Како се преболува личност која никогаш не била твоја навистина?

Девојките најверојатно знаат за што зборувам. А можеби и некои од момците кои се заљубиле во погрешна личност во вистинско време.

Личност која никогаш не си ја имал навистина е авантурата за една или повеќе ноќи, која си посакувал да прерасне во врска.

Или пак личноста која не сакала да остане со тебе, односно те гледала како забава на страна или повремена забава.

Девојки, ако се прашувате како се преболува ваква личност, дозволете да го започнам објаснувањето со три збора.

Откачи го копилето.

Секако, ако се уште те користи како забава на страна или ти се јавува повремено, кога му е здодевно.

Првиот чекор ќе го направите кога ќе престанете да правите будали од себе и да се надевате дека коњот ќе се претвори во принц.

Наместо да тапкате во место со погрешниот, тргнете во потрага по вистинскиот. Но, не може да тргнете во потрага по вистинскиот, со помислата дека МОЖЕБИ погрешниот ќе се промени или премисли и ќе реши да започне врска со вас.

Можеби навистина ќе се промени и премисли, но знаете кога?

Тогаш кога ќе го заборавите.

Втор чекор е дистанцирање. Избришете го од животот.

Прекинете секаков контакт. И посветете се на себе и луѓето кои ги сакате. Правете работи кои ги сакате. Работете на својата кариера.

Станете независни од чувствата кои ве тераат повторно да го побарате, со тоа што ќе си повторувате дека ТОЈ не е вреден за вашето време и внимание, затоа што не ви посветил време и внимание.

А зошто би се опседнувале со личност која не ни помислува на вас?

Зарем сте толку глупави да си го губите времето ограничено на земјава на личност на која не и гајле за вас?

Сега откако убаво ве мотивирав, ќе прекинам со феминизмот и ќе ви се обратам како што си се обраќам на себеси кога сум во слична ситуација.

Девојки, никој не е должен да ве сака и да ви посветува внимание.

Никој не е должен да биде во врска или брак со вас. Никој не е должен да биде во вашиот живот, ако не сака, без разлика дали вие го сакате тоа.

Ниедна личност не е родена со вас за рака. А ниту пак ќе го напушти светот, фатена со вас за рака.

Вистинскиот начин на кој ќе ја преболите личноста која никогаш сте на немале е со прифаќање на реалноста и ЗАБОРАВ.

Времето не лечи ништо, туку заборавот. Знам дека изгледа невозможно на почеток, но е остварливо. Како го знам ова?

Од сопствено искуство.

Го бришиш од животот. Го бришиш од мислите. Мислиш на него дури и кога мислиш дека не мислиш, но после одреден период, исчезнува се.

Ти станува сеедно.

Односно, ПРЕБОЛУВАШ, затоа што сфаќаш дека заслужуваш подобро.

А и личноста можеби заслужува некој подобар од тебе. Кој знае, можеби немало да успеете, ако сте започнеле врска.

Прифатете го “поразот” и продолжете со крената глава.

Ова е последниот чекор.

Никој не е вреден за вашите солзи и нерви. Звучи клише, знам.

Но, тоа е вистината. Прифатете дека не секој сака врска, или пак е спремен за врска во истиот период кога сте спремни вие.

Кој знае, можеби во иднина ќе биде спремен, и ќе сака врска.

Но, вие немате време за чекање. Вие треба да живеете, наместо да преживувате, чекајќи некој кој си го живее животот без вас, да сфати (најверојатно, нема да се случи никогаш) дека сака да биде со вас.

Без секој се може, само навикнати сме да се лигавиме, нели? Ако се запрашувате како ќе живеете без него, личноста која никогаш сте ја немале, потсетете се како сте живееле пред да ја запознаете.

Епа, исто. Можеби и подобро, сега откако го знаете сето ова, односно сте прифатиле дека никој не е обврзан да ве сака.

Ако не ги контролирате емоциите, тие ќе ве контролираат вас.

Не кажувам дека не е во ред да ги да искажувате, туку да научите како да ги пресечете сите емоции, тогаш кога длабоко во себе, знаете дека е безнадежно.

Не зависите од никој на овој свет. И никој не зависи од вас.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This