Кога е вака убаво времето топличко, ја фаќам саканата за рака, варам кафенце и ја вадам на балкон да ја фати сонце. Палам цигарче и ја меркам со работ на окото. Убаво времето денеска, нели? Станав и ја као таксистите, кога нема тема за муабет, зборувам за времето. Знам дека ти здосадив и викам, и јас и мојата навика да пушам едни исти цигари цело време. Од утре го менувам брендот и реков, ќе те почастам и тебе со нешто поскапо, ќе почнам да пушам Марлборо.
Ме игнорираше на муабетов повеќе и од “р” во Марлборо али океј, навикнат сум да бидам игнориран, си викам, барем останала се уште со мене и ме слуша, љубезна е, тоа е доволно. Сфатив дека ми е сродна душа, онаа што те разбира без зборови, што ја разбира и твојата тишина кога не ти се зборува повеќе. Вовлеков дим и го испуштив во нејзин правец, никако не изреагира, срцка! Сигурно ме сака се уште, си реков, уште таа останала до мене од женски род. Го вовлеков последниот дим и ја прашав дали може да ја изгасам цигарата од неа, повторно не изреагира. Ја завртив во кружно движење, околу нејзините рабови и на крај ја смачкав со показалецот на нејзината стаклена кожа, беше толку чиста, а јас ја извалкав. Никако не изреагира повторно иако знам дека ја печеше на ист начин на кој што мене ме печеле сите изгаснати зборови на бившите од мојата душа, сите навреди претрпени кои ми прелетале во очите и ги наросиле како пепелта од мојата цигара што ги наросуваше нејзините.
Бев среќен што ја имам, што е до мене секој ден, не секој трпи вакво ѓубре како мене кое гаси цигари од нечија кожа. Фатив, ја затресив над ѓубрето и од голем наплив на љубов ми дојде да ја бакнам каде што ја изгорив со цигарата, за да и помине. Но, сфатив дека би повратил, сепак да бакнеш пепел и не е така убаво, горчи. Ја седнав повторно до мене и запалив уште една цигара, а таа повторно ме игнорираше, но знаев дека овај пат тоа е поради моментот со бакнежот. Ах, ТАА моја пепељара, си реков, единствено нешто што останало до мене од женски род, единствено нешто што ќе ме трпи цел живот без да ми пререче за пушењето. Како би ми препрекла кога знае дека единствената љубов во животот, цигарата, ми гори за неа?