Порано или подоцна во животот, сите одлучуваме да глумиме нешто што не сме, само за да се допаднеме некому.
Без разлика дали се работи за нов пријател, партнер, соработник, колега, роднина или родител. И токму поради ова, врските денес, ни траат пократко отколку батеријата на телефонот.
Не зборувам само за љубовните врски, туку врски од секаков тип.
Никој не може да глуми нешто што не е засекогаш. Маската паѓа, кога тогаш. Ситниците го издаваат вистинскиот карактер и вистинското лице кое се крие позади таа маска.
И токму кога мислиме дека сме успеала да залажеме некој со нашиот перформанс, маската се одлепува од лицето и оскарот за глума заминува во рацете на некој поискусен, поглупав.
А ние оставаме впечеток на лоши актери, манипулатори. Лажговци. А пред се, оставаме впечаток на грди луѓе, но не физички. Ами духовно. Ставаме нова маска и започнуваме во потрага по нова жртва на која ќе и глумиме совршени, кога во суштина, знаеме дека совршенство, не постои.
И поради ова, често размислувам на оваа тема и се прашувам, каков треба да бидеш за да и се допаднеш на личноста која ја сакаш?
Зарем е задолжително да се однесуваш резервирано и да глумиш нешто што не си додека “уловиш” некој, наместо да се прикажеш во вистинско светло?
Не негирам дека во минатото, можеби сум и јас се однесувала како што другите очекувале од мене да се однесувам, само за да им се допаднам.
Но, денес, денес, не ми е воопшто гајле, дали ќе се допаднам некому или не, без разлика колку и да го прикажувам спротивното.
Сфатив дека подобро е да бидеш онаков каков што навистина си на почетокот, отколку да си го покажеш вистинското лице на крајот.
Доколку некој не те прифаќа каков што си, замини. Доколку некој се обидува да те промени, односно да те трансформира во личност која ќе изгледа и ќе се однесува според неговите очекувања, замини.
Будала е тој што мисли дека подобро е да останеш со луѓе со кои не можеш да бидеш она што си навистина, отколку да останеш сам.
Родени сме сами. А сами и ќе си заминеме од овој свет.
Па, ајде да заминеме со насмевка, наместо со маска на лицето, знаејќи дека сме останале верни на себе и не сме отстапиле од сопствените размислувања и ставови, живеејќи го животот како што сме сакале.
Ајде да заминеме од негативните луѓе кои сакаат да не променат, бидејќи сами не се поднесуваат онакви какви што се, па мислат дека ако променат друг, ќе се чувстуваат подобро, попродуктивно и помоќно.
Ајде да заминеме од партнерот кој постојано не споредува со други и посакува друга личност на наше место, а не е доволно храбар да не остави, знаејќи дека ќе остане сам, затоа што личноста која навистина треба да се обидува да ја промени, е онаа во огледалото.
Ајде да си ја вратиме самопочитта, пред да очекуваме да не почитуваат луѓе кои ниту сами не се почитуваат. Ајде да се сакаме повеќе, отколку што ги сакаме оние кои не се сакаат ниту самите себеси, а камоли пак нас.
Ајде да се промениме, но за себе. Ајде да станеме најдобрата верзија од себеси, не за другите ами за себе.
Ајде да ги спуштиме маските и да ги означиме недостатоците кои ја истакнуваат нашата совршена несовршеност. И токму тогаш кога ќе го направиме тоа, ќе сфатиме кои луѓе не прифаќале онакви какви што сме, а не онакви какви што тие не замислувале и посакувале да бидеме.
Кога ќе се промениш за свое добро, ќе сфатиш дека единствената личност која заслужува да се промениш за неа, е онаа која ја гледаш во огледало.
Ќе сфатиш и дека оној кој те сака, ќе те прифати онаков каков што си, единствен и препознатлив по твоите несовршености и недостатоци.
И без разлика на тоа што често се прашувам, каков треба да бидеш за да и се допаднеш на личноста која ја сакаш, одговорот е секогаш ист, барем во последно време, донесен врз база на сопствените сфаќања од кои имам право да се оддалечам во секое време, затоа што се мои и затоа што човекот постојано се менува, а со него и сфаќањата.
Ако навистина сакаш да се допаднеш некому, треба да бидеш ТИ, онаков каков што си. А не онаков каков што очекуваат да бидеш.
ТИ заслужуваш некој кој ќе те прифати без неволни трансформации. А доколку посакаш да се промениш и подобриш за некоја личност, тоа ќе биде само твоја одлука.
Ете ваков треба да бидеш за да се допаднеш некому. А доколку не и се допаѓаш на личноста која ја сакаш, таков каков што си, не заборавај дека СЕКОЈ е заменлив. А овој живот е минлив.
И на крајот, ќе сфатиш дека не било важно дали ќе заминеш од овој свет, знаејќи дека си ги правел другите среќни, ами себеси.
Не зависиш од никој на никаков начин на овој свет. И никој зависи од тебе, на никаков начин. Се останато, е само фикција. Запомни го тоа.