Многу личности си мислат дека се посебни. Истите тие си даваат право да ги советуваат другите, несвесни дека прво треба да се посоветуваат себеси, а потоа и луѓето околу нив, секако доколку имаат корисен совет кој би им помогнал, а не само колку да се каже дека помагаат.
Многу личности денес мислат дека се повеќе од другите, и тука грешат. Никој не е повеќе од некој, бидејќи сите сме еднакви. Без разлика колку ти е длабок џебот, дупката под земја на сите ќе ни биде со иста длабочина. Лажните лидери не го сфаќаат ова, бидејќи се фокусираат на материјалните вредности кои се обидуваат да ги стекнат, преку таканаречената помош која им ја пружат на беспомошните, не знаејќи дека тие се побеспомошни од нив.
Вистинскиот лидер никогаш не ги потценува неговите следбеници. Тој никогаш нема да чекори пред нив со неговите убави чевли, давајќи им дознаење дека тие го немаат тоа што го има тој.
Вистинскиот лидер би облекол стари чевли и би чекорел во нив до неговите следбеници, со цел да им вдахне сила и мотивација, заедно да постигнат повеќе, заедно да купат нови чевли, заедно да се движат напред, наместо да се движат пред нив, оставајќи прашината зад нив да ги заслепи.
Вистинскиот лидер не се гледа себеси како лидер. Тој се гледа како слуга на неговите луѓе, бидејќи кога тие не би постоеле, тој не би бил лидер, нели?
Никогаш не треба никого да земаме здраво за готово и да го гледаме подолу од нас, бидејќи ќе дојде ден кога нашето ќе биде готово и ние ќе бидеме тие кои ќе бидат гледани од горе.
Кармата е кучка, како што веќе знаете. И кога таа ќе ве касне, пренесува беснило кое или ќе ве излечи од сопственото беснило или ќе ве уништи доколку не знаете како да ги прифатите грешките и како да учите од нив. А грешките можат да бидат многу добри учители, верувајте.
Вистинскиот лидер секогаш е тука да ве бодри и да не се откаже од вас, секогаш е тука за вас, до вас, држејќи ве за рака, и советувајќи ве да чекорите претпазливо на патот до успехот.
И не мислете си дека луѓето не ги препознаваат вистинските лидери. Кога тогаш, лажните паѓаат, бидејќи исто како на лагата што и се кратки нозете, на лажните лидери кратки им се добрите дела, вистинските совети и времето кое сакаат да го посветат повеќе на себе, отколку на другите.
И тоа е во ред, секој треба да си одвојува време во текот на денот кое ќе го користи само за себе, но доколку го прави тоа постојано, давајќи им лажна претстава на другите дека истото го посветува на нив, тие ќе сфатат дека не го гледаат вистинскиот лидер пред себе.
Затоа луѓе, забавете малку. Одморете малку. Не мислете дека сте посебни.
Оставете другите луѓе да ве класифицираат како такви, а единствено што треба да правите вие е да им посветите внимание и време, бидејќи времето е најскапоцениот поклон кој некому може да го подарите. И вистинските луѓе ќе го забележат тоа. И ќе знаат да го ценат.
Ете тие се оние кои ќе ве гледаат како лидер, а вие треба да ги научите дека лидер може да биде секој. Доволно е да посака да направи некого среќен, бидејќи среќата кога ја делиш со други, наместо да се намали, таа се зголемува.
И запомнете, не чекорете пред луѓето, чекорете до нив, доколку сакате да стигнете далеку заедно.