Дали навистина постои некој за секој?

Грчкиот филозоф Платон напишал дека луѓето некогаш имале четири раце, четири нозе, и две лица. Но, Зевс ги распарчил луѓето на пола поради нивната гордост и оттогаш луѓето ја бараат другата половина, односно сродната душа, додека се живи.

Тоа што Платон го напишал не е поддржано со никакви докази, но интересно звучи, па затоа луѓето го запомнале и пренесувале овој концепт низ годините.

Јас не верувам во овој концепт бидејќи нема никаков доказ дека постоеле богови, а уште помалку дека луѓето имале четири раце, четири нозе, и две лица.

Но, сфаќам зошто луѓето веруваат дека сродни души постојат–има нешто романтично во тоа што Платон најверојатно го измислил.

Низ животот, запознаваме личности со слични вредности и гледишта на животот, и мислиме дека тие се наши сродни души, бидејќи чувствуваме поврзаност со нив на подлабоко ниво.

Но, дали тоа е така затоа што тие се наши сродни души или бидејќи сме слепо заљубени во нив, е тема која секој сам треба да си ја разработи во главата.

Според мене, луѓето би поминувале поубаво во животот кога би престанале да веруваат во “вистинската” личност и сродни души.

Ако веруваш дека некоја личност е креирана само за да биде со тебе на овој свет и во иднина таа личност си замине, ќе бидеш скршен–тоа е најбезопасната варијанта која може да резултира од ваквите верувања.

Постојат и луѓе кои веруваат дека некоја личност е креирана само за нив, и ако не можат да ја имаат тие, нема да може ја има никој друг. И токму затоа, некои луѓе ги убиваат своите сегашни и бивши партнери.

Не можат да прифатат дека луѓето се менуваат, а со нив и нивните чувства кон другите луѓе. Не можат да прифатат дека не се посебни и дека секој е заменлив. И тоа е многу опасен начин на размислување.

Кога луѓето би сфатиле дека љубовта е минлива, и наместо со омраза и одмазда, би прифаќале разделба со желба за среќа во иднина, светот би бил поубав.

Но, луѓето се комплицирани и не сакаат мир, бидејќи кога би живееле едноставно, би се самоубиле. Мора да има некоја драма во нивниот живот за да им биде интересно, нели?

Обично, луѓето кои веруваат во тоа дека некој се родил само за да ги сака нив, имаат големо его, а се емотивно неписмени. Таквите немаат самопочит и не се сакаат себеси.

Кога би се сакале и почитувале себеси, тогаш би ги сакале и почитувале оние без кои наводно не можат да живеат, бидејќи знаат дека вистинската љубов ослободува и не зависи од љубовта на другата личност кон тебе.

Кога некој го сакаш, го ослободуваш, а дали ќе се врати или не, е негова/нејзина одлука. И за крај, никој не е роден со специјална цел да те сака само тебе и да постои само за тебе.

Исто така, вакво пореметено размислување имаат мажите и жените кои од мали нозе се учени дека моногамијата е единствената врска која може да постои помеѓу луѓето, а се друго е неприфатливо.

Ваквите мажи и жени веруваат дека изневерувањето или разделбата е голем грев кој не може да се прости, бидејќи така се учени од мали нозе од нивните најблиски кои размислувањата си ги креирале врз религиски правила, свои слабости, итн.

Дополнително, постојат мажи кои веруваат дека нивниот пол е доминантен, па си дозволуваат да изневеруваат и да ја остават жената, но доколку таа ги изневери и остави нив, тоа е неприфатливо.

Таквите мажи се мизогини, а ова е само еден пример на кој ја изразуваат нивната омраза кон жените која ја маскираат во љубов.

Кога подобро би размислиле, сите правила според кои живееме, сами сме ги креирале. Па затоа, ништо од тоа што го знаеме, нема некоја суштинска смисла. Но, без правилата, животот би бил здодевен, нели?

Тогаш би морале да ја прифатиме реалноста, а таа е дека луѓето се креирани како и секој друг организам на планетата–со цел да се размножува.

Но, бидејќи ние имаме поразвиен мозок од животните, сме измислиле правила кои ќе ни донесат некој ред во општеството. И сето тоа би било во ред кога луѓето би прифатиле дека ние сме ги измислиле тие правила, и дека истите, не се апсолутна вистина според која треба да се живее.

Само така би биле свесни дека љубовта помеѓу луѓето постои, но нема гаранција дека ќе трае засекогаш.

И доколку заврши, наместо да се однесуваме како разгалени деца кои ја загубиле омилената играчка, би се однесувале како возразни кои со крената глава прифаќаат загуби, бидејќи знаат дека не е крај на свет кога некој не ги сака повеќе.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This