Кога ти треба помош, потпри се на себеси

Факт е дека без доверба во луѓето, не можеш да бидеш среќен.

Можеби можеш, но доколку имаш луѓе на кои знаеш дека можеш да им веруваш, да им се довериш и да го добиеш нивнито присуство кога сопственото отсуство настапува, би се чувствувал посигурно во овој несигурен свет.

Таквите луѓе во мојот живот се малкубројни. Се бројат на една рака. Но, колку, толку знам дека ќе ја фатат таа рака кога ќе и биде потребен силен стисок.

И покрај тие блиски луѓе околу нас, кои не секој ги има, и не грижете се доколку токму вие ги немате, секогаш сте си доволни самите на себе, не ви е потребен никој доколку сте доволно силни и самоуверени.

Само овој тип на луѓе опстанува сам, и сам најубаво функционира. Јас сум поделена помеѓу овој тип на луѓе и оној, емоционално поврзаниот со луѓето и животните и ситуациите.

Иако знам дека сега се залажав себеси, јас не сум социјална личност, јас сум асоцијална и се обожавам како таква, сепак не можам да ги оставам тие блиски луѓе во мојот живот на цедило, иако знам дека во некои случаеви тие би ми го сториле тоа мене.

Тоа што сакав да го доловам во овој текст е нешто со кое што мора да соочите во животот, доколку сакате навистина да живеете, а не да преживувате и доколку сакате да бидете победници кои се издигнуваат од толпата, а не се мешаат во неа. Вие сте родени сами, сами и ќе заминете од овој свет.

Зошто тогаш очекувате некој да ве сака само вас цел свој живот, зошто очекувате да ви помага постојано, да не ве изневерува повремено? Секој има право да прави што сака во својот живот. Секој има право да ве остави. И да ве изневери. И да не ви помага. И да не ве сака. Што е тука проблемот?

Истото право го имате и вие, но внимавајте. Користете го паметно. Никогаш не повредувајте нечии емоции намерно, бидејќи победниците не го прават тоа.

Тие доколку сакаат да изневерат, прво оставаат, доколку не ве сакаат, ќе ви кажат, доколку не сакат или не можат да ви помогнат, ќе ве известат пред време и доколку сакаат да ве остават, ќе го направат тоа достоинствено, и со почит кон вас, како што заслужува секое човечко суштество на Земјата.

Треба да станете независни, не само од луѓето, туку и од емоциите и ситуациите кои допридонесуваат во вашето психичко пропаѓање. Треба да научите да си помагате себеси, и на другите, колку што можете, како што можете, СЕКОГАШ кога можете, но не очекувајте го истото од нив.

Бидете сами, а луѓето нека ве имаат вас. И запомнете, кога ви треба помош, потпрете се на себеси! А доколку некој се понуди да ви помогне, поштедете го неговиот грб од вашите проблеми. Секој ги има доволно.

Не ти треба никој за да ги решиш твоите проблеми, доколку го разбра текстот дотука, сигурна сум дека си доволно паметен да решиш се самостојно.

Не е ни потребно да ти го опишам чувството на самовосхитување кое ќе го почувствуваш кога ќе сфатиш дека решенијата на сите проблеми се кријат токму во тебе.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This