Најемотивните љубовни филмови на кои сите сме плачеле

Не знам за вас, но јас сум плачка кога станува збор за љубовни филмови.

И токму поради тоа, одлучив да пишувам за најемотивните љубовни филмови на кои сите сме плачеле. Не ми е гајле дали сте машко или женско. Овие филмови може да расплачат секого. Ако имате предлог филм кој сакате да го вметнам во листата, оставете коментар.

Titanic

Не знам дали е потребно објаснување зошто го ставив Титаник на почетокот од оваа кратка листа со најемотивните љубовни филмови на кои сите сме плачеле. Филмот е приказна креирана според вистинското потонување на бродот Титаник во 1912 година во Атланскиот океан. Титаник беше снимен во 1997 со буџет од $200 милиони и постигна невиден успех.

Не постои девојка која не посакува љубов како онаа на Џек и Роуз во филмот. Моментот во кој сите пуштаме солза (јас рикам на глас во 3 часот наутро затоа што обично го гледам кога не можам да спијам) е моментот кога Роуз заспива на вратата над која што плови, испуштајќи ја раката на Џек кој тони во океанот, замрзнат. Сигурна сум дека сите кои ги гледале филмот си помислиле дека Џек би преживеал доколку Роуз не беше толку несовесна и се менуваше со Џек на вратата. Кучка.

The Notebook

Оваа приказна ми е посебно драга. Сигурна сум дека повеќето од вас ја имаат гледано. Исто така, сигурна сум и дека сте плачеле на крајот од приказната или во моментот кога Ноа и Али се среќаваат повторно, откако нејзините родители ја натераа да се пресели во друг град, само за да не се гледа со Ноа. Иако Ноа беше добро и чесно момче, нејзините родители не сакаа да излегува со нивната ќерка, затоа што беше сиромашен. Али, несреќна и беспомошна, се пресели во друг град, а Ноа замина во војска.

После долги години, токму кога Али требаше да се венча со друг маж, Ноа се врати во родното место, ја изгради куќата во која тој и Али за прв пат останаа сами и која го потсетуваше на нивната љубов. Али го виде тоа во весник и замина да ја посети нејзината тинејџерска љубов. Длабоко во себе, таа знаеше дека тоа не беше само тинејџерска љубов, туку онаа вистинската. И сите знаеме дека таквата љубов секогаш победува на крајот. Моментот кој ќе ве расплаче, е крајот на филмот, но нема да откријам детали. За сите кои го немаат гледано, топло го препорачувам.

Me Before You

Ова е релативно нов филм кој излезе во 2016 година, но е исто толку добар како и претходните два. Вил е парализиран од вратот надолу и потребна му е секојдневна нега и грижа. Доколку се прашувате дали Вил отсекогаш бил парализиран, одговорот е негативен. Вил обожувал екстремни спортови, се додека, еден ден, неговите авантури завршија трагично. Тој го повреди ‘рбетниот столб и остана парализиран засекогаш. Тука влегува Лоу, смешната девојка која наликува на грдата Бети и се облекува скоро идентично. Таа ќе го направи Вил да се чувствува повторно жив. Поради тоа, тој ќе се заљуби во неа, односно, двајцата ќе се заљубат еден во друг. Но, Вил не сака да живее долго, затоа што не сака животот да го помине парализиран, односно да ја врзи Лоу за него цел живот во таква состојба. Доколку го имате гледано филмот, веќе знаете како ќе заврши и зошто сите плачеме на крајот. Доколку го немате гледано, многу сте пропуштиле.

A Walk To Remember

Дефинитивно мојата омилена клише приказна на која плачам секој пат. А сигурна сум дека е и ваша омилена. Овој филм ми го скрши срцето. Токму кога Ландон, популарното момче во училиште, ќе се заљуби во девојката која никој не ја сака, онаа која носи џемпери и долги фустани, и ќе застане покрај неа и по цена да ги изгуби своите вештачки пријатели, таа му кажува нешто што ќе му го скрши срцето. А верувам и вашето. Доколку го имате гледано филмот, веќе знаете дека Џејми ќе почине. А доколку го немате гледано, не грижете се, иако го открив крајот, сигурна сум дека и покрај тоа, пак ќе плачете на крајот како мало дете.

The Fault In Our Stars

Тажна љубовна приказна која ми остави силен впечаток уште при читањето на книгата според кој е направен филмот. Македонскиот наслов на книгата и филмот се: “Светот не е фабрика за исполнување желби”. Приказната се врти околу двајца болни од рак кои се запознаваат на терапија, односно групна терапија за луѓе кои го преживеале или се уште се борат со ракот. Хејзел има рак кој се шири на белите дробови, додека Августин веќе го победил ракот и доаѓа на терапиите за да му прави друштво на пријатател заболен од рак, кој наскоро ќе ослепи од истиот. Чудно и болно е да се соочиш со ваква приказна во која се вклучени млади личности кои и покрај нивната болест, живеат со полни гради и се благодарни за животот. Филмот или книгата ќе ве натераат да сфатите дека здравјето е најважно за среќен живот, а ние често го потценуваме. Моментот кој ќе ве натера да пуштите солзи е кога еден од нив ќе подлегне на болеста. Уште поболен е моментот кога и двајцата си го пишуваат тестаментот и се шегуваат околу својата смрт. Дефинитивно, вреди да се погледне.

Прегледајте го ВТОРИОТ ДЕЛ од листата на емотивни филмови тука.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This