Дали некогаш си помислил: “И јас можев да се сетам на ова” користејќи популарна, а сепак едноставна апликација или продукт?
Сигурна сум дека одговорот е “да” бидејќи и јас самата сум го помислила истото. И не само јас ами луѓе кои ги познавам го помислиле ова и ми потврдиле дека обичните идеи се најчесто најпопуларните.
Кога ги именувам како “обични” не реферирам на бескорисни или глупави ами практички и едноставни. А тоа се двете најпривлечни особини на услуга или продукт. Никој не сака да губи време и трпение на комплицирана услуга или продукт.
И кој знае, можеби токму личноста која го чита ова моментално, во себе крие едноставна идеја која ќе им се допадне на сите и ќе стане популарна, а притоа, и ќе му помогне да застане на свои нозе од финансиски аспект. Па дури и доколку нема соодветно образование или искуство.
Стив Џобс, Бил Гејтс и Двејн Џонсон се само неколку од многуте self-made билјардери кои немале соодветно образование, а сепак направиле билиони од своите идеи или талент со помош на упорност и верба во себеси и во своите способности. Но, сепак, разбирам зошто си скептичен околу сето ова.
Кога си неискусен, а сакаш да започнеш свој бизнис, целиот процес ти изгледа комплициран и наменет само за оние кои имаат високо образование или долгогодишно искуство. Но, грешиш.
Доколку имаш силна волја да оствариш нешто и целосно се посветиш на истото, не постои пречка која е несовладлива.
Сепак, постојат неколку едноставни чекори кои треба да ги превземеш доколку сакаш да започнеш свој бизнис кој ќе биде успешен и профитабилен.
Некои од овие чекори се напишани од сопствено искуство, а некои базирани врз темелно истражување на темата.
Пред да започнам да ги набројувам и објаснувам подетално, сакам да истакнам клучен фактор кој ќе го одреди правецот на реализирање на твојата идеја. Тоа е страст. Или пасија. Како сакаш наречи го, но пасијата кон тоа што сакаш да го работиш во иднина е клучна. Барем според мене.
Можеби се прашуваш на што точно реферирам кога споменувам пасија. Според мене, пасија кон нешто што сакаш да постигнеш е всушност сонување со отворени очи за истото. Ќе ти дадам сопствен пример. Кога сакав да ја издадам книгата Жива меѓу мртвите, не знаев како ќе го направам тоа. Но, околу таа книга се вртеше цело мое секојдневие. Пред да заспијам, ја сонував книгата со отворени очи. Буквално го чувствував гмечењето на лисјата во рацете кога ќе замижев. Ноздрите ми беа исполнети со нејзиниот сеуште непостоечки мирис. Бев 100% сигурна дека тоа беше нештото кое сакам да го постигнам за да си докажам себеси, а и на другите дека можам.
Сакав книгата да биде непобитен пример дека доколку нештото го сакаш од срце, и дадеш се од себе за да го оствариш, тоа неминовно ќе се оствари. Сакав книгата да биде нечиј мотиватор за остваруваење на соништа.
Бидејќи, се што можеш да замислиш и посакаш, е реално. Остварливо. Но, мора да имаш пасија кон истото. Мора да го сакаш повеќе отколку што сакаш да одмориш, да направиш пауза, да јадеш, да спиеш, да се откажеш.
Мора да го посакуваш повеќе од се, за да го оствариш. Останатото што доаѓа после тоа, наликува на природен процес.
Не кажувам дека ќе биде лесно како 2 и 2, но патот кој можеби ќе биде попратен со камења, сам ќе те води до посакуваната дестинација. Секако, доколку не скршнеш од него по своја волја.
Се надевам дека сфати што сакав да ти доловам за пасијата. А сега, да продолжам со чекори кои ќе ти помогнат сонот да го претвориш во реалност.
Исто така, се надевам дека не мора да споменувам, дека за да го оствариш сонот, прво треба да имаш сон. Кој е твојот сон? Што сакаш да постигнеш? Човек кој не знае каде оди, никаде не стигнува.
Каде сакаш да стигнеш? Односно, што сакаш да постигнеш?
Кога ќе го најдеш одговорот на овие прашања, ќе сфатиш дека пасијата е веќе дел од твојот сон. Вистинскиот сон. И само тогаш, ќе бидеш спремен да ги превземеш следните чекори.
Чекор 1: Креирај бизнис план
Првиот чекор е креирање на бизнис план кој ќе ја содржи твојата главна идеја, твојата таргет публика, начин на промовирање, со други зборови, прецизни чекори кои планираш да ги превземеш за да ја оствариш твојата цел. И секако, планот треба да е фокусиран на остварување на истата.
