Откако на девојките им дадов предлог кои мажи да ги избегнуваат, решив истото да го сторам и за момците. Веќе знаете дека жените се поинтутивни кога станува збор за тоа кој да се одбегнува, а кој вреди да се задржи (иако не многу често ја користат интуицијата). Но, момците ја немаат таа ‘супер моќ’.
Токму поради тоа решив да направам листа со 5 типови на девојки кои момците треба да ги избегнуваат под секој услов.
1. Госпоѓица “Флертувам со сите”
Постојат девојки кои ќе ве привлечат со својот флерт, лажна самодоверба и супериорност во друштвото, а откако ќе го сторат тоа, ќе направат да се чувствувате како да сте посебни и единствени се додека не се заљубите во нив.
Откако и тоа ќе се случи, ќе започнат да флертуваат со сите околу вас, па дури и со вашите пријатели. Тоа го прават затоа што нивната самодоверба не е на завидно ниво како што сте замислувале, туку е ниска и само со привлекување на други момци, овие девојки се чувствуваат посакувани и вредни.
Исто така ќе забележите дека нивната супериорност е само очаен обид да бидат центар на внимание, повторно од истата причина – за да се чувствуваат вредни, затоа што веруваат дека не се ништо посебно, па потребен им е некој да им го докаже спротивното.
Комплиментите за физичкиот изгледот кај ваквите девојки треба да бидат постојани. Во спротивно ќе бараат нова жртва која ќе ги убедува дека се најубави и најдобри секој ден, само затоа што не се ценат и почитуваат себеси доволно.
2. Госпоѓица “Секси сум и знам дека сум секси”
Постојат девојки кои ќе ве привлечат со физичкиот изглед со кој го прикриваат плиткото размислување. Ваквите девојки знаат дека се убави и ја користат својата убавина за да ги манипулираат мажите.
Иако се плитки, мислат дека се итри и паметни. Тие никогаш нема да направат да се чувствувате посебно, затоа што не ги гледаат мажите како личности, туку како трофеи.
Напротив, ќе направат да се почувствувате како да сте недоволно добри за нив, затоа што, нели, тие се најдобри. Или барем така си мислат.
3. Госпоѓица “Абе јас сакав да платам”
Овие девојки се класични спонзоруши кои знаат дека треба да глумат независни на почеток од врската со цел да не се посомневате во нивниот единствен интерес кон вас, а тоа се парите.
Кога односот помеѓу вас ќе почне да се загрева, често ќе ја слушате често реченицата: ‘Абе јас сакав да платам’, додека пак во подоцнежните фази од врската, таа реченица ќе премине во: ‘Плати сега, па јас ќе платам наредниот пат.’
Не мора да наведувам дека нареден пат кога тие навистина плаќаат не постои.
4. Госпоѓица “Не знам што сакам ама ти би требало да знаеш”
Ваквите девојки се напаст. Тие никогаш не знаат што сакаат, но очекуваат вие да знаете.
Една од ‘недостатоците’ на луѓето е тоа што не умеат да читаат мисли, но овие девојки како да не го знаат тоа и очекуваат од нивните момчиња да им ги читаат мислите.
Таа секогаш ќе биде намуртена, а вие нема да знаете зошто.
Но, според неа, би требало да знаете што ја навредило или повредило. И згора на се, понекогаш ќе треба и да се извините за ‘стореното’ без да знаете за што се извинувате.
5. Госпоѓица “Балон”
Читала паметни статуси на социјалните мрежи, па успеала да ве привлече со својата ‘интелигенција’. Глуми мистериозна за да го прикрие недостатокот на знаење, а вие се радувате што конечно сте пронашле паметна и интересна девојка.
Но, ништо не останува скриено вечно, па така со тек на време, ќе сфатите дека вашата мистериозна девојка наликува на балон – надуена и празна.
Овие девојки делуваат за мистериозни и паметни кога ќе ги запознаете, не затоа што навистина се такви ами немаат што да кријат, додека вие се заљубувате во нивните ‘мистериозни’ очи.