Ми побара чакмак за да ја запали цигарата додека ми го избегнуваше погледот како кукавица која не знае каде да одлета, кукаше немо, гледајќи ме бледо, уплашено. Му дадов чакмак, му реков да го задржи.
Го тутна во џебот, а во очите му се читааше мислата: “Повторно ми подметнува нешто што ќе ме потсетува на неа секој ден, лисица.”
Не знаеше кутриот дека ако му подариш некому чакмак значи дека тој гест ќе предизвика расправија, според глупавите, стари суеверија.
Ја допуши цигарата, а потоа цела вечер ја слушаше тишината во ритамот на блузот. Тој во ритамот на блузот, а јас во ритамот на плускањето на меурчињата од пивото, пушејќи цигара една за друга.
Имавме нема расправија без крај се додека не се вмеша сонот во неа. Наредното утро престанав да пушам цигари. Го погледнав чакмакот на неговата кутија и го поздравив со намигнување.
Како рекле, не е до суеверијата, туку до моќта на потсвеста, тоа што сакаш да го направиш, ќе го направиш. Без разлика дали ќе биди со изговор на суеверие или долго премолчена вистина.
Јас го оставив поради чакмакот.