Постојано гледам парови кои се зависни еден од друг, читам текстови во кои им се обраќате на своите бивши и сегашни, дека се само ваши и ќе останат ваши, во спротивно би станале ничии.
Постојано ве гледам како сте нечии, а никогаш свои. Постојано се прашувам, како е можно толку да зависите од луѓето и нивните емоции спрема вас? Како е можно да сте зависни од минливи работи, како што се луѓето и емоциите? Да бидеме реални, никој не останува засекогаш.
Секој, некогаш заминува, на различен начин, од различни причини кои допридонесуваат во одлуките на луѓето кои сакаат да ве остават и вие не можете да сторите ништо за да ги спречите во тоа.
Постојано се прашувам, зошто вие не сакате да зависите од себеси ами од другите постојано? Зошто не научите да ги пуштате луѓето да си одат, па доколку сакаат, сами да се вратат кај вас?
Со тоа што ги стегате во прегратка, само ги гушите, правите да сакаат да избегаат од вас, ги терате да не ве сакаат, да се чувствуваат пригушени, заробени, ваши, а сакаат да се ничии, сакаат да се свои.
Зошто вие не сакате да сте свои? Зошто не сакате да прифатите дека сами сте дошле на светот и сами ќе си заминете од него?
Во овој свет сите сме гости, па зошто тогаш да не уживаме во богатата трпеза поставена пред нас, туку постојано гладуваме по нешто? Гладуваме по вистинска љубов која не постои, бидејќи доколку би постоела, емоциите би биле перманентни, а не минливи, гладуваме по пријателство, кое доколку е вистинско никогаш нема да исчезне, гладуваме по некој до нас, не знаејќи како да уживаме во сопствено друштво, гладуваме по пари, не сфаќајќи дека тие не се најважни, дека се измислени од луѓето, како и се останато на овој свет.
Гладуваме по СЕ, освен по она вистинското, а тоа се нашите соништа.
Зошто не го отворите умот и не сфатите дека најважниот човек во вашиот живот сте ВИЕ? Зошто не се трудите да се запознаете себеси, пред да посакате да запознаете некој друг?
Зошто не посакате да си ги остварите сопствените соништа, пред да започнете да ги остварувате оние на семејството и општеството? Зошто воопшто помислувате да ги остварувате нивните соништа, кога тие не се ВИЕ, вие сте вие и никој друг, вие одлучувате што ќе правите во животот, кога ќе го правите тоа што сакате да го правите, како сакате и на која годишна возраст.
Што е всушност тоа годишна возраст? Што се годините? Зарем го мерат времето? Запрашајте се, дали навистина верувате во годините, бидејќи сакате да верувате или затоа што сите веруваат во нив? Годините се само бројка, во вистинска смисла на зборот.
Луѓето ги измислиле за да не се изгубат во времето, а не за да го сметаат истото. Залудно тагувате по минати датуми кои ве потсетуваат на нечии родендени, нечија смрт, нечие заминување, сето тоа било и поминало, а датумот сами сте го врежале во главата како нешто важно кое мора да се почитува, нешто кое мора да ве повредува кога ќе се потсетите на него.
Престанете, бидете малку свои, бидете самостојни, независни, бидете НИЧИИ, бидејќи за да бидеш свој, треба да станеш прво НИЧИЈ, треба да се откажеш од сите, освен од СЕБЕ. А што правите вие? Се откажувате од себеси, за сите останати. Зарем толку малку се сакате себеси?