6 Причини зошто луѓето НАВИСТИНА имаат деца

Различни луѓе сакаат деца од различни причини.

Јас ги сакам децата и планирам да посвојам едно во иднина, но не сакам да имам свое дете бидејќи не чувствувам потреба да “оставам нешто позади себе со мојата ДНК” како што би рекле.

Но, зошто не сакам биолошки деца ќе зборувам повеќе во некој друг текст. Во овој текст, сакам да ги продискутирам причините зошто другите луѓе сакат деца.

Дали луѓето имаат деца само затоа што личностите во врската или бракот се вљубени еден во друг или пак има нешто повеќе позади таа сериозна животна одлука?

Според мене, процентот на луѓе кои имаат деца затоа што се лудо вљубени и сакаат да креираат нешто заедничко со партнерот кое ќе можат да го чуваат и осипуваат со љубов како што е дете, е многу мал.

Повеќето луѓе имаат деца од други причини, како што се следните:

1. Не можат да го прифатат фактот дека еден ден ќе умрат

Смртта е нешто кое што никој од нас не го разбира во целост. Никој не знае дали навистина постои рај и пекол и никој не знае каде заминуваме после смртта. Никој не знае ниту дали заминуваме некаде воопшто или само скапуваме в земја.

И тоа е страшно сознание за многу луѓе. И многу луѓе не можат да прифатат дека еден ден ќе умрат и сите ќе ги заборават како никогаш да не постоеле.

Не можат да прифатат дека не се посебни и нема потреба од тоа некој да ги памети, па затоа имаат деца. Се надеваат дека тие деца ќе им го споменуваат името откако ќе починат и ќе се сеќаваат на нив.

Со други зборови, многу луѓе имаат деца затоа што се плашат од смртта и од тоа дека нема да има кој да ги погреба и памети.

2. Им треба некој кој ќе ги догледа

Исто како смртта, староста е многу страшна за многу луѓе затоа што не можат да прифатат дека стареењето е природен дел од животот.

Но, иако е природен дел од животот и доаѓа со свои убавини, стареењето има и негативни страни, како што се намалување на мобилноста, болести, итн.

Многу луѓе се плашат од овие работи, па имаат деца затоа што се надеваат дека децата ќе се грижат за нив исто како што тие се грижеле за децата цел живот.

Но, тоа ретко се случува. Многу родители завршуваат во старски домови или пак сами од различни причини.

3. Затоа што мислат дека така треба

Многу луѓе имаат деца затоа што мислат дека мажот и жената се родени со една цел – да се размножуваат.

И покрај тоа што имаме веќе 8 билиони луѓе на оваа планета, многу луѓе мислат дека ако тие не се размножат, светот ќе заврши.

И религиите играат улога во оваа одлука затоа што многу од нив промовираат раѓање на многу деца од за мене непозната причина.

Кога би размислила на оваа тема, сигурно би дошла до некаков заклучок зошто религиите промовираат размножување, но ќе ја оставам таа тема за некој иден текст.

Дополнително, многу луѓе имаат страв од озборување, а знаеме дека луѓето се луди по озборување. Општо познато е дека постарата генерација мисли дека нешто не е во ред со оние кои не сакаат деца.

И повеќето од луѓето имаат деца токму поради тоа – не сакаат за нив да се зборува дека нешто не е во ред со нивниот репродуктивен систем.

4. Притисок од страна на родителите

Многу родители ги присилуваат своите деца да им подарат внучиња од причини и за нив непознати.

Кога подобро ќе размислам, претпоставувам дека многу родители ги притискаат децата да имаат деца за да можат да се пофалат со нив на своите роднини, пријатели, и непријатели.

Некои луѓе, посебно оние од постарите генерации ги гледаат внуците како големо достигнување од причини за мене, а сигурно и за нив непознати.

5. Се обидуваат да ја спасат врската од распаѓање

Постојат парови кои имаат деца затоа што мислат дека детето ќе им ја спаси врската од распаѓање или пак ќе ја закрпи веќе уништената врска.

Но, исходот е скоро секогаш ист. Таквите парови на крајот завршуваат разделени, а нивните деца трауматизирани.

Постојат и такви парови кои имаат второ дете бидејќи се надеваат дека второто дете ќе промени нешто во бракот кое првото не можело.

За жал, исходот и кај овие парови е скоро секогаш ист. Таквите парови на крајот завршуваат разведени, а нивните деца трауматизирани.

Постојат и такви случаеви кога парот останува заедно само поради децата, и сите се несреќни заедно, но тоа е тема за некој друг текст.

6. Мислат дека со дете ќе го врзат партнерот за нив

Постојат мажи и жени кои немаат никаков друг квалитет со кој би го задржале партнерот, па единствен начин на кој мислат некој ќе остане со нив е ако имаат дете заедно.

Нема потреба да објаснувам како завршуваат овие парови на крајот, затоа што сите знаеме кој е исходот на присилување на личност да остане со тебе на индиректен начин, како што е со раѓање или зачнување на дете.

Заклучок

Не сакам никој да навредам со овој текст, но скоро сите од овие причини имаат негативно влијание на децата, па и на луѓето кои ги имаат тие деца, без разлика дали истите се свесни за тоа или не.

Според мене, единствена валидна причина за имање дете е љубовта. Доколку навистина го сакаш партнерот и сакаш да имаш нешто заедничко со него, тогаш нема простор за осудување, затоа што ќе имаш дете од љубов.

Но, секоја друга причина поради која луѓето имаат деца е себична и најчесто завршува со трауми кај децата и кај самите нив и нивните партнери.

Доколку сакате деца од некоја од горенаведените причини, ве охрабрувам да ја разработите причината подетално во својата глава и да одлучите дали навистина го сакате тоа дете затоа што сте заљубени или само себични.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This