Луѓето изневеруваат. Тоа е факт. Од различни причини.
Не го оправдувам изневерувањето, но сум поминала низ тоа. Односно, сум изневерила и сум била изневерена. И поради тоа ги разбирам луѓето кои изневеруваат.
Некои тоа го прават поради недостаток на љубов. Други го прават за забава. Трети изневеруваат заради секс и нежност која не ја добиват од партнерот. Додека пак некои изневеруваат, бидејќи не можат да се замислат себеси со еден партнер целиот свој живот.
А кој го воведе тоа правило дека сите треба да се обврземе само кон еден партнер до крајот на животот? Размислете и запрашајте се, кој? Ќе речете, тоа го измислиле луѓето за да креираат заедници, за да одгледуваат деца, за да си го уништуваат животот, бидејќи зошто да биде едноставно, кога може да биде комплицирано, нели?
Заедно се околу 3 години. Забележуваат како полека сите пријатели им испаруваат со изговор дека се ожениле/омажиле, и чувствуваат притисок од пријателите, а и од околината, да го направат истото. Не го споменувам притисокот од семејството, бидејќи тој оди под дифолт. Или пак девојата забременува и тоа е крајот на нивното патување и почетокот на несреќата која ја маскираат во неочекувана среќа.
И така одлучуваат да си го уништат животот со тоа парче хартија на кое се потпишуваат дека ќе се сакаат вечно, односно се додека не одлучат да се разведат. Си ставаат бурма како доказ дека се зафатени, за да ги потсети дека се зафатени кога во бар ќе седнат до искушение, пиејќи поради својот несреќен живот.
Знам дека се занесов малку со раскажувањето. Сакав само да ја доловам бесмисленоста на врските и бракот. И не само во денешно време ами во секое време. Некој ќе каже, во минатото, врските и браковите имале повеќе смисла. Не, немале. А немало ниту интернет на кој може да се поврзиме и да сфатиме дека секој поминува низ истото. Немало социјални мрежи на кои луѓето можеле да се запознаваат виртуелно, односно, да се подготвуваат за да изневерување.
Во минатото, изневерувале, но потајно. И што е најтрагично, не се разведувале, бидејќи не сакале да се посрамотат пред луѓето. Или поради децата кои ги имаат заедно. Денес, обично остануваат заедно поради станбениот кредит и алиментацијата.
Знам дека ќе кажете, оваа полудела, но тоа е реалноста. И не можеме да избегаме од неа. Колку и да го негирате ова што го кажувам, и самите знаете дека го правите тоа, затоа што незамисливо е да се ужива без љубовни проблеми и јадови кои всушност, и не постојат.
Доколку се уште верувате дека истражувањето дали партнерот ве изневерува или не, е вредно за да си го трошите времето на него, продолжете со читање и дознајте ги седумте знаци кои покажуваат дека тој/таа ве изневерува.
1. Вашиот партнер престанал да зборува отворено со вас
Ако партнерот престане да споделува чувства и мислења со вас, односно, доколку престане да разговара отворено со вас, голема е веројатноста да го прави тоа со некој друг.
Кој знае, можеби партнерот ја изгубил довербата во вас. Или мисли дека не го разбирате, па затоа нашол некој кој наводно го разбира и слуша кога зборува. Да не заборавиме дека повеќето луѓе кои поминуваат низ тежок период, често се затвораат во себеси, наместо отворено да зборуваат за нивните чувства.
Доколку вашиот партнер поминува низ тежок период или период на промени, можеби тоа е причината поради која повеќе не разговатате отворено и на длабоки теми, како што тоа сте го правеле во минатото.
Но, доколку ова продолжи во иднина, вашиот партнер дефинитивно ве изневерува и се отвора кон некој друг. Или пак сака да ви раскине, но не знае како да го направи тоа. Или пак останува со вас поради некоја друга причина, како на пример, корист или сожалување.
2. Вашиот партнер избегнува да се гледа со вас
Доколку вашиот партнер избегнува чести средби како во минатото, можеби се гледа со некој друг, па затоа нема време за вас повеќе.
Или пак не се чувствува удобно во ваше присуство, затоа што ве изневерил и не знае како да ве гледа во очи после тоа што го направил. Или пак едноставно посакува да е сам и да си посвети време и внимание на себеси.
Постојат безброј причини поради кои партнерите се оддалечуваат еден од друг и не се гледаат толку често како порано. Но, доколку го чувствувате партнерот отсутен дури и кога е присутен, односно дури и кога сте заедно, дефинитивно размислува на некој друг и не знае како да ви раскине.
3. Вашиот партнер избегнува секс, нежности, прегратки
Сексот е неизбежен дел од една нормална, функционална врска. Исто како искажување на нежности и прегрнување. Доколку сексот престане да се практикува, најверојатно врската ќе се распадне.
