Не се важни оние кои сакаат да го променат светот, а не прават ништо околу тоа. Важни се оние кои сакаат да го променат светот и започнуваат од промена кај себеси, а потоа и другите. Доколку сакате навистина да ја видите промената во светот, бидете вие таа промена, бидејќи никој нема да го направи тоа за вас. Да бидеш нечиј пример секој ден е многу лесно, а верувајте и едноставно.
Некогаш ќе мора да се соочиш со сериозни и поголеми работи, но тие ќе ти дојдат во пресрет кога ќе знаат дека си спремен, односно кога ќе видат дека лесно ги извршуваш помалите задачи. Тие задачи ти ги задаваат умот, срцето и човечноста. Ова го сфатив кога гладна се упатив кон сендвичара да си купам нешто за јадење. На враќање не можев да издржам и изедов половина сендвич. Се почувствував сита.
Низ нозете почна да ми се вртка едно кученце кое очигледно бараше нешто за јадење, а јас бидејќи бев доволно сита, му го дадов да го дојаде мојот сендвич. Ме виде еден возрасен маж и ми се насмевна изустувајќи “Браво девојче”. Се почувствував корисно за околината и хумано, што му помогнав на кученцето и од тогаш започнав да ги хранам и другите кучиња на улица. Чувство кое се разбуди во мене во моментот кога човекот ме охрабри, ме натера да сфатам дека сакам да бидам нечиј пример во животот секој ден. Бидете и вие нечиј пример, правете нешто што не би го направил секој. Охрабрувајте ги сите околу вас да прават нешто поразлично и добро. Само така со ќе бидете нечиј пример и ќе станете сечиј пример. И верувајте, тоа иако е мала работа, има големо значење, бидејќи токму малите работи, односно малите промени се оние кои го менуваат овој голем свет.