Низ долгогодишното искуство со добивање на љубовни текстови од моите фанови (претежно женски фанови), сфатив неколку работи. А тоа е дека многу девојки се зависни од љубовта на мажите кон нив.
Исто така, сфатив и дека тешко преболуваат и затоа сакам да го адресирам ова отворено писмо до нив.
Девојки, посебно оние кои се сингл, во моментот, НЕ ВИ ТРЕБА МАЖ за да се чувствувате комплетни, затоа што веќе сте целосни. Но, за да го сфатите тоа, треба да си го исполните срцето со љубов кон себеси.
Испразнете го од љубовта која ја чувате за луѓе кои никогаш нема да се грижат за вас, онака како што сакате, и научете како да се сакате самите.
Љубовта кон себеси е поважна од љубовта која посакувате да ја добиете од некој маж. Зошто? Бидејќи кога ќе се заљубите во себеси, ќе сфатите дека не ви треба маж кој ќе ве сака за да се чувствувате комплетни, затоа што веќе сте целосни. И совршено несовршени. И не би се менувале за никој, освен за самите себе.
Ќе сфатите дека никој не може да ја снижи вашата вредност и да ви каже дека не сте доволно добри, затоа што ќе знаете, длабоко во себе, дека сте најдобри, барем за себеси, и заслужувате маж кој ќе ве вреднува.
А доколку не се појави таков, тоа нема да ви пречи, затоа што иако немате машка фигура во животот, секогаш се имате себеси. И што е најважно од се, никогаш нема да се напуштите.
Кога ќе започнете да ја негувате љубовта кон себе, ќе започнете да се ставате себеси на прво место, а мажот кој не ве вреднувал доволно или воопшто, на последно. Или ќе го избришите од животот засекогаш.
Ќе сфатите дека подобро е кога се фокусирате на себе и својот успех, наместо на идиот кој не го заслужува вашето време и внимание. Ќе сфатите дека подобро е да останете сингл, отколку во прегратките на личност која ве деградира, потценува, ограничува, условува или гуши.
Ќе сфатите дека мажот кој не ве вреднува доволно, не е доволно вреден за вашето време и внимание.
Ќе ги подигнете стандардите на повисоко ниво и ќе престанете да се задоволувате со трошки. Ќе престанете со пружење на љубов на луѓе кои не се сакаат себеси. И ќе започнете таа иста љубов, да ја инвестирате во своето срце, кон себеси.
Кога ќе се заљубите во себеси, ќе сфатите дека вие не сте биле затрескани во личноста која се преправала дека ве сака, туку во желбата да бидете сакани и во илузијата која сте ја креирале за себе, игнорирајќи ги очигледните знаци кои ви кажувале дека ТОЈ не е за вас.
Кога ќе се заљубите во себеси, ќе сфатите дека не ви недостигал маж во животот кој ќе ве сака, туку ви недостигала љубов кон себеси. Вие сте најважната личност во вашиот живот. И никој друг.
Кога ќе се заљубите во себеси, ќе ви стане сеедно за желбата да бидете сакани од страна на некој друг. Наместо тоа, ќе ја заменете со желбата да бидете слободни, па дури и кога сте во врска. Ќе ја заменете со желбата да бидете почитувани, вреднувани и сакани, онака како што заслужувате.
Кога ќе се заљубите во себеси, и ќе започнете да се ставате на прво место, ќе сфатите дека НЕМА НАЗАД ПОСЛЕ СЕЕДНО. Ќе сфатите дека втора шанса не се дава никому, освен на себеси.
Затоа што запомнете дека никој не е будала. Секој знае што прави. И доколку некоја личност навистина ве почитувала и сакала, ќе ја искористела првата шанса, како последна.
Ќе сфатите и дека мажот може се, освен да ја врати жената која еднаш одлучила да го остави.
А оставањето и преболувањето на мажите кои не ве заслужуваат, повеќе нема да ви причинува болка и незадоволство.
Напротив, ќе се чувствувате среќни што сте изгубиле погрешна личност, ослободувајќи место во срцето за онаа вистинската, секако ако воопшто постои “вистинска” личност.
Девојки, кога еднаш ќе се заљубите во себе, ќе сфатите дека нема ништо посилно од жена која си ја знае својата вредност и која знае како да си оди, кога работите не одат. Жена која не се плаши од самотијата и слободата, затоа што знае дека тие ќе ја направат посилна и своја. Па дури и кога е ничија. Тогаш посебно.