Иако изгледа комплицирано, напротив, возбудливо е да ги запишуваш твоите цели на хартија и да се чувствуваш како веќе да превземаш нешто околу остварување на твоите соништа. Бизнис планот ќе те мотивира да започнеш со остварување и ќе ти помогне да дознаеш што точно сакаш да постигнеш.
Доколку не знаеш од каде да започнеш, запрашај се неколку едноставни прашања, како на пример: “Што сакам да постигнам со мојот сон/талент?”
Дали твојот сон ќе го промени начинот на комуницирање помеѓу луѓето? Или ќе им понуди услуга или продукт кој ќе им го олесни животот или ќе биде поефикасна и подобра од веќе постоечките? Доколку твојата цел е само да заработиш пари, тогаш морам да ти кажам дека со упорност можеби ќе успееш во твојата замисла, но ја пропушташ целата забава и убавина во креирање на нешто ново, свежо, оригинално, практично, досега невидено.
Не фокусирај се само на финансиската добивка. Парите секако ќе станат дел од твоето секојдневие ако си квалитетен и истраен. Наместо тоа, фокусирај се да го направиш светот подобро место за живеење. Или барем позабавно.
Бизнис планот не е се прави само за да ти помогне околу осознавање на твоите идни планови, прецизни чекори и крајна цел, туку и за да ти помогне во финансирање на твојот сон доколку истиот зависи од тоа. Со детален бизнис план ќе им дадеш дознаење на инвеститорите или спонзорите кои планираш да ги контактираш за финансиска поддршка, дека си сериозен и целосно фокусиран на својата цел. Ќе им докажеш дека си ги анализирал придобивките, можните загуби, начин на придобивање корисници или купувачи, како и излезна стратегија доколку бизнисот опадне или пропадне (ова нема да се случи ако останеш доследен на себеси и својата крајна цел).
Ако веќе знаеш на кое поле ќе оперираш и која е твојата главна цел, започни да истражуваш пред да започнеш со креирање на бизнис план.
Анализирај го пазарот, публиката која сакаш да ја придобиеш, стекни познавање од полето со помош на книги или онлајн статии посветени тоа поле или некое релевантно од кое можеш да извлечеш поучни информации.
На интернет постојат многу страници кои нудат темплејти за бизнис план. Доволно е да ја искористите клучната фраза “business plan template” во пребарувачот и да најдете готов план кој треба да го пополните со своите цели, замисли, информации, финансии, и се што напоменав претходно.
Некои страници овозможуваат да го спуштиш бизнис план темплејтот бесплатно, додека други наплаќаат за истиот. Во моето пребарување, за да ти помогнам, најдов бесплатен темплејт кој изгледа пристојно за почетник.
Доволно е да се регистрираш на нивната вебстрана на која е овозможен бизнис планот за спуштање и да започнеш со работа. Доколку не ти се допаѓаат онлај бизнис плановите, секогаш можеш да направиш свој следејќи онлајн примери
Чекор 2: Осигурај си финансиска поткрепа или спонзорство
Кога веќе го имаш бизнис планот во рака, самоувереноста и упорноста да успееш во тоа што го сакаш без разлика на се, следен чекор кој треба да го превземеш е осигурување на финансиска поткрепа или спонзорство.
Може да искористиш своја заштеда, да ставиш свој имот под хипотека, да земеш кредит од банка или да контактираш инвеститор кој ќе те финансира, а за возврат, ќе стане твој партнер и ќе поседува дел од твојот бизнис.
Доколку сакаш да започнеш сам и си доволно самоуверен во своите способности и идеи, одбери некоја од првите опции. Но, доколку мислиш дека партнерство со инвеститор е подобра опција за тебе, одбери ја истата.
Финансиските можности се бесконечни. Која опција и да ја избереш, добро анализирај ја истата. Научи се околу процесот на подигање и враќање на парите, предности и недостатоци на партнерството, камати, и се што е поврзано со начинот на кој планираш да го финансираш твојот бизнис.
И не плаши се да превземеш ризик. Најголемиот ризик во животот е да не превземаш никаков ризик. Не задоволувај се со просечен живот. Не си роден за да бидеш просечен.
Чекор 3: Зграпчи го вниманието на твојата таргет публика
Без разлика дали си фокусиран на машка или женска публика, или пак мешана, најди начин како да им го зграпчиш вниманието, како да оставиш свој печат по кој ќе те препознаваат. Биди активен на социјалните мрежи, но не наметнувај се премногу.
