Главната причина која ги спречува луѓето да се подобруваат на лично и професионално ниво е стравот. Да знаеш како да се справиш со било каков страв е клучен чекор кој ќе го држи стравот настрана од вашите соништа, наместо да ве спречува да ги остварите.
Еден од начините како да го направите тоа, односно како да се соочите со стравовите е да препознаете за каков страв се работи, а потоа да се соочите со истиот. Има повеќе типови на страв кои најверојатно ве дефинираат како личност и влијаат врз вашите одлуки и живот во глобала. Ова се неколку од тие стравови кои ве спречуваат да се остварите себеси на лично и професионално ниво и како да ги надминете истите.
Страв од успех
Сигурно се прашувате, кој би се плашел од успех и зошто. Но, вистината е дека многу луѓе се плашат од успех и издвојување од толпата. Стравот од вниманието кое ќе го добијат кога ќе успеат, ги прави да се чувствуваат несигурно. Зошто? Затоа што немаат висока самодоверба, односно високо мислење за себеси. Напротив, мислат дека не заслужуваат успех и не знаат како да се однесуваат, кога навистина би успеале.
Како ќе гледаат луѓето на мене и како ќе се однесувам? Дали ќе бидам она што очекуваат? Што ако не можам да се справам со успехот? Ова се само неколку прашања кои луѓето кои се плашат од успех си ги поставуваат. Доколку се пронајдовте, односно сфативте дека и вие се плашите од успех, дајте си шанса. Едноставно, започнете со остварување на соништата и видете што ќе се случи понатаму.
Оставете соништата да ве остварат како личност, затоа што тоа е најважно. Материјалниот успех нема да ви помогне да го надминете стравот, туку сознанието дека сте оствариле нешто. Соочете се со стравот и движете се бавно, но сигурно кон соништата. Запомнете дека остварувањето на сите големи соништа започнало со мали чекори. Ова ќе ви ја зголеми самодовербата, а со нејзина помош ќе успеете да го победите стравот од успех.
Страв од одговорност
Постојат луѓе кои се плашат од одговорност, но сакаат да бидат лидери, односно сакаат да го пренесат своето знаење на други и да ги водат кон некаков процес, без разлика дали се работи за приватна или професионална работа. Но, знаеме дека со лидерството доаѓа и одговорноста. И луѓето кои се плашат од неа, односно од последиците кои доаѓаат од евентуална неодговорност која ќе влијае не само врз нивниот, туку и врз животот на другите, ги прави да се откажат од соништата.
Како да го победите стравот од одговорност? Верувајте во своите способности и дајте се од себе да успеете да завршите одредена задача на време или да останете доследни на некој кој очекува помош или поддршка од ваша страна. Верувајте на својата интуиција и оставете да ве води. Доколку сте роден лидер, лесно ќе го надминете стравот од одговорност.
Не плашете се да згрешите, затоа што лидерите грешат постојано, со цел да им помогнат на другите да ги избегнат истите грешки. Но, доколку сфатите дека таа улога не е за вас, одберете друга професија која не побарува лидерски способности и која ќе ја сакате.
Страв од јавно обраќање
Ова е еден од моите најголеми стравови кои можам да кажам дека ме спречи да постигнам уште поголем успех со книгата. Избегнував интервјуа затоа што се плашев од камерата, односно се парализирав секогаш кога ќе се сетев дека сето она кое го кажувам, ќе биде приложено на телевизија или интернет, и сите мои фанови ќе може да го видат. Дали ќе ги исполнам нивните очекувања, беше прашањето кое постојано си го поставував и прашањето кое ме парализираше пред камера.
Искрено, мислам дека стравот од јавно обраќање е глупав страв кој лесно се надминува и доколку и вие го имате, обидете се да го надминете со зборување самиот со себе на глас, вежбање пред огледало или снимање на самостојни видеа кои ќе ви помогнат да се чувствувате самоуверено.
Јас започнав да снимам самостојни видеа и можам да кажам дека полека го надминувам овој страв, затоа што не сакам да ми го попречува идниот успех, односно промоцијата на втората книга околу која планирам да се потрудам повеќе, за разлика од промоцијата на првата книга.
Според мене, кога еднаш ќе го надминеме стравот од јавно обраќање, ќе се чувствуваме подобро за себе, односно ќе го добиеме вниманието и почитта која ја заслужуваме. А сите знаеме дека вниманието и почитта носат неминовен успех.
