“Јас сум 10 години постар од тебе, ми отчукува часовникот.”
Ова беше реченицата која често ја слушав од бивши партнер со кој бев во врска 2 години. И назад во тоа време, мислев дека неговата констатација дека му изминува времето за женење е точна, затоа што не бев навикната да преминувам преку границите на сопствениот ум, а ниту пак да ги анализирам ставовите на општеството според кои многу луѓе си го “водат” животот. И под водат, мислам “уништуваат”.
Не размислував ниту за нивните критериуми кои “мора” да ги исполниш за да те класифицираат како “нормална” личност со “нормален” живот.
Но, длабоко во себе, отсекогаш знаев дека не се согласувам со ниту еден општествено прифатен став. Не сакав да исполнувам ничии критеритуми. А сепак го правев тоа несвесно, како робот, секој ден.
Денес, преминувам преку границите на сопствениот ум, и заминувам толку далеку, што на моменти, не знам, а и не сакам да се вратам на старите размислувања.
Понекогаш, се чувствувам како да сум се разбудила насред зимски сон, па сега морам да се справувам со студенилото како последица од будењето.
Денес, ги анализирам критериумите на општеството кои “мора” да ги исполниш за да бидеш дел од него, и тоа повеќе отколку што е потребно.
И секој ден, се повеќе сфаќам колку се бесмислени, а ставовите, колку им се непромислени и површни. И поради тоа се давам во океан од бесмисленост.
Но, знам дека порадо би се давела, отколку да пливам бесцелно, обидувајќи се да испливам до непостоечко копно на кое ќе можам да се одморам, затоа што животот не е мачење од кое се одмара во длабока старост.
Животот е за уживање. Знам дека порадо би се борела со бесмисленоста, отколку да оставам илузијата да ме проголта.
И секој ден, се повеќе сфаќам колку бесмислена била реченицата на мојот бивши партнер на кој единствена грижа му била да исполни општествен критериум за да биде прифатен како “нормален” и да си го задржи “угледот” (уште една илузија која ја замачкува бесмисленоста).
И се прашувам, колку момци и девојки се борат со истиот “проблем” кој сами го создаваат во својата глава. Сигурно, голем е нивниот број. И поради тоа, чувствувам потреба да им се обратам.
Луѓе, како прво, не треба да се водите според годините. Ако имате 30 години, и се уште сте сингл, дали тоа значи дека треба да скокнете во било чии прегратки, само затоа што општеството така налага и да си умрете несреќни?
Како второ, не заборавајте дека годините и часовникот се уште две други измислици на луѓето, измислици со кои очајно се обидуваат да го контролираат времето, кое впрочем, и не постои. Постојат само циклуси.
Како трето, грижете се помалку околу отчукувањето на часовникот, и повеќе околу отчукувањето на вашето срце. Наместо да правите како што општеството ви налага, водете се според желбите на срцето. И не грижете се што ќе мислат другите за вас, затоа што повеќето денес, ретко мислат.
И запомнете, на овој свет, не морате ништо, освен да умрете. Заминете од светот, знаејќи дека сте го живееле животот како што сте сакале ВИЕ, а не како што сакал светот.