Креирај име по кое ќе те препознаваат и тебе, и твојот бизнис или бренд. Не фокусирај се на излитени клише имиња кои се веќе излезени на пазарот, како на пример: “The Best Car Wash” или “Nina Nails” или “Белешките на селската девојка“ доколку се фокусираш на авторска кариера.
Ова се само неколку пародии на некреативни и излитени имиња и “брендови” на кои секогаш превртувам очи. Толку се КЛИШЕ.
Фокусирај се на креирање на нешто свежо и маркантно. Од лично искуство можам да кажам дека псевдонимот Жива меѓу мртвите и вниманието кое истото го привлече на социјалните мрежи, ми помогна во издавање на книгата.
Издавачите не ја ни прочитаа книгата кога ја одобрија за објавување. Колку и да ме направи тоа среќна, толку и ме навреди, бидејќи никој не одвои време да ја прочита, да сподели мислење со мене и да ме искритикува, позитивно или негативно.
Сите беа фокусирани на моето име и вниманието кое го добивам на социјалните мрежи. Знаеја дека книгата ќе биде читана и купувања уште пред да се испечати, па затоа и ми дадоа шанса.
Всушност, кога ќе размислам подобро, јас самата создадив шанса за себеси со тоа што креирав такво впечатливо име, таков псевдоним со длабоко, двосмислено значење.
Но, не заборавај дека името не е најважно, затоа што можеби ќе ти помогне да се истакнеш, но она што ќе го одржи твојот бизнис во живот е квалитетот на твојата работа, твојата мисија и доследност на истата, твојата непрекината посветеност кон публиката и оние поради кои си успеал да постигнеш нешто. Името на бизнисот или псевдонимот ќе те најави, но на тебе пстанува дали ќе го задржиш вниманието или ќе испариш после краток период.
Споделувај ги своите гледишта, размислувања, ставови. Дискутирај на различни табу теми. Крши митови. Одвој се од толпата и пренеси ја својата порака. Всушност, која е твојата порака? Која ќе биде намената на тојот продукт или услуга? Зошто публиката треба да ти даде шанса токму тебе?
Што е она кое го имаш ти, а што другите го немаат? Дали имаш нешто по кое си претпознатлив? Лузна со која се гордееш или некоја доблест?
Дали твојата услуга или продукт е направена на нов начин? Покажи оригиналност и искреност. Тоа е ретко денес. И токму тоа, продава.
Чекор 4: Не откажувај се од војната само поради една изгубена битка
Да претпоставиме дека веќе си ги превзел претходните чекори и нешто не функционира како што треба. Зарем ќе се откажеш од војната само поради една изгубена битка? Зарем нема други букви во азбуката според кои ќе направиш нов план, кога веќе планот “A” пропаднал?
Секогаш биди спремен на разочарување, но очекувај го најдоброто. Не размислувај за пораз, но биди спремен да го пречекаш ако ти тропне на врата. И секако, да го поканеш во својот свет, затоа што поразот ќе те научи како да ги направиш работите правилно наредниот пат.
Откако ќе сфатиш дека поразот е само една од тулите со која се гради мостот до успехот, ќе сфатиш и дека поразот не е ништо повеќе од лекција. И секогаш е добредојден. И не само за да не научи на нешто важно ами за да не мотивира да бидеме подобри, поквалитетни, попосветени, посилни.
Ако сакаш да ја постигнеш својата цел, никогаш не откажувај се од неа. Менувај ги плановите, но никогаш целта. Прилагодувај се на промени, креирај шанси и услови, но никогаш не се откажувај. Томас Едисон, еден од најголемите светски пронаоѓачи рекол: “Не изгубив, само најдов 10,000 начини кои не функционираат”. Прилично мотивациона порака, нели?
Секогаш кога чувствуваш недостаток на мотивација, читај биографии на успешни луѓе, луѓе на кои им се восхитуваш. Ќе сфатиш дека секој успешен човек започнал од 0. Ако секој се откажел на почеток, немало да постои ништо од веќе постигнатото во светот. А кога ќе посакаш да се откажеш, само потсети се зошто си започнал на прво место. Каде ти е волјата?
Чекор 5: Остани реален кон својата публика, а пред се, кон себеси
Во денешно време, кога секој ќе каже било што само за да остане во центарот на вниманието. Кога секој ќе издаде или произведи било што само за да заработи, не грижејќи се за квалитетот на произвотот/услугата и првичниот впечаток кој го остава или луѓето кои ги гази додека се издига кон врвот. Кога секој се претставува дека е нешто што е само за да им се допадне на публиката. Кога се креира само за да се остане релевантен, биди ти кој ќе останеш реален кон својата публика, а пред се, кон себеси. Само така ќе го одржиш бизнисот во живот и ќе се чувствуваш удобно во своја кожа.