Не кажувам дека сексот е клучен за успехот на една врска, но игра важна улога. Зошто? Затоа што доколку нема страст помеѓу партнерите, нема ниту љубов. Доколку нема секс, нема ниту желба за одржување на врската.
Ако вашиот партнер избегнува секс, тоа значи дека го добива на друго место, односно ве изневерува. Секако, доколку поминува низ тежок период или период на промени, нормално е да не размислува на секс постојано. Но, доколку тоа се случува во нормални услови, голема е веројатноста дека партнерот ве изневерува.
Не сака секс со вас, затоа што се чувствува како да го изневерува човекот со кој ве изневерува вас. Звучи чудно, но обично така се чувствуваат оние кои изневеруваат.
Стравот од пренесување на сексуални болести или забременување се присутни кога изневеруваш, па поради тоа, оној кој изневерува, избегнува секс со партнерот.
Искажувањето нежности и прегрнувањето се дополнителен индикатор. Доколку партнерот искажува нежности на друг, не чувствува потреба истото да го практикува и со вас, бидејќи не ве сака повеќе.
А кога станува збор за прегрнување, зошто би ве прегрнувал, кога ве изневерува? Така би се чувствувал како да ве тапка по грб, барајќи место каде да го закачи ножот подоцна. Но, наместо во грбот, ножот во врските секогаш завршува во срцето.
4. Вашиот партнер инсталира апликации кои досега не му биле потребни
Доколку партнерот инсталира Вибер, Скајп или некоја друга апликација за комуницирање која досега не му била потребна, најверојатно ве изневерува.
Сепак, секогаш постои можност да инсталирал апликација, затоа што сака да дознае како функционира. Но, веројатноста таа да е причината е многу мала.
Доколку ги исклучува нотификациите и додава непознати контакти со чудно име или име кое не го споменувал претходно, голема е веројатноста да ве изневерува.
Дополнителен индикатор е забрането допирање на неговиот/нејзиниот телефон, со изговор дека тоа е негова/нејзина приватност. Ако партнерот не крие ништо од вас, зошто би го криел телефонот или би паничел секогаш кога ќе го допрете.
5. Вашиот партнер го исклучува телефонот во ваше присуство
Доколку партнерот го исклучува телефонот во ваше присуство или пак го става на вибрации, голема е веројатноста дека ве изневерува.
Тој/таа најверојатно се плаши дека личноста со која ве изневерува, ќе му прати порака или ќе му се јави, па затоа го исклучува телефонот или го подесува на вибрации.
Постои можност да го прави тоа поради работата или доколку не сака да разговара на телефон и е интроверт. Но, поверојатно е дека ве изневерува.
Дополнителен индикатор е доколку тој/таа одлучи да го промени бројот после одреден период или го “загуби” телефонот, па мора да си купи друг.
Доколку партнерот ве изневерува, постои можност тој/таа да поседува втор телефон за кој не знаете. Или пак картична која ја користи само кога не сте во негово/нејзино присуство.
6. Вашиот партнер е таинствен кога станува збор за неговите профили на социјалните платформи
Доколку партнерот е таинствен околу неговите профили на социјалните мрежи, односно не ви ги открива пријателите или активностите кои ги има на неговиот профил, е доволен индикатор дека ве изневерува.
Криењето на фотографии кои ги има со вас, или бришење на истите, се дополнителен индикатор. Доколку не ви дозволува да ги пребарате неговите пријатели или да погледнете со кој се допишува и слично, дефинитивно ве изневерува.
Оставање на неутрален статус, односно, доколку партнерот не наведува дали е во врска на неговиот профил е истото така знак на изневерување.
Некои ќе кажат дека претерувам со ова, но тоа е вистината. Доколку си во врска и се чувствуваш удобно јавноста да знае дека си во врска, зошто би го криел тоа?
7. Вашиот партнер ве критикува постојано и се обидува да ви раскине
Доколку партнерот постојано ги потенцира вашите маани, ги споменува грешките од минатото и се обидува да ви раскине на суптилен начин, дефинитивно ве изневерува.
Или престанал да ве сака, затоа што доколку сакаш некој, не го критикуваш постојано, ниту пак го потсетуваш на грешките од минатото кои знаеш дека ќе го повредат.
Ако го пронајдовте партнерот во текстот, време е за отворен разговор. Отворете ги картите на маса и поставете го прашањето. Секако дека партнерот нема да ви признае дека ве изневерува.
Но, останува на вас да препознаете дали тоа е вистина или не. И не заборавајте. Не оставајте срцето да препозане ами мозокот и фактите.
Доколку ги забележувате знаците, но не сакате да превземете ништо бидејќи имате доверба во партнерот, престанете да се залажувате и најдете начин да дознаете дали знаците се појавуваат со причина.