Нешто анти-љубовно

Купуваш книга. Не те привлекува насловот. Ниту пак корицата.

Не те привлекува ниту рецензијата на задната корица. Ништо. Ја оставаш на полица. Ја забораваш. Одвреме навреме, фрлаш поглед кон неа, кажувајќи си дека ќе ја прочиташ во слободно време, кога ќе ти биде здодевно.

И додека си ја замислуваш во рацете, ти се гади. Од самата помисла, замисли.

Еден ден, ја земаш в раце. Не дека ти е здодевно ами сакаш да си го оттргнеш умот од хаосот кој сам си го создал во текот на денот. Впрочем, секој хаос во главата, сами си го создаваме.

И ја отвораш. Конечно си решил да и дадеш шанса. Колку да прочиташ како почнува приказната која сигурно си ја слушнал 100 пати претходно.

Си ветуваш дека ќе ја затвориш после првата страница. Си ветуваш и дека ќе ја дочиташ откако ќе си го средиш хаосот и ќе ги завршиш измислените ‘обврските’.

Скептичен си на почетокот. Го анализираш стилот на авторот во првите реченици. Го критикуваш мисловно додека читаш. Креираш слика во главата за продолжетокот на настаните.

Вртиш страна по страна, а си ветил дека ќе ја оставиш настрана. И така, се задлабочуваш во сторијата, а си ветил дека ќе го направиш тоа подоцна.

Едноставно, не можеш да ја испуштиш од раце книгата која толку си ја потценувал. Книгата чиј наслов не бил ниту малку привлечен. Напротив, клише и излитен. Книгата без убави корици и маркетиншки скоцкан опис кој би те привлекол да ја купиш. Книгата која сакаше да ја читаш кога ти е здодевно, а наместо тоа, започна да ја читаш кога немаш време за неа.

Ете така сакам да запознаам личност. На сличен начин. Само така ќе се пополни оваа празнина. Затоа што останатото е привидно, непривлечно, здодевно. Колку и да се убедувам дека не е. Сакам неочекувано, непривлечно кое ќе се претвори во наивна опсесија.

Не сакам некој кој само ќе ми го губи времето ами некој со кој ќе се губам во времето, кое впрочем, и не постои.

Сакам одбивност која ќе се претвори во привлечност. Или барем спонтаност. Сакам спонтаност. Денес, како да не постои спонтаност во луѓето. Однапред знаат како ќе започне и заврши се.

Сакам книгата која ќе ја мразам да ми стане омилена, па да можам да ја читам одново и одново, без да ми здодее.

И под ‘книга’, мислам ‘личност’. Сакам да очекувам ништо, а да добијам се.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This