Тој вари чај, а јас купувам чајни колачи од продавница. Заедно ги макаме во чајот додека пареата ни удира во лицето, се меша низ бакнежите. Јас му давам него, тој ми дава мене, се караме кој да касне повеќе, јас сакам тој, тој сака јас. Ма арни сме си двајцата!
Ми одговара повеќе од омилениот џемпер. Ми ја трга тежината на душата собрана како талог од кафе во филџал. Мојата душа е филџал, во неа врела љубов, тој дува за да не се попари, но на мое чудо пие од неа. Ме пие со секоја голтка, ми ги пие солзите, ми ја тера мелахнолијата, ма арни сме си двајцата.
Кафето ми го заблажува, знае дека се чувствувам горко, знае дека би можела да го пијам и горко, но ме поштедува, ме заблажува, животот ми го заблажува. Сакам да му дадам се, а немам ништо освен љубов. Сакам да му кажам се, но се изморив од зборување, порадо сакам кога делувам наместо да зборувам.
Сакам да го гушнам, но немам сила, рацете ми се лабави, тој ги стега, ме прегрнува, ми дава сила, лежејќи во негова прегратка се чувствувам заштитена, ма арни сме си двајцата.
Ме смее без причина, а јас сум неговата причина за насмевка наутро, ме буди со бакнеж, а не знае дека се уште сонувам. Сонувам за подобро утро, поголема љубов, исполнетост во срцето, немир во душата, горко кафе и сладок живот, го сонувам него како ме носи на раце, заедно се упатуваме кон морето. Влегува се подлабоко, не во мене, во водата, пливаме заедно, не плашејќи се од давење, си викам тој ќе ме спаси, тој си вика таа нема да ме пушти да се удавам. Двајцата се надеваме еден на друг, ма арни сме си двајцата!