Омажи се, велат. Имај деца, велат. Да видиш што е мака, велат. Биди овца како нас, забораваат да кажат

Забележав дека мизерните луѓе сакаат кога другите околу нив се мизерни од едноставна причина. Само така би се чувствувале помалку мизерни.

Само така можат да си ги оправдаат непромислените одлуки во животот. Само така можат да се утешат дека животот е тежок, а не тие самите.

Само така можат да негираат дека си го уништиле животот, слушајќи некој друг како треба да го живеат или следејќи правила кои не постојат.

Омажи се, велат. Имај деца, велат. Да видиш што е мака, велат. Но, едно забораваат да ми кажат, а тоа е како е да си несреќен.

Биди овца која блее и паси во ливадата која ти ја одредува општеството, забораваат да ми кажат.

Забораваат да ми кажат како да се смеам вештачки, како да се смеам гласно, додека срцето ми плаче, а душата ми вриска.

Забораваат да ми кажат како да го преболам изгубеното време потрошено на следење правила, усреќување родители и роднини.

Забораваат да ми кажат како да си го преболам животот, како да си ја преболам слободата и радоста, ако се омажам.

Омажи се, велат. А што кога љубовта ќе секне?

И не кажувајте дека нема, затоа што и вие знаете дека ништо не е вечно, ниту пак љубовта, што би рекол Тоше. Знаете и сами дека бракот е институција креирана за да има со што да се занимаваме во текот на животот.

Знаете и сами дека бракот е бесмислен и измислен од луѓе без самодоверба кои се чувствувале несигурно и мислеле дека потписот на обично парче хартија може да ја задржи личноста која ја сакаат до нив.

Бракот е НЕПОТРЕБЕН. И според мене, како што поминува времето, луѓето ќе започнат да го сфаќаат ова и ќе го исфрлат од практика.

Ќе кажат “НЕ” на заробувањето маскирано во вечна љубов, затоа што вечна љубов не постои. Секое “засекогаш” има свој рок на траење.

Имај деца, велат, а забораваат во каков свет живееме. Зошто би сакал да донесам дете на ваков, никаков свет.

Да видиш што е мака, велат. Луѓе, животот не е за мачење. Животот е за живеење. И сите одбираме дали ќе го поминеме во мачење или следење на сопствени правила, односно градејќи сопствен свет во кој ќе бидеме навистина среќни и слободни, токму онака како што сме и родени.

Омажи се, велат. Имај деца, велат. Да видиш што е мака, велат.

Биди овца како нас, забораваат да кажат. Нека, вие живејте го животот според вашите измислени правила и редослед, а јас ќе си бидам среќна.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This