без разлика дали истиот е оној вистинскиот?

Дали толку малку се сакате себеси што не си давате време и простор да се запознаете какви сте и да се запрашате што навистина сакате од животот?

Дали навистина сакате да останете сопруга и мајка до крајот на животот? Зарем не сакате кариера, патувања, забави, слобода?

Знам дека ќе кажете дека со вистинскиот дечко или сопруг, сето тоа може да го правите заедно, но и јас, и вие, знаеме дека вистината е далеку од тоа.

Запомнете дека не сте осамени, се додека се имате себеси и не се напуштите. Исто така, запомнете дека се чувствувате изгубени без маж, затоа што сте се изгубиле себеси, барајќи некој друг.

Сте ја изгубиле самодовербата и слободата кои е време да ги вратите назад и да застанете на свои нозе. Не ви е потребен маж, за да бидете среќни, запомнете.

4. Мислат дека задолжително е да се има маж покрај себе

Ако си сам/а во Македонија, тоа значи дека нешто ти фали. Барем така кажува баба ми, а знам дека така ви кажувале и вас уште од мали нозе.

Но, денес, кога сте способни да размислувате со своја глава, запрашајте се, дали е задолжително да се има маж покрај себе?

Не кажувам дека треба да го поминете остатокот од животот сами, туку сакам да ви дадам дознаење дека не е задолжително да имате маж покрај себе за да се чувствувате среќно и исполнето.

Никој нема да мисли дека нешто ви фали, ако сте сингл. А доколку некој ви даде дознаење дека го мисли тоа за вас, само насмевнете се и заминете. Не постои правило според кое треба да го живеете животот.

А луѓето кои ги измислиле правилата, сигурно имале здодевен живот и затоа измислиле обврски и правила според кои треба да се водиме, не само за да опстоиме како луѓе, туку и за да си дадеме смисла на животот, која впрочем и не постои.

Смислата на ТВОЈОТ живот ја одредуваш ти и САМО ти. Бракот, како и врските не се задолжителен дел од животот. Во ред е да бидеш сам одреден период или на долга стаза, ако така си посреќен.

Не е во ред да бидеш со некој, само за да бидеш со некој, односно да следиш правила на закржлавено општество како нашето во кое сите мислат дека е задолжително да имаш партнер покрај себе.

Не, задолжително е само да се умре и да се плаќа данок, ништо повеќе.

Задолжително е се грижиш за својата среќа, наместо за среќата на другите кои мислат дека имаат право да ти кажат како да си го живееш животот.

5. Немаат самодоверба и љубов кон себеси

Оваа причина ја разработив во претходните причини.

Жените кои влегуваат од една во друга врска без размислување, односно без љубов, мислејќи дека искрата на шанкот со момчето кое им дало дознаење дека се убави, е љубов, немаат самодоверба, односно не се сакаат себеси.

Знам, затоа што бев една од нив, се додека не сфатив дека јас бев заљубена во љубовта, а не во мажите кои се преправаа дека ми ја даваат.

Ја сакав љубовта, повеќе отколку што се сакав себеси, се додека не сфатив дека најважната личност во мојот живот сум јас. И јас заслужувам живот кој отсекогаш сум го посакувала за себе. Јас заслужувам слобода која не би ја заменила со ропство.

Јас заслужувам созревање, затоа што само така ќе сфатам која сум јас навистина, затоа што само така ќе си ја повратам самодовербата. И само така, ќе се заљубам повторно во себе, пред да се заљубам во некој друг.

Се надевам дека и вие ќе го направите истото, но не за новата личност која ќе влезе во вашиот живот во иднина, туку за себе.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This