Беше како мое огледало, а јас твојот лик во него, се што правевме јасно се одразуваше врз нашата врска, бидејќи ништо не беше доволно грдо или убаво да го пукне тоа наше огледало. Огледало кое почна да се замаглува од нашите здивови, огледало кое започна се понејасно да ги покажува нашите ликови.
Започна да не не бере во едно огледало, потребни се две за да се видиме еден во друг, да погледнеме во очите на другиот, да пуштиме зрак да се прекрши во душите преку огледалото.
Се плашам да не се скрши знаеш, според глупавите суеверија носело несреќа, а јас сакам среќа со тебе. Сакам исто така да се гледаме во едно огледало, сакам повторно да бидам твојот одраз, а ти моето стакло кое ќе го држам толку нежно и внимателно плашејќи се да не го испуштам.
Затоа, те молам, третирај ме како твоја најдобра пријателка во врската, третирај ме како да не ме познаваш, но да знаеш дека можеш да ми веруваш. Тоа е темел на едно добро пријателство, а пријателството е темел на една добра врска, искрена, барем според моите размислувања.
Те молам, кажувај ми се, како да не сум ти девојка, кажувај ми ги твоите стравови, работи кои те прават среќен, работи кои ги мразиш, кажи ми кога ме мразиш, кажувај ми се.
Те молам, третирај ме како твоја најдобра пријателка, бидејќи јас те третирам како мојот најдобар пријател, но пријателството во врската за да опстане потребно е да биде обострано, не еднострано. А нашето, не знам што е точно сега.
Само знам дека не сакам да те изгубам, сакам да се изгубиме двајцата во непознат правец, сакам да дофатам позната рака, да се будам покрај познато лице, да се гушам во познати прегратки, твои прегратки, сакам да го сакам мојот најдобар пријател кој воедно ќе биде и мој партнер.
Сакам да ме сакаш и ти на ист начин, како најдобра пријателка, бидејќи се започнува со пријателство. Нашето веќе одамна е започнато, но тоа не значи дека не треба да започне одново.
Биди повторно моето огледало, а јас ќе бидам твоето, дозволи ми да се видам во твоите очи, дозволи ми да уживам во твоето пријателство иако сме во врска.
Само така двајцата ќе бидеме слободни, а ќе бидеме во врска, само така нема да си здосадиме еден на друг, ако се третираме како пријатели, а се сакаме како непознати љубовници.