10 Причини зошто жените го оставаат мажот кој го сакаат

Не го оставаш тој што го сакаш? Напротив, го оставаш кога врската нема иднина.

Што се подразбира под иднина на една врска? Според мене, иднината на една врска може да постои доколку партнерите си веруваат еден на друг.

Што значи, иднината на една врска се состои од доверба. Следно, иднината на една врска зависи и од разбирањето, почитта која партнерите ја имаат еден кон друг, отвореноста и слободата.

Односно, иднината на врската се состои и од тие работи. Доколку ги има во врската, партнерите може да планираат заедничка иднина. Во спротивно, треба да се разделат.

И жените многу добро го знаат ова.

Послабите жени одбираат да останат со партнер на кој не му веруваат, кој ги малтретира психички, па дури и физички, кој им забранува работи, односно им ја крати слободата која е нивно право, кој изневерува, односно покажува непочитување од различни причини, но и една главна. Љубов.

Слабите жени ја користат љубовта како изговор за одложување на крајот на една врска бидејќи се плашат да останат сами, а се плашат бидејќи немаат самодоверба и љубов кон себеси. Оние посилните, ставаат крај на време.

Зошто? Бидејќи знаат дека токсичните врски го крадат драгоценото време кое можеш да го посветиш на нешто друго, подобро и поубаво.

Знаат дека љубовта не е клучен фактор за врската да успее. Што ако сакаш некој, кога тој не се однесува кон тебе со почит, а наводно те сака и те цени?

Мажите кои ги деградираат, навредуваат, изневеруваат и малтретираат своите партнерки, притоа тврдејќи дека ги сакаат, се слабаци кои се плашат да останат сами.

Мислат дека жената треба да им е потчинета, затоа што единствен начин да се чувствуваат како вистински мажи (нешто што никогаш нема да го постигнат со вакво однесување) е доколку ја понижуваат или малтретираат. Ваквите луѓе не може да сакаат некој друг, затоа што не се сакаат ниту себеси.

Доколку се почитуваш себеси, ќе ја почитуваш и својата партнерка.

Доколку си сигурен во својата вредност, ќе ја вреднуваш и неа. Доколку се сакаш себеси, ќе знаеш да ја сакаш и неа, без да и ја крадеш слободата, ниту пак да ја малтретираш на било каков начин.

Но, повеќето мажи не го сфаќаат ова и поради тоа, остануваат без жената која ги сакала навистина. Покрај неколкуте причини кои ги објаснав, постојат уште 10 други кои објаснуваат зошто се повеќе жени ги оставаат мажите кои ги сакаат.

Доколку и вие се наоѓате во слична ситуација, се надевам дека следните совети ќе ви помогнат да направите вистинска одлука која ќе оди во ваша корист, а не во корист на вашиот партнер.

1. Немаат ништо заедничко со партнерот

Сигурно се прашувате, зошто жените влегуваат во врска со мажи со кои немаат ништо заедничко.

Јас ќе одговорам, најверојатно бидејќи се надеваат дека тоа ќе се промени со тек на време. Или живеат во илузија дека имаат многу заеднички работи, обземени од еуфоријата на почетокот на врската.

Како што веќе знаеме, секоја врска на почетокот делува интересна и забавна. Но, после одреден период, може да сфатиме дека немаме толку заеднички работи и теми на разговор со партнерот како што сме мислеле.

И тоа е во ред. Нема ништо лошо во тоа да ставиш крај на ваква врска, па дури и доколку си веќе заљубена во некој. И нема да стане подобро со тек на време. Напротив, ќе стане полошо.

Врската ќе се претвори во измачувачка рутина која ќе ти го губи времето залудно.

2. Пресушиле вистинските разговори

Ова не се однесува на обичен разговор после работа, додека вечерате заедно, споделувајќи детали од денот. Ова се однесува на отворено зборување.

Кога жената ќе насети дека партнерот не е целосно отворен или воопшто, се повлекува од неговиот живот, полека, но сигурно.

Послабата жена останува во врска се додека не се подобрат работите, нешто кое никогаш нема да се случи. Додека оние посилните, ставаат крај на врската, без објаснување.

Доколку забележите дека вашиот партнер не сака да споделува интимни работи со вас или одбегнува сериозни разговори, време е да пресечите и да најдете некој кој ќе ве сака навистина.

Можеби ќе си помислите, зошто да го оставам човекот кој го сакаш, а со кој не разговарам на длабоки теми? Кој знае, можеби е срамежлив или затворен тип.

Не, не е ниту срамежлив, ниту затворен. Едноставно, не те сака. И поради тоа, не сака да води длабоки разговори со тебе. Прифати и замини.

3. Партнерот станал себичен

Една од најчестите причини поради кои силните жени ги оставаат мажите кои ги сакаат е себичноста. На почетокот на врската, партнерот се однесувал совршено.

