Кога ја запознав не разбираше ништо, но знаев дека има капацитет да разбере се.
Беше од оние ситничарките, Девица во хороскоп, постојано внимаваше на детали и ситници неважни за мене како датумот на нашиот прв бакнеж. Не ме интересираа такви работи, не ме интересираше таа, но беше интересна за друштво.
Јас секогаш отсутен со мислите, летнат на свое небо, си лежев на облаци, додека таа постојано се обидуваше да ме симне со својата љубов. Не сакав, ништо не сакав, не ја сакав неа, но ја засакав повеќе од се на крајот. Така е секогаш, фраери како мене, ги зафркнува една девојка како што на ливче од кладилница стално ме зафркнувала една утакмица.
Таа беше таа утакмица, најважната, неважната за мене. Таа беше онаа што беше клучната за влез и добивка, но не влезе, можеби влезе во срцето, но наместо добивка јас повторно изгубив, ја изгубив неа. Вложив премалку, како што секогаш правев со пишувањето на ливче, го пишував со минимална сума, сакајќи да добијам максимална добивка, себичен, но тој сум.
А таа ме сакаше ваков, замислете, никаков.
Почнав да ја гледам со други очи тоа утро кога се разбуди покрај мене во мојата дуксерка која беше доволно долга за да го покрие нејзиниот задник, но доволно кратка за да ме натера да полудам. Стоеше таму над шпоретот во кујната, ја гледав низ подотворената врата со работ на окото, беше толку убава, природна, домаќинче, ми вареше кафе, пазеше да не префрли.
На крај не само што префрли кафето, префрли се, се направи поплава од љубовна пареа која ми ги заслепи очите, ми се допадна тој вкус на утринско кафе направено од нејзините раце, ја вдишував во неговата арома, ја пиев со очи пиејќи ја секоја голтка од кафето. Го направи благо, рече дека животот за неа бил доволно горчлив досега, се насмевна тажно. За момент сфатив колку ја сакам таа ситничарката, таа обичната, а сепак толку необична, различна од сите досега. Ја прегрнав и сакав да и кажам дека ја сакам, немав доволно храброст.
Никогаш немав храброст да и признаам колку ја засакав, ниту кога заминуваше. Бидејќи знаев, длабоко во себе знаев дека таа ме направи човек, а јас неа гомно, секогаш, секаде, пред сите, кога останувавме сами, со секој збор, поглед. Сега јас сум гомното, секогаш, секаде, пред сите, кога останувам сам, со секој збор упатен кон огледалото, тој поглед е доволен да ми каже дека ја изгубив таа што ме натера да се пронајдам себеси.