Безброј правила кои ги следите, безброј верувања вкоренети во вашиот мозок кои влијаат врз вашето однесување и живеење на животот, но какви би биле вие кога би биле само свои?
Зошто не направите сопствени правила кои ќе ги почитувате и верувања според кои ќе се однесувате и ќе го живеете вашиот живот на свој начин и ничиј друг?
Тоа е првиот чекор на патот до среќен и исполнет живот во кој вие ќе бидете главни, бидејќи верувајте живеете само еднаш, без разлика на сите оние приказни за реинкарнација, рај или пекол. Кој знае дали навистина постојат?
Никој не се вратил да каже дека таму некаде живее подобро и на свој начин бидејќи сфатил што погрешил во првиот живот на Земјата. За да го превземете овој чекор не е потребно некој да ве малтретира, поттурнува или да ви соли памет, нема потреба да се менувате, туку потребно е само едно прашање кое ќе си го поставите може да ви укаже дали тој начин е правилен или не.
Кога денес би бил последниот ден од мојот живот, а јас лежам на смртна постела, дали ќе се чувствувам како да сум проживеал максимално, среќно и како што сум сакал само јас и никој друг?
Доколку одговорот е да, вие сте најсреќната личност на овој свет бидејќи живеете само за себеси и свое задоволство, но доколку одговорот е не, време е да промените нешто и да започнете животот да го вдишувате со полни гради, свои гради.