Јас сум ТАА девојка. Онаа што мајка ти никогаш не би ја посакувала за снаа. Јас сум таа девојка која го повишува гласот, бидејќи некогаш и бил многу тивок кога требало да вриска.
Јас сум таа девојка која е спремна да се ослободи од тебе, само доколку ја почувствува својата слобода загрозена. Јас сум таа девојка од која мајка ти како мал ти кажуваше да се чуваш.
Јас сум таа девојка која никогаш нема да ја заборавиш, бидејќи ти пружила незаборавни мигови, не зборувам за секс, зборувам за живот. Јас сум таа адреналинката, која секогаш ќе биде спремна за авантура во 3 часот изутрина бидејќи сака да се почувствува како жива меѓу мртвите кои полека се кршат во монотонијата на животот.
Јас сум таа девојка што се јавува на автобуска во 4 часот изутрина и го фаќа автобусот во 6 заминувајќи каде што ќе и текне. Јас сум таа што немала храброст да изврши самоубиство, бидејќи имала храброст да живее. Јас сум таа девојка што никогаш нема да те поздрави во минување, ќе го сврти погледот кон твоите чевли, правејќи да се чувствуваш мизерен и ефтин.
Јас сум таа девојка што порачува пиво во женско друштво во кое сите пијат мартини за фама. Јас сум таа девојка, затоа ме сакаш. Јас сум таа што е целосно искрена со себеси, но тебе сепак ќе те излаже во своја корист, за да се заштити. Јас сум таа што ќе те лаже дека те чекала цело време, никогаш нема да ти поверува дека ќе останеш засекогаш.
Јас сум таа девојка што сака брзо возење, пари, тетоважи, мускули, се што е префригано, но јас сум и таа девојка што сама добива се што сака, без никој да и преречи за добиеното. Јас сум таа девојка што заминува од државата со 50 евра во џеб, сигурна во себеси дека ќе успее да им додаде уште барем две нули со чесна работа.
Јас сум таа девојка што ти секогаш ќе посакуваш да ја имаш покрај себе, но таа девојка си го сака животот. Не планира да си игра со смртта, се уште е рано за да ја повлече на своја страна. Јас сум таа девојка што ќе ја сакаш и мразиш истовремено, бидејќи немаш друг избор.