Има два типа на луѓе, губитници, оние кои откако ќе изгубат, никогаш не се помируваат со поразот и вечни победници, оние кои откако ќе изгубат, сакаат да постигнат нешто ново, поразлично, подобро, поубаво.
Доколку не знаете во кој тип на луѓе спаѓате вие, продолжете со читање.
Губитниците се оние кои се откажуваат после првиот пораз, кој е прво соочување со реалноста, првата препрека и првата потешкотија кои се совладливи, бидејќи се е совладливо, но тие немаат храброст за да ги совладаат, полесно им е да кукаат и да ја обвинуваат судбината која не постои за нивните порази.
Губитниците секогаш обвинуваат некој друг за нивните грешки, а не знаат дека треба да се обвинат само себеси за се што им се случува во животот.
Поразот секогаш им удира во срцето и онаму каде што се најслаби, во самодовербата, наместо да им удри во мозокот и да сфатат дека ништо не е изгубено, се додека не се откажат од себеси.
Но, најчесто овие луѓе веќе се откажале од себеси и секогаш наоѓаат виновник за нивниот неуреден, мизерен живот и ќе му се одмаздуваат и ќе го мразат, бидејќи не се доволно паметни да си простат себеси за се што сториле, да си ги простат сите грешки, да признаат дека се им се случило по нивна вина и да си дадат шанса за повторно живеење, наместо преживување, секој ден, цел ден, цел живот.
Губитниците не знаат дека шансата не се добива, туку се создава, бидејќи секоја затворена врата ја гледаат како крај, наместо да ги видат останатите десет прозорци кои се отвораат и им даваат можност да полетаат надвор од затворот кој го создава таа затворена врата.
Губитниците се оние кои не сфаќаат дека со омраза, само непотребно ја трошат енергијата која би можеле да ја насочат кон личен прогрес, само доколку се паметни. И поради тоа си патат, си патат и само кукаат, пренесувајќи негативна енергија, крадејќи ја вашата позитивна енергија за да ја претворат во негативна, секако доколку им дозволите. А зошто ли го прават тоа?
Бидејќи им сметаат среќни луѓе кои се стремат кон победа. А зошто им сметаат? Затоа што самите себеси си сметаат, такви какви што се, несреќни и уплашени да не доживеат уште еден пораз кој би значел духовна смрт за нив.
Само кога би знаеле дека поразите се тули со кои се градат победите, тогаш не би размислувале исто. Тогаш би им се радувале и на поразите, знаејќи дека со нив доаѓа искуството, вештините, мудроста, знаејќи дека колку поголем е поразот, толку поголема ќе им биде и победата после него.
Тогаш нема да им смета кога ќе немаат ништо, бидејќи ќе знаат дека се доволно способни и вооружани со искуство стекнато од порази, да добијат СЕ. Секој ден е нова шанса за да постигнеш се што сакаш, но кој да сфати. Дали и вие спаѓате во овој тип на луѓе? Или сте вечни победници кои победуваат, бидејќи се откажале од неуспехот и истиот се откажал од нив?
Доколку одговорот е потврден, продолжете по правилниот пат по кој се движите, но доколку сепак спаѓате во губитниците, тогаш веќе знаете што треба да сторите.
Престанете да се залажувате себеси и започнете да си го чистите животот од сите ѓубриња во него како што се омразата, одмаздата, самосожалувањето, самообвинувањето и стравот од неуспех, се додека не замириса на чисто, свежо, убаво.
Кога ќе го сторите тоа, започнете да си го чистите мозокот од сите расипани мисли, се додека нзи главата не започнат да ви се вртат само мотивирачки, позитивни мисли кои ќе ви ја јакнат самодовербата и ќе ви го покажат патот до вашата голема победа.
Бидејќи знам јас, знаете и вие, дека ви здодеа од поразите, ви здодеа да губите. Време е за победа. Време е за ТЕБЕ. Докажи се, но не на другите, докажувај си се себеси, секој ден.
И не престанувај се додека не станеш горд на себе, запомни.