Сакав да го започнам овој текст со детална историја на бракот, но кога почнав да читам за сите глупости поврзани околу оваа “света” институција, почнаа да ми изумираат и последните мозочни клетки, па престанав.
Наместо тоа, ќе започнам со краток вовед во бракот, па ќе продолжам со неколку причини зошто овој социјален конструкт е најголемата глупост на сите времиња. Со напишаното не сакам да навредам никој што е во брак, ниту пак да ги премислам луѓето кои сакаат да стапат во брак.
Ова е мое лично мислење на кое имам право базирано врз истражувања и лична опсервација на луѓето кои стапиле во брак, а потоа нивниот брак завршил неславно на различни начини. Па ајде да почнеме!
Како бил измислен бракот?
Според истражувањата, институцијата наречена “брак” е стара околу 4,000 години. Илјадници години пред тоа, според антрополозите, семејствата биле организирани групи од околу 30 луѓе со неколку машки лидери, како и неколку жени кои лидерите ги делеле меѓусебе, и деца.
Но, со текот на времето, луѓето се цивилизирале, па се појавила потреба за постабилни услови за градење на општеството. Првиот доказ за склопување на брак помеѓу еден маж и една жена датира од 2,350 година пред Исус Христос во Месопотамија.
Во следните неколку стотици години, бракот прераснал во широко прифатена институција од луѓе насекаде низ светот, а посебно од Грците, Евреите, и Римјаните. Но, тогашниот брак немал никаква врска со љубов и религија, како бракот кој го познаваме денес.
Не дека во денешно време сите стапуваат во брак поради љубов, но да ја оставиме таа тема за некој нареден текст.
Која била целта на бракот во минатото?
Како што кажав, љубовта и религијата не играле никаква улога во бракот. Всушност, главната цел на бракот била да ги врзува жените за мажите и на тој начин да гарантира дека децата на мажот се нивни биолошки деца. Не можам, а да не се изнасмеам на ова, но ајде да продолжиме.
Преку бракот, жената станувала сопствеништво на мажот. Колку убаво, нели? Исто како да си купил овца за да си ја стрижи и да ја користи. Во глобала, жената била перцепирана како машина за раѓање деца и ништо повеќе, посебно од страна на татковците кои гордо ги продавале своите ќерки.
Исто така, кај старите Евреи, постоело правило кое кажувало дека мажот може да има повеќе жени. Се прашувам, зошто никогаш не се сетиле да го воведат истото правило и за жените?
Оженетите Грци и Римјани пак биле слободни да ги задоволуваат своите сексуални потреби со проститутки па дури и тинејџери од истиот пол, додека нивните жени се грижеле за децата и куќата. Како што може да забележите, хомосексуалноста и бисексуалноста не се ништо ново.
Религијата е онаа која ги претвори во “забранети” и ги етикетира како “изопачени и ненормални” луѓето кои се родиле поразлични и не можат да си ја променат сексуалната ориентација, затоа што доколку не знаевте, сексуалната ориентација е нешто со кое што се раѓаш.
А доколку мислите спротивно, зошто не се обидете да се трансформирате во хомосексуалци или бисексуалци барем на еден ден, па споделете во коментари дали е возможно и доколку е, какво е чувството.
Ајде да се навратиме на темата. Уште еден интересен факт кој го открив за бракот во минатото е тоа дека ако жената не можела да има дете, тогаш мажот можел да ја врати назад кај нејзиното семејство и да се ожени со друга.
Ова е уште еден доказ дека жените во минатото биле гледани како машини за раѓање и вагина во движење за задоволување на сексуалните потреби на мажите, и ништо повеќе.
И не можам, а да не се запрашам, а што ако мажот бил тој кој не можел да има деца? Дали жената можела да го врати назад кај неговото семејство и да се омажи со друг?
Каква улога има религијата во бракот?
Со текот на времето, како што почнале да се измислуваат религии за контрола врз луѓето, а посебно жените, се појавило и Христијанстовото и почнало да меша прсти во бракот.
Не сакам ни да го споменувам Исламот, затоа што многу се нервирам, но се надевам дека ќе пишувам за Исламската религија и нејзината поврзаност со бракот во некоја наредна прилика.
Засега, да се задржиме на Христијанството. Римската Католичка црква стекнала големо влијание низ Европа, па бракот морал да биде благословен од свештеник за да биде легално признаен.
Во 8миот век, бракот бил широко прифатен во Католичката црква како светост или церемонија за давање на Божјата благодет, што и да значи тоа. На соборот во Трент во 1563 година, светата природа на бракот била запишана во канонското право.
Се прашувате, зарем религијата ја промени природата на бракот?
На некој начин да, затоа што мажите биле учени да ги почитуваат и сакаат жените како што го сакаат Исус Христос. Исто така, им било забрането да се разведат од нивните сопруги.
Христијанството додало дека мажот и жената се “едно тело”. Во превод, телото на мажот припаѓа на жената, а телото на жената припаѓа на мажот, па доколку жената не сакала да има секс, и било кажано дека мажот има право на изнудување на секс од неа.
Со други зборови, мажот има право да ја силува жената. Како што може да забележите, жената е омаловажувана низ годините на различни начини.
Исто така, Христијанството имало јасен став против неверството. Мажот не смеел да ја изневери сопругата и обратно. Повторно ми доаѓа да се изнасмеам ама ајде да продолжиме и конечно да преминеме на причините зошто бракот нема никаква суштинска вредност.
