Колку повеќе сум опкружена со луѓе, толку поосамено се чувствувам

Не знам за вас, но според мене, вистински пријатели, не постојат.

Или пак јас немам запознаено пријатели кои биле целосно искрени кон мене и останале покрај мене или јас покрај нив, без разлика на се.

Во минатото, мислев дека имам вистински пријатели. Но, погрешив.

Вистинските пријатели, не озборуваат со тебе, а потоа озборуваат за тебе со друг. Вистинските пријатели, немаат лошо мислење за тебе, а пред тебе глумат дека си совршен и најдобар.

Вистинските пријатели, не те потценуваат, мислејќи дека се подобри од тебе. Вистинските пријатели, те прифаќаат таков каков што си, единствен. Вистинските пријатели, те разбираат.

Тишината со нив е пријатна, а не загушлива. Дружењето со нив е пријатно бегање од проблемите, а не проблем и обврска.

Во минатото, мислев дека имам вистински пријатели, но погрешив. Вистинските пријатели, прашуваат како ти поминал денот и се интересираат за твоите чувства, внимаваат да не ги повредат.

Вистинските пријатели се интересираат за твојата сегашност и визија за иднината, наместо за минатото и копање по твоите стари рани. Вистинските пријатели ги лечат тие рани, наместо да ставаат сол на нив.

Вистинските пријатели, глумат дека си совршен пред други, а кога заминуваа сите, те критикуваат за да станеш подобар. Вистинските ппријатели, те сакаат таков каков што си, несовршен.

Вистинските пријатели, не мислат дека се подобри од тебе ами подобри со тебе, односно присуството ваше го вади најдоброто од нив и обратно. Вистинските пријатели, грбот ти го чуваат, наместо да забодат нож во него. Тие не тапкаат по рамо во знак на лажна поддршка, туку ја кажуваат суровата вистина. Вистинските пријатели, и тишината ти ја разбираат. Очите ти ги читаат. Те чувствуваат.

Има ли вакви пријатели денес? Не, затоа што вакви пријатели не постојат. Ќе кажете, како знаеш каков треба да биде вистинскиот пријател, кога никогаш си немала вистински пријател покрај себе? А јас ќе ви кажам дека не мора да сум го имала вистинскиот пријател покрај себе, за да знам каков треба да биде еден вистински пријател.

Всушност, сфатив каков треба да биде вистинскиот пријател благодарение на лажните кои ме опкружувале низ живот. Она што никогаш не сум го добила од нив, како на пример, поддршка, искрена критика и совет од срце, топла прегратка, љубов, е она што вистинските пријатели би го пружиле, кога би постоеле.

Токму поради сето ова, колку повеќе сум опкружена со луѓе денес, толку повеќе осамено се чувствувам. Но, лажните пријатели во чие друштво сум се чувствувала осамено, не се единствената причина.

Малоумноста на луѓето, ограничените умови без простор за проширување и подобрување, закржлавеноста на мислите и ниските цели и бесмисленоста на разговорот, што би рекле битолчани “чамче муабет” е она што ме прави посреќна во свое друштво, отколку во друштвото на луѓе со кои се чувствувам сама.

Разговорот со мене, никогаш не е бесмислен. Нема да те прашам со кој спиеше синоќа. Ниту пак ќе озборувам со тебе. Нема ниту да зборувам за утакмици, а уште помалку за политика.

Разговорот со мене, секогаш завршува со прашања кои се плашиш да ги одговориш, прашања кои никој никогаш не ти ги поставил, прашања чии одговори се кријат во најтемните ќошиња од твоите мозочни ќелии, прашања кои никогаш нема да ги одговориш искрено, затоа што не ми веруваш.

Ќе помислиш дека јас сум уште една лажна личност која сака да копа по твоите рани, не забележувајќи дека се обидувам да ти ги залечам. Тоа се прашања кои треба треба да те мотивираат да станеш подобар, односно прашања кои ќе те оживеат.

Луѓето се навикнати на лажни пријатели, бесмислени разговори, површни прашања, мали соништа, озборување, друштва кои прават да се чувствуваат осамени, но остануваат во кругот, бидејќи се плашат од самотија. А не знаат дека самотијата е подобар пријател од луѓето кои те прават да се чувствуваш сам во нивно друштво. Самотијата не озборува. Нема да ти зарие нож во грбот.

Напротив, ќе те натера да се спознаеш себеси. Ќе те “разбуди”. И ќе се навикнеш на нејзиното присуство. Всушност, нема да се навикнеш, туку ќе се навлечеш. И кога еднаш ќе сфатиш дека подобро функционираш сам, отколку со лажни луѓе покрај себе, ќе се претвориш во мене.

И колку повеќе се опкружуваш со луѓе, толку поосамен ќе се чувствуваш. Односно, ќе се чувствуваш  како да губиш драгоцено време на луѓе од кои ништо (корисно) не можеш да научиш, за разлика од самотијата.

Самотијата те учи на најважните работи во животот. Не плаши се од неа. Дозволи и да ти се приближи. Дозволи да ти каже се што треба да дознаеш за себе.

Опкружи се со своите цели и соништа, а потоа оствари ги. Фокусирај се на себеси, затоа што, најважната личност во твојот живот, си ти самиот. Не лажните пријатели кои те прават да се чувствуваш осамен во нивно друштво, туку ТИ и само ТИ.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This