5 Знаци дека нема да ја остави девојката/сопругата за тебе

Започнувам со пишување на текстот, и си се насмевнувам самата во себе. А и на себе.

Ве замислувам како се прашувате, од каде знае таа дали тој ќе ја остави девојката или сопругата за мене. А кога би знаеле колку пати сум била ставана на второ место, односно сум била втора жена во животот на мажите кои биле со мене, нема ниту да ви дојде на ум таквото прашање.

Ќе си помислите, каква девојка е оваа штом уништува врска или брак.

Добро, се уште не сум уништила нечиј брак. А ниту пак врска, кога подобро ќе размислам, затоа што мажите кои биле со мене, а веќе биле во врска, не ја оставиле девојката и започнале врска со мене, туку останале со неа.

Еден од нив дури и ја ожени девојката која ја изневеруваше со мене, кога таа дозна дека сме заедно. Но, да не навлегувам во моите траги-комични љубовни авантури, можеби ќе зборувам за нив во некој од моите наредни текстови.

Сакам да знаете дека никогаш сум немала намера да уништам нечија среќа или врска, туку да изградам сопствена. Зошто не си одбирала слободни, ќе се запрашате, а јас ќе ви кажам дека на срцето не можеш да му наредиш во кој ќе се заљуби.

Знам, звучи клише. Знам, клише и е навистина. Но, тоа е вистината. Јас не ги одбирав момчињата според нивниот статус на врска, туку според поврзаноста која сум ја чувствувала.

И можам да кажам дека повеќето од нив биле заљубени во мене, а се плашеле да ја остават девојката поради непостоечката “стабилност”.

Со други зборови, нивните девојки им биле сигурен избор кој би можеле да го оженат, без разлика дали ги сакале или не (секако дека не ги сакале штом ги изневериле) и без разлика дали ќе бидат среќни или не.

Денес, на луѓето важно им е само да се омажат/оженат и да имаат “нормален” живот со личност која ја познаваат долго време, затоа што се плашат, односно не им веруваат на новите личности кои ги запознаваат.

Односно, немаат самодоверба и мислат дека нема да најдат личност која би останала со нив. И тоа е во ред. Јас ги разбирам. И ги сожалувам.

Плус, доколку оние кои биле со мене, а имале девојка која навистина ја сакале, немало ниту да помислат да ја изневерат со мене на прво место.

Кои се клучните знаци кои покажуваат дека ТОЈ нема да ја остави девојката за тебе, туку ќе те остави тебе, кога ќе треба да направи конечен избор?

Прв знак: Често зборува за неа и те споредува со неа

Ако ја изневерува со тебе и често зборува за неа, односно те споредува од различни аспекти, нема да ја остави неа за тебе, туку ќе те остави тебе за да остане со неа. Во една прилика, момчето кое ја ожени девојката која ја изневери со мене, ме праша со колку момци имам спиено пред него.

Откако му кажав, ми рече дека девојката која ја имал била невина кога започнале да излегуваат. На некои момци важно им е дали девојката спиела или не со други момци пред нив, посебно доколку планираат да ја оженат. Не ги разбирам таквите од неколку причини.

Прво, зошто тој смее да спие со повеќе девојки пред брак, па дури и да ја изневери, а таа треба да биде невина и верна? Второ, дури и самото пишување на оваа тема во 21 век, ме прави да се чувствувам глупаво, па затоа ќе престанам тука и ќе продолжам со следниот очигледен знак.

Втор знак: Ти дава дознаење дека ужива во сексот со двете

Доколку тој ви дава дознаење дека ужива во сексот со својата девојка, а истовремено спие и со вас, тоа значи дека ќе ве остави за неа. Зошто? Затоа што не е заљубен, односно ве гледа како забава на страна.

Ако е навистина заљубен, ќе го гледа сексот со неа како изневерување. Знам, звучи глупаво. И навистина е глупаво, односно жално да се надеваш дека ќе ја остави неа за тебе, а има секс со двете, како што тоа го правев јас.

Трет знак: Кога поставуваш прашања за иднината, тој оглувува

Кога го прашуваш какви планови има за вас двајцата или кога ќе ја остави, тој наеднаш станува глув, односно нема директен одговор на вашите прашања, затоа што најверојатно не размислувал на теми поврзани со вас и “вашата” заедничка иднина.

Постои можност да исчезнува после таквите прашања, мислејќи дека кога ќе се врати, вие нема да се сеќавате на нив. А не знае дека жените ништо не забораваат.

Четврт знак: Го одложува раскинувањето со глупави изговори

“Дај ми време” е легендарниот изговор. “Не сакам да ја повредам” и “се плашам да не се самоповреди” се уште два најчесто користени изговори кои мажите ги користат за да го одложи раскинувањето, кога всушност, во позадина, смислуваат начин како да ве откачат и да си го продолжи “среќниот” живот со својата девојка.

Петти знак: Ви раскажува планови за иднината во кои не постоите

Ако ви раскажува планови за иднината во кои не постоите, тоа значи дека не гледа на вас како на некој со кој може да гради иднина. Нема планови за заедничка иднина, затоа што не планира да и раскине на девојката.

Девојки, оставете го ваквото момче да си живее “среќно” со девојката, а во иднина избирајте слободни момци, за да избегнете љубовни тријаголници кои најчесто завршуваат со вашето скршено срце и прстен на раката на “саканата” девојка на вашиот заеднички дечко, откако таа ќе дознае дека е изневерена во знак на “љубов”.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This