Ме плаши мирисот на пролет, мирисот на свежина и слобода, бидејќи знам дека сум ги почувствувала порано и ми донеле непријатност. Ме плаши сопствената сенка, бидејќи постојат луѓе кои ме следат во секој чекор со спомените и се како моја сенка од која не можам да избегам.
Ме плаши чувството на љубов, бидејќи некогаш сум уживала во неговата опојност, но на крај ме отруло со својот отров. Ме плашат пријателите, бидејќи многу пати имам добиено нож во грб од личности за кои што сум мислела дека ќе го чуваат.
Ме плашат разговорите, бидејќи некогаш носеле пријатна тишина, но на моменти стварале гадење во мојот стомак како резултат на неискажани или искажани зборови, излишни или сурови.
Ме плашат sвездите и месечината, бидејќи некогаш сум мислела дека можам да ги дофатам, но како ладно ветре ме поглалиле нежно и се изгубиле во далечините на сеќавањата и се издигнале, толку високо, што ниту една скала на светот создадена од желби, не успеала да ме искачи до нив.
Ме плашат луѓето, бидејќи не постои човек. Ме плаши искреноста, бидејќи некогаш е толку сурова што ни самата не можам да ја поднесам, а камоли да му ја сервирам некому како ладен ручек среде ладна соба, на маса полна со топли срца околу неа. Ме плаши блискоста, бидејќи секогаш се претвора во далечина, толку студена, што ниту едно лето не може да ја стопли.
Ме плашат морниците, оние позитивните, бидејќи некогаш негативните не само што ме наежале, туку ја накостриле мојата кожа толку лошо, што не сум можела да престанам да се тресам поради нив. Ме плаши насмевката, бидејќи се претвора во солзи кои не можам да ги запрам, како река во Мај која конечно се одмрзнува, после долгата студена зима во Декември.
Ме плашат зборовите, бидејќи понекогаш сечат како нож. Ме плаши алкохолот од причина што знам дека нема да успее да ги удави сите сеќавања и чувства кои ме дават мене, полека, но сигурно секој ден. Ме плашат деновите, бидејќи брзо преминуваат во години, толку далечни што си мислам дека се еднолични, но кога ќе погледнам во минатото, сфаќам дека се е различно.
Ме плашат годините, бидејќи знам дека ме газат, иако знам дека не постојат. Постои само време, а тоа е димензија која луѓето ја измислиле за да не се изгубат во моментите. Ме плашат моментите, бидејќи можат да бидат крајно слатки, како мед во уста после луто пиперче, но и крајно свирепи, како најлошата смртна казна во светот. Ме плаши стравот, иако знам дека не може да ме убие.
Ме плаши безчувствителноста, бидејќи ме убива. Ме плаши надежта, бидејќи ја немам. Ме плаши се, бидејќи немам ништо. Дури и сопствениот ум ме плаши, бидејќи знам дека мислите кои течат во него, не можам да ги контролирам, колку и да сакам, секогаш течат низ моите очи, измивајќи ја мојата душа која е толку валкана во овој момент.
Ме плашат зборовите, бидејќи знам дека се вистинити, а вистината убива, повеќе од лагата која знае да те утеши како искрено подавање на рака кога си на дното, а сепак сфаќаш дека истата те туркала кон него.