И претходно ја разработив оваа тема во текстов 10 Причини зошто жените го оставаат мажот кој го сакаат. Но, мислам дека не ја пренесов пораката доволно јасно. Ако го сакаш, не значи дека ќе останеш со него по секоја цена. Што значи кажаново во суштина?
Ако го сакаш, дали ќе останеш со него по цена на твојата слобода? Дали прифаќаш да бидеш како птица во кафез, а родена си слободна? Дали прифаќаш некој да ти кажува како ќе се облекуваш, шминкаш, зборуваш? Прифаќаш ли да гладува твојата гордост, само за да нараниш нечие его?
Прифаќаш ли да го поминеш животот со личност која те изневерила, и секој ден, да се прашуваш дали тоа ќе го направи повторно, а веќе знаеш дека одговорот е потврден?
И пак ќе те прашам, дали би останала покрај некој што го сакаш по секоја цена? Дали би останала покрај некој кој физички и психички те малтретира? Ако одговорот е да, ќе те прашам, зошто?
Зарем тој некој е твојот господар, а ти си неговиот роб? Зарем ќе му дозволиш на тој некој, кој ниту те родил, ниту те растел, ниту те ранел, ниту те воспитувал, да те повредува на било каков начин?
Ако одговорот е сеуште да, престани да се жалиш дека животот е тежок, и почни да се самосожалуваш, затоа што сам си го одбираш животниот пат и кои луѓе ќе чекорат до тебе.
Престани да кажуваш дека си жртва, затоа што не си. Ти си идиот. Уплашен идиот каков што бев јас еднаш, се додека не сфатив дека ниедна будала нема право да ми го уништува животот и да ми го нарушува мирот.
Ниедна будала нема право да го уништува ниту твојот живот. Ниедна будала не заслужува дел од твоето ОГРАНИЧЕНО време на земјава, ниту пак внимание.
Вниманието и времето го заслужуваат оние кои ја користат првата шанса како последна, оние кои НЕ те земаат здраво за готово, оние кои НЕ те гледаат како забава за една ноќ, оние кои НЕ те ставаат на последно место во својот живот, оние кои се грижат за тебе.
А не оставаат да се чувствуваш загрижен, они на кои си им приоритет, а не опција, оние кои сакаат да ги поминат ноќите со тебе, па дури и тогаш кога сакаш само да зборуваш и да заспиш прегрнат, оние кои не ризикуваат да те изгубат, оние кои не ти кажуваат дека те сакаат, туку ти докажуваат.
Ете тие го заслужуваат твоето време и внимание. Ете со тие се останува, но повторно ќе кажам, НЕ по секоја цена. Луѓе, секој е заменлив. А тој што мисли дека е незаменлив или верува дека саканата личност е незаменлива, е будала.
Сакаш да оставиш некој, но се прашуваш како после него/неа? Имам едноставно прашање за тебе. Како живееше пред него/неа? Епа, исто.
Престани да си го окупираш мозокот со љубовни глупости и фокусирај се на себеси. Осознај се себеси. Патувај. Откривај. Истражувај. Учи. Искусувај нови работи секој ден, па макар и ситници.
Секој голем пат бил започнат со само еден мал чекор. Дали знаеш каде чекориш во животот? А каде сакаш да стигнеш?
Или чекаш партнерот кој го сакаш, а не те заслужува да ти го покаже правецот или да ти нареди на каде да одиш? Ако ти наредува или често те потценува, остави го.
Тебе ти треба некој кој ќе го вади најдоброто од тебе, наместо некој кој ќе ти ја вади душата. Тебе ти треба некој кој ќе те потсетува дека си несовршено совршена, наместо да бара од тебе да се промениш по негов/нејзин вкус. Тебе ти треба некој кому ќе му требаш, наместо некој кој те бара само кога не знае што со себе или кога му е здодевно. Тебе ти треба вистинска личност, па затоа престани да кукаш по лажните и претвори се во личноста во која си сакал да бидеш отсекогаш.
Работи на себе. Работи на својата кариера. Биди успешен. Креирај го животот кој отсекогаш си посакувал да го живееш, наместо да преживуваш, кукајќи секој ден по некој кој не ни помислува на тебе или не те вреднува доволно. Направи план. Исклучи ја љубовта од него. И токму кога ќе успееш во животот, таа сама ќе се појави. И нема да те зароби, ами ќе те ослободи. Затоа што вистинската љубов по тоа се препознава. И единствено реализиран, созреан и успешен човек располага со таква љубов, љубов која не бара ништо за возврат, а дава се.