Порано, мислев дека луѓето знаат што сакаат, но не знаат како да го остварат истото, а денес, денес сфатив дека голем процент од вас, не знаат што сакаат воопшто.
Сето тоа се должи на фактот дека вие не се познавате себеси. Всушност, никој не се познава себеси целосно, но има луѓе кои се трудат да се запознаат, луѓе кои се обидуваат да се независни, самостојни, луѓе кои сакаат да направат нешто од себе, а не да завршат како обично ништо.
И не дека кога ќе завршат, некој треба да се сеќава на нив и нивните дела ами пред смртта да има со што да се пофалат. Да и плеснат во лице дека живееле и не им е гајле што сега таа ќе стави крај на тој нивни живот, исполнет живот, живот со кој се гордееле.
Не ве обвинувам целосно за тоа што ви се случува, бидејќи родителите во вашите животи одиграле главна улога, посебно во вашето детство.
Ви кажувале со кого да се дружите, каде да одите и каде да не одите, што да облекувате, што да студирате, што да работите, што да сакате, па дури и ви кажувале во кој да се заљубите, а тоа е она што ве направило човек кој не знае за што живее, човек кој нема сопствени соништа, а ги исполнува туѓите, човек кој нема сопствени очекувања од себеси, туку ги исполнува очекувањата на другите за него.
Освен родителите, постојат и други фактори кои влијаеле врз вас и ве претвориле во ова што сте денес, како пријателите, друштвото, роднините или пак недостигот на сите овие фактори, што исто така, можеби влијаело негативно врз вас.
Да ти се наметнуваат вредности е исто толку лошо колку што е ненаметнување на никакви вредности. Можеби се прашувате зошто? Според мене, умереното е секогаш и повеќе од доволно.
Доколку вие сте имале слобода и сте биле препуштени сами да одлучувате за работите, секако, не за сите, но за повеќето, вие денес би знаеле што сакате да правите во животот, зошто го живеете истиот и кои сте навистина.
Доколку пак сте имале целосна слобода, во секаков поглед и сами сте ги донесувале сите одлуки или пак не сте имале воопшто слобода, постои шанса да сте станале самостојни и реализирани, но поголема е веројатноста дека денес не знаете што сакате да правите во животот и како да се справите со него, на правилен начин.
Но, ништо не е изгубено. За секој проблем постои решение кое се крие во вас. Време е да се запознаете себеси. Поминувајте време во свое друштво, разговарајте со себе и дознајте што сакате точно!
Доколку вашиот сон бил да пишувате, сликате, пеете, да бидете пилот, моден стилист, модел, доктор, полицаец, спортист, компјутерски експерт, забар, глумец, тогаш ззграпчете го тој сон денес и не пуштајте го повеќе од раце. Направете план како да го остварите и започнете да работите на себеси и на сонот.
Многу девојки ме прашуваат како да издадат книга, како да направат страница, како да успеат во тоа што го сакаат, а кога ќе ги прашам дали знаат што точно сакаат, ми кажуваат дека не знаат или не веруваат дека можат да го постигнат тоа што го сакаат и бараат да им го покажам патот до успехот.
Луѓе, патот до успехот, не постои. Секој си го создава самиот за себе според патоказите на другите и димензиите на своите соништа. Твојот сон бара свој, единствен пат по кој ќе чекори заедно со тебе, се додека не се остварите заедно. Ти него, тој тебе.
Токму поради ова решив да го напишам текстов, бидејќи доколку сакате да успеете, треба да си поставите јасна цел, да имате јасен сон, да знаете што сакате точно.
Тоа е чекор број 1. Чекор број 2 е да се осигурате дека вашата цел и планот за реализација на истата, не им наштетува на другите, бидејќи среќа градена врз туѓа несреќа не трае долго. Не мора да ги газите другите, само за да бидете први на патот до успехот. Чекор број 3 е подготовка, психичка и физичка за она што ве очекува.
Секој ден убедувајте се дека вие го заслужувате најдоброто, дека вие сте најдобрите, бидете сигурни дека знаете што точно сакате и знаете како да го постигнете тоа што го сакате, убедувајте се дека веќе сте на добар пат да го остварите сонот.
Не заборавајте дека се што умот ќе замисли, може и да оствари. И како што веќе напоменав, за да го оствариш сонот, треба прво да го имаш и да не се откажуваш од него, по никоја цена. Бидејќи соништата кои се сонуваат со отворени очи, секогаш се остваруваат, но ретко кој сонува со отворени очи навистина.