Сигурно сте се нашле во ситуација кога запознавате тип и хемијата помеѓу вас е очигледна. Разменувате броеви, флертувате преку пораки и евентуално излегувате на состанок.
Излегувањето тече како што се го замислиле. Се поврзувате, хемијата станува се посилна, се забавувате и решавате да излезете повторно. И вториот состанок поминува одлично.
И почнувате да се запрашувате, дали конечно сте го запознале вистинскиот, иако според мене, вистинска личност, не постои. Излегувате уште неколку пати заедно и одеднаш нешто се менува во неговиот однос.
Токму кога вие сте најмногу загреани за него, тој се оладува.
Постојат два начини на кои ова се забележува. Или полека ќе започна да исчезнува од вашиот живот, а вие ќе се тешите дека е зафатен или поминува низ некаква тешка животна фаза, па нема време за вас. Или целосно ќе исчезне, без објаснување.
Ова ќе ве шокира. Не кажувам дека ќе ви го скрши срцето, затоа што никој сте немале доволно време да се заљубите во него, односно да ви стане важен, туку ќе ве шокира во вистинска смисла на зборот.
Девојките често го мешаат скршеното срце со скршеното его. Исто и момците, но девојките го прават тоа почесто. Мислат дека мажот им го скршил срцето, кога всушност тој само им го скршил егото.
Да се навратиме на темата.
Што се случува во главата на момчето кое се оддалечило од вас? Зошто го направил тоа, се прашувате. Кога девојките откачуваат момче на суптилен начин, често имаат едноставна причина која може да ја објаснат во случај момчето да ги праша зошто одлучиле да стават крај.
Но, со момците е покомплицирано. Односно, едноставно е, но ние девојките го правиме комплицирано.
Можеби ќе помислите дека момчето едноставно изгубило интерес, но постои вистинска причина поради која ова се случува.
И сигурна сум дека ќе се согласите дека причината е валидна, затоа што 99% од женскиот пол го прави истото.
На почетокот, односно на првите состаноци со нов тип, девојките се опуштени, мистериозни, забавни и сакаат да го запознаат новиот човек кој влегол во нивниот живот.
Сакаат да прават забавни работи, да живеат во моментот. Едноставно, сакаат да уживаат во друштвото на новото момче без да мислат на иднината.
Но, после првите состаноци, ако се делува совршено, односно девојката се сомнева дека го пронашла принцот на бел коњ, таа започнува да прави планови за заедничка иднина.
Не може, а да не си прави планови за иднината на врската и како истата би прераснала во нешто посериозно.
Започнува да живее во фантазија, и момчето не го гледа повеќе како тип кој сака да го запознае и тип со кој сака да се забавува, туку како предмет со кој може да ја обликува нејзината иднина.
Нејзиниот ум се фокусира на она што ќе се случува во иднина, наместо на она што се случува во моментот. И тука започнува паниката.
Не знае дали момчето сака сериозна врска со неа, која во иднина би преминала во брак. Не знае дали е загреан за неа, колку што е таа загреана за нивната заедничка иднина.
Не кажувам дека е загреана за него, бидејќи ако навистина си загреан за некоја личност, нема да ја замислуваш во матично, туку в кревет.
Нејзините стравови и несигурности излегуваат на површина и започнува со поставување на комплицирани, целосно непотребни прашања кои не смеат да се поставуваат во нова врска.
Во спротивно, врската ќе пропадне, што е и најчест исход кога девојките се однесуваат вака. Прашува дали тој се чувствува исто како неа, односно, какви планови има за иднината. Се однесува кон него, како кон предмет.
Забавната, опуштена девојка за која бил загреан на почетокот исчезнува, и на нејзино место се појавува сериозната девојка опседната со бел фустан и матично. И заедно со таа девојка, исчезнува и неговата заинтересираност. И јас кога би била машко, би се тргнала на страна од ваква девојка.
Зошто? Затоа што повеќето девојки не знаат да уживаат и да живеат спонтано, односно да прават забавни и интересни работи, не мислејќи на иднината, односно заборавајќи на иднината на врската.
Повеќето девојки имаат ниска самодоверба која се забележува со ваквото однесување. Чувствуваат празнина која мислат дека “сигурна врска” ќе ја пополни и ќе направи да се чувствуваат целосни. А сигурна врска не постои, затоа што луѓето се како утакмица. Никој не е сигурен.
Мажите го забележуваат нејзиното однесување, односно ја чувствуваат опседнатоста на девојките, и нормално, се ладат уште на почетокот.
Чувствуваат дека девојките сакаат да извлечат нешто од нив. Исто како кога ќе ти пријдат Јеховини сведоци, а ти се обидуваш да избегаш, бидејќи знаеш дека сакаат да извлечат нешто од тебе или да те натераат да правиш нешто што не сакаш, како посетување на нивните состаноци во недела наутро.
Девојки, ако се пронајдовте во ова, не чудете се зошто сите ваши врски се осудени на пропаст. Не сте проколнати, ниту некој ви фрлил магија, туку ви недостига самодоверба и љубов кон себеси. Ви недостига слобода која треба сами да си ја дадете, за да може и другите да се чувствуваат слободни покрај вас.
Престанете да фантазирате за иднина со секое момче кое ќе го запознаете и препуштете го кормилото на спонтаноста. Нека ве однесе на некое неочекувано место каде ќе искусите нови работи, заедно со новото момчето кое влегло во вашиот живот. Дајте си време да ја запознаете личноста, пред да започнете да планирате заеднички живот со неа.
И не мрштете се кога некој ќе ви каже дека не планира иднина со вас. Кој знае, можеби токму со таа личност ќе ги доживеете највозбудливите и најубавите искуства во животот. И можеби токму со таа личност ќе останете.