Полесно е да кукаш за минатото, отколку да направиш чекор во иднината

Изгубено е само она од кое си се откажал ТИ, а штом си се откажал, значи не ти требало или си претчувствувал дека нема да ти треба во иднина. А што доколку некој си дозволил да те изгуби тебе?

Што ако се откажал од тебе, што ако претчувствувал дека не си му потребен или нема да му бидеш потребен во иднина? Што ако те сакал, па не те сака повеќе?

Што ако ти бил пријател, а сега ти е непријател? Што ако ти е крв, а сега се претворил во твој крвен непријател? Што ако те заборавил, предал, навредил, повредил. Што ако?

Зарем треба да плачиме, кукаме и тажиме по минатото, не мислејќи на иднината, губејќи го моментот? Зарем треба да размислуваме за некој кој не ни помислува на нас?

Зарем треба да си го губиме времето во смислување одмазда или ширење омраза, додека тој некој кој не навел на тоа, си го троши времето уживајќи, умирајќи заедно со кармата, маскирана во тројански коњ, која ќе му се оддолжи во наше име?

Зарем толку си глупав да си го трошиш времето на некој на кој не си му важен повеќе? Бидејќи, да бидеме реални, доколку си му бил важен, немало да те повреди никогаш.

Зарем не знаеш дека најдобрата одмазда е успехот? Дефокусирај се на лузерите од минатото, настаните кои те спречуваат да напредуваш и спомените кои не ти дозволуваат да создадеш нови спомени, поубави, спомени вредни за паметење и стани.

Стани, исправи се, главата горе и започни да работиш на себе. Сам си. Слободен, можеш да правиш што сакаш. Посвети го денот на себеси и твоето задоволство. Посвети си го животот на себеси.

Посвети се себеси на себеси и започни да правиш план за остварување на своите цели и соништа, кои си немал време да ги оствариш, посветувајќи се на другите луѓе, нивните цели, соништа и очекувања, посветувајќи се на банални работи и настани, посветувајќи се на сите, освен на себе.

Направи чекор кон иднината, иако ќе биде ситен, верувај, голема промена ќе воведе во тебе. Ти си непобедлив, незапирлив, уникатен. Не прави им го на луѓето, она што не сакаш да ти го направат тебе, третирај ги другите како што сакаш да бидеш третиран, а себеси третирај се уште подобро.

Бидејќи доколку не се ставиш на прво место, не се почитуваш и сакаш себеси, не очекувај некој да го стори тоа за тебе, да те стави на прво место, да те почитува и сака, бидејќи не сите, но поголем % од луѓето се со поминат рок, расипани.

Доколку ги ставаш на прво место, тие ќе го искористат тоа за да те стапнат. Доколку ги почитуваш нивните желби и очекувања, доколку ги исполнуваш истите постојано, тие никогаш нема да ти се заблагодарат или да ти речат дека е доволно, секогаш ќе бараат уште и уште.

Нема да те почитуваат, бидејќи знаат дека ги почитуваш повеќе нив, отколку што се почитуваш себеси. Доколку ги сакаш повеќе отколку што се сакаш себеси, и тоа ќе го искористат. Ќе те доведат до степен на самосожалување и ќе ја искористат љубовта која им ја пружиш против тебе. Биди внимателен со луѓето.

Започни да го живееш својот живот, а не животот кој другите сакаат да го живееш и престани да кукаш. Со кукање, не се постигнува ништо. Наместо да кукаш, пеј, бидејќи тој што пее, зло не мисли. Пеј, трчајќи кон својата цел и кукањето остави им го на кукавиците кои се плашат од животот.

Ти, ти го сакаш животот, ти го обожаваш животот и животот те обожава тебе. Те обожава толку многу што те остава да бидеш слободен. А знаеш ли зошто си слободен? Бидејќи ничиј живот нема смисла и токму поради тоа треба да си среќен, ТИ можеш да му ја дадеш смислата.

Луѓето сами одбираат да се заробени во него, одбирајќи ја за својот смислата која другите им ја дале на своите животи. Не биди како нив, не биди заробен, биди слободен.

Имаш избор, изборот е твој, одбери ја слободата, одбери го животот, пред смртта да те одбери тебе.

Поврзани статии

Pin It on Pinterest

Share This