Ако те затрудни, не значи дека треба да кажеш “да” и да си го уништиш животот

Пред да започнам да го пишувам текстот, сакам да наведам дека немам намера да навредам некого, туку да споделам мислење на оваа тема.

Се чувствувам обврзана да го кажам тоа што го мислам и воедно сакам да посоветувам млади кои се соочуваат со овој проблем и се на работ да си го уништат животот, само поради една грешка.

Знам што ќе ги навреди родителите или оние кои веќе родиле дете кое не го очекувале, а тоа е зборот “грешка” кој го кажав пред малку.

Ќе си помислат, зошто го нарекуваш “грешка” детето кое сум среќна што е дел од мојот живот и го сакам повеќе од себе. И тоа е во ред. Разбирам зошто зборот “грешка” ве навредува.

Ве навредува, затоа што навистина сте направиле грешка. И кога би признале, всушност признавате дека сте си го уништиле живот, односно признавате пораз. Запрашајте се, каде би биле денес и каков живот би воделе, кога би одлучиле да се ослободите од фетусот на време?

Ќе оставам на вашата имагинација да го одговори прашањето. И знајте дека овој текст не е за вас.

Овој текст е за младите кои мислат дека е задолжително да си кажат “да” кога ќе зачнат дете кое не го очекувале. Нема да навлегувам зошто го зачнале на прво место, затоа што знам дека може да постојат различни причини, како на пример, пукање на презерватив или намерно забременување од страна на партнерот и слично. Ќе навлезам во суштината на проблемот.

Девојки, момци, не значи дека ако зачнете неочекувано дете, односно направите грешка, треба да стапите во брак со личност за која не сте сигурни дека е вистинската.

Доколку сте сигурни, тоа е во ред. Но, знам дека повеќето кои се одлучуваат на ваков чекор после зачнување на дете кое не го очекувале, го прават тоа поради срам и страв. Срам од озборување. И страв од родителите.

Не е во ред да си го уништите животот, односно да одгледувате дете кога и самите сте сеуште деца. Не е во ред да одберете погрешна насока, само поради едно скршнување од вистинскиот пат, оној по кој сте сакале да чекорите пред да доживеете работи кои не сте сакале да ги доживеете.

Имате избор. Изберете се себеси. Секогаш. Не е срамота да останете бремени и да абортирате ако не се чувствувате спремни да одгледувате дете, доколку немате финансии со кои ќе го издржувате и ќе му пружите живот каков што заслужува, доколку не го сакате партнерот или не сте сигурни дека сакате да го поминете остатокот од животот со него.

Момци, не е срамота да кажете дека не го сакате неочекуваното дете. Сите знаеме какви девојки постојат. Мислат дека бременоста е единствен начин да врзат некој кој сака да ги остави. Па дури и некои момци го прават истото, што не е прифатливо под никој услов.

Не дозволувајте да бидете манипулирани од луѓе кои не знаат каков живот сакаат, па се трудат да го уништат и вашиот, за да може потоа да си живеете заедно, несреќни до крајот на животот.

Срамота е да се омажите за некој кој не го сакате. Срамота е да одгледувате дете кое не сте го сакале. Срамота е да немате финансии да го издржувате и да му пружите мизерен живот, како што тоа го прават повеќето млади денес. Срамота е да преживувате заедно со дете кое не сте го сакале и партнер за кој не сте биле сигурни дека е тој вистинскиот.  Срамота е да си го уништите животот поради една грешка од срам и страв што ќе кажат другите.

Дали вие живеете за себе или за другите? Доколку живеете за себе и се двоумите дали сте спремни да одгледувате “грешка”, па да живеете несреќен живот, се додека не ви пукне филмот, затоа што сечиј филм пука, евентуално, послушајте го разумот наместо срцето.

Никој не може да трпи да живее несреќно на долга стаза. Посебно кога детето ќе порасне, а вие ќе сфатите дека сте изгубиле години поради непромислени причини.

Сите оние кои се против абортус, сакам да им пренесам дека телото на една жена е тело на ТАА жена (знам дека звучам како Ѓорѓе Иванов). ТОЧКА. И само ТАА има право да одлучува за своето тело.

За сите кои се прашуваат која е инспирацијата за текстов и дали имам абортирано, па се обидувам да се оправдам себеси, одговорот е “не”. Немам абортирано, но не би се двоумела дали да абортирам или не, доколку некогаш направам грешка и не се чувствувам спремна за дете. Или пак, не го сакам партнерот за сопруг.

А што се однесува до инспирацијата, ја добив од врсничките кои животот го живеат според некаков измислен редослед, ја добив од колешките на факултет и луѓето кои учеле со мене во средно училиште и ја направиле таа грешка која ги врзала за погрешната личност, односно им го уништила животот.

Инспирацијата ја добив и од мајка ми, која знам дека младоста ја изгубила на мене, грешката која и го одреди животниот пат, само затоа што немала храброст, или пак можеби се плашела да си го одреди сама.

Не правете ја истата грешка. Размислете и направете го она што е најдобро за вас. Не плашете се да одредите пат за себе, кој нема да вклучува обврзување за некој, само поради една непромислена грешка.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This