Време е!
Сакам да извикам, цел свет да ме слушне.
Време е!
А не можам да викнам ниту во дневната соба за да ме слушнат најблиските.
Време е!
Сите знаеме дека е време, но чекаме некој друг да го направи првиот чекор наместо нас. Сите чекаме некој друг да го изоди патот кој треба да го изодиме ние. Сите чекаме некој друг да ни каже дека е време, наместо да застанеме и да се запрашаме себеси: ШТО ЧЕКАШЕ ДОСЕГА?
Време е!
Ми одѕвонува во главата, ме зашеметува, ми го забрзува пулсот кој удира во слепочниците и не ми дозволува да мислам на ништо друго, освен на тоа дека е време. И сфаќам дека не можам ништо да направам освен да му дадам време на времето, кое впрочем и не постои.
Сфаќам дека секој треба да сфати за себе – дека време му е. Сфаќам дека не можеш да му помогнеш на човек кој не сака да си помогне самиот себе. Сфаќам дека ‘време е’ не треба го кажувам, бидејќи ако го кажам ќе ја изгуби својата вредност. Ќе го занемарат. Од едно уво ќе влезе, а од друго ќе излезе.
Затоа и го пишувам, бидејќи од очите ништо не можеш да избришеш, посебно не нешто кое те допрело до срцето. А знам дека ова ќе ве допре, знам дека ќе ви навлезе во сржта, ќе ви навлезе во духот и ќе ви го подигне. Ќе му каже ’време е’, ќе му каже – ТВОЕ ВРЕМЕ Е!
Време дојде да престанеш да преживуваш и да започнеш да живееш, пред навистина да дојде време кога ќе го напуштиш светов.
Време е!