Човекот е само жив мртовец меѓу сите останати живи покрај него, доколку некогаш се откаже од своите соништа.
Човек без соништа е празен човек. Човек без соништа живее еден здодевен живот кој веќе преминал во рутина. Човек без соништа не знае за што живее, а прашање е дали сака се уште да живее.
Дали сте и вие еден од овие живи мртовци кои соништата ги имаат само тогаш кога ќе легнат на перница и ќе сонуваат како би било доколку би ги оствариле истите, но откако ќе се разбудат веднаш се откажуваат од тоа, мислејќи дека не се потребни?
Се лажете, соништата се потребни можеби и повеќе отколку што изгледа, бидејќи доколку немате некоја цел кон која би се стремеле во животот, вие само ќе талкате без правец и нема да знаете каде одите, уште помалку каде ќе стигнете, бидејќи не сакате да стигнете никаде.
Сте имале соништа, но сте дозволиле некој друг да ви ги сруши или пак самите сте ги срушиле со своите мисли кои ве убедувале дека не можете да ги остварите.
Зошто да дозволувате некој да ви ги руши соништата, кога тој никогаш не ви ни помогнал да ги изградите? Зошто дозволувате да живеете во рутина која не ви се допаѓа и ве фрла во депресија?
Секоја вечер ја потиснувате, обидувајќи се да заспиете, а можеби и ја притискате перницата на лице, не сакајќи да ги гледате сликите кои ви излегуваат пред очи.
Се што можете да замислите, бидете повеќе од сигурни, дека можете и да го остварите, треба само да посакате. Бидете упорни, бидете свои, борете се и универзумот ќе ве фати за рака и ќе ве насочи кон патот до вашите соништа.
Патоказите ќе се појават и ќе ви се насмевнуваат, бидејќи и тие ќе се радуваат што некој бил толку храбар да ги следи и не бил слеп да ги види. Пауло Коелјо рекол: „Кога ќе посакаме нешто, универзумот кова завера истата желба да ни ја исполни веднаш”. Тој си ги остварил своите соништа со помош на оваа реченица. А вие? Како вие ја толкувате оваа реченица?
Најверојатно вака: „Кога ќе посакаме нешто, мораме веднаш да се откажеме од истото, бидејќи универзумот ќе ни се сруши над глава и ќе нè убие, наместо да ни помогне. Кога ќе посакаме нешто, мораме да ја убиеме желбата и да продолжиме да живееме во нашиот бесмислен живот, одејќи на работно место кое не го поднесуваме, факултет кој не сме го посакувале, со партнер кој не е тој што го бараме и сонувајќи за соништата кои не сме ги оствариле.”
Дали навистина работата, факултетот и коњот или кобилата наместо принцот или принцезата повеќе вредат од вашите соништа? Запрашајте се и кажете цена. Кажете цена и одговорете на прашањето: “Колку ви платија за да се откажете од соништата?”