Страв од моќ
Што ако се променам кога ќе добијам почит и ќе имам влијание врз толпата? Што ако станам лош човек, односно правам работи за кои сум мислел дека никогаш нема да ги направам? Што ако ми се допадне трансформацијата и се изгубам себеси? Ова се само неколку прашања кои луѓето кои се плашат од моќта која доаѓа со успехот, си ги поставуваат често. Единствен начин да го надминете овој страв е да си ветите себеси, дека без разлика на се, вие никогаш нема да заборавите од каде потекнувате и какви сте навистина.
Ветете си дека секогаш ќе ги ставате вистинските вредности во животот, како пријателството, лојалноста, хуманоста, сочувствителноста и љубовта, пред оние лажните кои ќе те остават со празнина која ништо нема да може да ја пополни. Ветете си дека моќта и влијанието ќе ги користите за добри цели, наместо за манипулација и добивање на работи кои не ви се потребни.
Страв од неадекватност
Овој страв доаѓа од ниска самодоверба или минати негативни животни искуства. Доколку некој ви кажал дека не може да направите нешто или ве натерал да верувате дека не сте доволно добри за своите соништа, тоа може да влијае врз вашите идни чекори и остварувањето на сопствената личност на личен и професионален план.
Поради некој кој не можел да ги оствари своите соништа и да се оствари себеси како личност, вие ќе мислите дека не сте доволно добри или способни да го надминете неговиот животен успех. А вистинската причина поради која ви го рекол тоа е стравот од вашиот успех кој ќе го потсетува дека не дал се од себе за да успее и да ги оствари своите цели и замисли.
Единствен начин да се надмине стравот од неадекватност, односно единствен начин како да престанете да мислите дека не сте доволно добри, е да станете најдобрата верзија од себеси. Никој не може да ви каже што не можете да направите, затоа што тоа зависи од вас.
Како ќе се одвива вашиот приватен живот и кариера, зависи само од вас и вашата упорност и истрајност. Зависи од вашиот квалитет и вашата желба да успеете во она што сте го намериле. Не зависи од луѓето кои ви кажуваат дека не можете, туку од сопствената волја и мотивација. Ако мислите дека не заслужувате нешто, тогаш не го заслужувате навистина.
Страв од неуспех
Ова е еден од најчестите стравови кој ги спречува луѓето да успеат во животот. Стравот од неуспех ќе те спречи да искусиш нови работи, да направиш нешто кое никој не го направил досега само затоа што се плашиш од негативна реакција. Стравот од неуспех ќе те спречи да растеш како личност. Стравот од неуспех ќе те спречи да успееш.
Единствен начин да го надминеш е да прифатиш дека неуспехот е дел од успехот, односно тула со која го градиш мостот до своите соништа. Колку повеќе пати доживуваш неуспех, толку подобар стануваш во иднина.
Американскиот изумител и бизнисмен, познатиот Томас Едисон рекол: “Јас не доживеав неуспех, туку најдов 10,000 начини кои не функционираат”. Ако ова не ви помогне да го надминете стравот од неуспех, не знам што би ви помогнало.
Страв од самотија
Повеќето луѓе остануваат во токсични врски и врски без иднина само поради стравот од самотија. И толку поради тоа, не успеваат во животот. Погрешните луѓе со кои заедно удираат со главата в ѕид, ги спречува да се остварат себеси како личност, односно да се посветат на соништата, да превземат акција која ќе им помогне да создадат подобра кариера, да патуваат или да искусуваат нови нешта.
Доколку и вие сте окпружени со погрешни луѓе, односно луѓе кои ве кочат, ставете крај уште денес и не плашете се да останете сами. Подобро е да си сам, отколку со луѓе кои прават да се чувствуваш сам, односно осамен.
Кога еднаш ќе сфатиш дека сам си се родил и сам ќе си заминеш од светот, ќе сфатиш и дека самотијата не е толку страшна како што изгледа. Напротив, таа може да ти помогне фокусот да го насочиш кон себе и правење планови за реализација на целите, отколку трошење на времето на луѓе кои не го заслужуваат нашето време и внимание.
Не постои правило кое кажува дека треба да бидеш опкружен со луѓе, ако сакаш да бидеш успешен. Напротив, многу од луѓето кои биле и сеуште се успешни, немаат многу пријатели, односно луѓе на кои им веруваат.
И токму поради тоа и остануваат успешни, односно имаат повеќе време да се фокусираат на себе и своите цели, наместо на банални работи.