Се грижел за нејзиното задоволство во сексот и нејзините чувства. Но, после одреден период, совршеното однесување исчезнало. Ова може да се случи од две главни причини.

Тој повеќе не ја сака. Или глумел уште од почетокот, но му здодеало да глуми џентлммен, па си го покажал вистинското лице. Паметната и силна жена би заминала веднаш, додека слабата би останала во ваква врска, надевајќи се дека нешто ќе се промени во иднина.

Но, тоа нема да се случи, а таа ќе ги поминува деновите несреќна, прашувајќи се каде погрешила и зошто нејзиниот партнер се променил преку ноќ.

4. Сексот се претворил во рутина или не се практикува повеќе

Сексот не е клучен за успехот на една врска, но сепак е важен за правилно функционирање на истата. Доколу сексот се претворил во рутина или не се практикува повеќе, силната жена ќе замине бидејќи знае дека страста е потребна за одржување на врската.

Кога партнерот повеќе не покажува знаци на љубов, страст и желба за секс, време е да се стави крај на врската, пред двајцата да го побараат тоа што го немаат заедно во други луѓе.

5. Партнерот е љубоморен

Силните жени не поднесуваат љубомора и ги оставаат љубоморните мажи кои се однесуваат кон нив како кон нивна сопственост.

Без разлика колку и да го сакаат мажот до нив, силните жени нема да дозволат правото на слобода да им биде скратено од страна на некој кој нема никакво право да им кажува како да се однесуваат, облекуваат, па дури и со кој да се дружат или гледаат.

Секој е роден слободен. Никој не е роден фатен за рака со некој друг. А љубовта е привремена. И силните жени многу добро го знаат тоа. Поради тоа, не остануваат со мажите кои ги сакаат по цена на нивната слобода.

6. Не можат да разликуваат вистина од лага повеќе

Доколку довербата помеѓу двајца се уништи, не постои начин на кој истата може да се поправи.

Веќе знаеме дека довербата во една врска може да се гради со години, а да се распадне во миг. Причини кои го разнишуваат темелот на една врска се ситните, навидум безначајни лаги.

Доколку силната жена забележи дека партнерот лаже за ситници, таа ќе започне да се сомнева во се што излегува од неговата уста.

Но, сомнежот нема да трае долго бидејќи пред да се претвори во опсесија и стане причина за секојдневни расправии, таа ќе си замине.

Нема потреба од прашања на кои не можеш да бидеш сигурен во веродостојноста на нивните одговори.

7. Во врската нема слобода и личен простор

Доколку партнерот бара постојана посветеност од страна на силна жена, таа ќе го остави.

Силната жена има потреба од личен простор. Таа си ја сака слободата. И нема да дозволи еден маж да и ја одземе само затоа што е несигурен во себе и својата вредност или пак едноставно, нема свој живот.

Слабите жени би прифатиле потчинување во врската и немање на слободно време за себе. Но, силните жени, никогаш.

Како што кажав претходно, тие не би останале во врска со маж кој им ја нарушува врската со себеси, ниту пак со маж кој се однесува посесивно и не знае што да прави со своето слободно време, па го кради и нејзиното со цел да го пополни денот.

8. Тој постојано се обидува да ја промени жената која ја “сака”

На почетокот, бил воодушевен од нејината ексцентричност, слободно размислување, стил на облекување и шминкање, начин на живот и карактер, но како што поминува време, тој се обидува да ја промени.

Односно, да ја трансформира во личност која ќе одговара на неговите замисли. Силната жена која се сака себеси и знае дека доколку се промени, тоа ќе се случи само поради личност која ја прифаќа каква што навистина е, ќе го остави ваквиот маж, па дури и по цена на скршено срце.

Можеш да станеш подобар, но само за личност која те сака онаков каков што си навистина.

9. Таа има целосна слобода, а нему не му пречи тоа

Оваа причина се чини како контраверзија на причината под број 7. Но, не е така. Доколку таа не добива никакво внимание од партнерот кој го сака, ќе го остави.

Односно, доколку има целосна слобода, а нему не му пречи тоа. Силната жена си ја сака слободата, но исто така сака мажот кој го сака да покаже дека се грижи за неа.

10. Споредување со други жени

Најлошата работа која еден маж може да ја направи во врската (освен изневерување) е споредување на партнерката со некоја бивша партнерка, пријателка или жена на која тој и се восхитува.

Негативни коментари за телото или ситни навреди влијаат негативно врз самодовербата на секоја жена. Но, само силните знаат да заминат од ваков маж и да го остават да ја бара совршената жена која всушност не постои, додека тие уживаат во прегратките на маж кој ќе ги вреднува и сака на начин на кој што заслужуваат.

Доколку се пронајдовте, оставете го копилето и покажете почит кон себеси, без разлика дали сте во долга или кратка врска. И без разлика дали го сакате или сте заљубени во него.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This