5 Причини зошто бракот е најголемата бесмислица на сите времиња
Кога бев мала го замислував белиот фустан во кој ќе се омажам како и сите деца индоктринирани од општеството и нивните родители.
Кога ќе се запрашам зошто суштински сум сакала да се омажам кога ќе пораснам, не можам да се сетам на ниту една добра причина, освен добро познатата: така прават сите.
Денес, таа причина не е доволна, затоа што видовме до каде стигнаа сите кои се воделе по тоа правило. Се повеќе и повеќе парови низ светот живеат заедно и имаат деца без да стапат во брак, и тоа е во ред. Лично, преферирам таков начин на живот наместо традиционален.
И не сум сама со ова размислување. Според статистиките, миленијалците (луѓе родени од 1981 до 1996) во кои спаѓам и јас, 29% не сакаат да се омажат затоа што не се финансиски подготвени, 26% се уште не ја пронашле вистинската личност, а други 26% не сакале да се омажат затоа што мислат дека се премногу млади и неподготвени за таков чекор.
Иако овие статистики се однесуваат на Американците, сигурна сум дека и во Македонија, се повеќе и повеќе луѓе размислуваат на ист начин и одбиваат да стапат во брак, само затоа што така треба. Жалам, но “така треба” не е доволна причина за нас.
Исто така, мислам дека се повеќе млади луѓе гледаат дека бракот не е ништо повеќе од потпис на хартија кој законски те врзува со друга личност. Луѓето кои навистина се сакаат, не се чувствуваат обврзани да стапат во брак. А и да сакаат да стапат, тоа ќе биде добра одлука, затоа што нели, се сакаат, а ретко кој денес стапува во брак од љубов.
1. Иако промовира “инклузивност” и “еднаквост”, бракот е се уште истата патријархална институција
Иако во денешно време бракот се промовира како инклузивна и еднаква институција, всушност не е. Хомофобијата е се уште присутна насекаде низ светот, па дури и во Америка.
Исто така, бракот има придонеси за мажот, но не и жената. Што значи, ништо не се сменало со текот на годините. Од жените се уште се очекува да бидат домаќинки со единствена цел да раѓаат деца и да се грижат за куќата, посебно во заостанати општества како нашето.
Донекаде, и мажите се дискриминирани, затоа што само од нив се бара да работат напорно за да го прехранат семејството, кога во суштина и двајцата би требало да имаат иста одговорност околу семејството.
И двајцата треба да се грижат за куќата, децата, и да обезбедат средства, затоа што во денешно време, не е возможно да живееш од една плата.
За крај, од жената се очекува да си ја напушти работата и да се грижи за децата, додека од мажот не се бара истото.
Како што можете да забележите, половата дискриминација е можеби прикриена, но се уште е присутна како во бракот, така и во други сфери на животот.
Паровите кои не сакаат да имаат деца се постојано осудувани и “сигурно нешто не е во ред” со нив. Ова се само неколку примери за нееднаквост во бракот и за тоа како општеството се уште гледа на бракот и децата насекаде низ светот.
2. Бракот не е фластер за распадната врска
Многу парови стапуваат во брак затоа што врската им се распаѓа, па се обидуваат да ја спасат.
Се лажат дека бракот ќе промени нешто во нивната врска, па кога ќе видат дека погрешиле, решаваат да имаат дете (најчесто едниот од партнерите ќе го реши тоа во својата глава), па потоа сите заедно ќе патат во дисфункционално семејство.
Бракот не може да ја поправи веќе распаднатата врска. А доколку решите да имате и деца згора на тоа, единствено ги повредувате децата кои ќе растат во нездрава средина со расправии или пак ќе мора да си објаснуваат зошто нивните родители се развеле уште на мала возраст.
Ова не значи дека доколку сте во токсична и нефункционалана врска, не смеете да се разведете. Напротив, тоа е најлогичната и најдобрата работа која треба да се направи што побрзо. Но, добро би било доколку идните парови го прочитаат ова и размислат подобро за нивниот следен чекор.
Доколку нема љубов, не стапувајте во брак поради осудување од општеството, страв од самотија, срам, обид за поправка на врската со партнерот, итн. Таквите бракови никогаш не успеваат.
3. 50% од браковите завршуваат со развод
Спред статистиките, околу 50% од браковите завршуваат со развод. А оние кои сакаат да се разведат, но остануваат во брак, најчесто го прават тоа поради финансиски причини или децата.
Разводот е скап процес и доколку немате предбрачен договор, се што сте стекнале за време на бракот, ќе биде поделено со вашиот бивши партнер и обратно.
Дополнително, луѓето кои биле во брак претходно, не сакаат да се омажат или оженат никогаш повторно, велат истражувањата. И не само тоа, туку стапките за развод кај парови кои стапиле во брак по втор пат, се уште повисоки од паровите кои стапиле во брак за прв пат.
Во Македонија, истражувањата покажуваат слични резултати.
4. Моногамијата е социјален конструкт кој не функционира
Бракот е најчесто врзан со моногамија, кога е уште еден социјален конструкт кој не функционира.
Во последно време, полигамијата како и отворените врски стануваат се попопуларни ширум светот, затоа што моногамијата претставува ексклузивна врска помеѓу двајца, додека пак полигамијата го претставува спротивното.
Полигамните врски не секогаш се фокусирани на секс туку на слободата која доаѓа од примањето на љубов и емоционална енергија од повеќе луѓе.
Доказ за тоа дека моногамијата не функционира се неверствата. Колку пати сте слушнале дека пар се разделил бидејќи еден или двајцата од партнерите биле “неверни” во врската или бракот?
Луѓето не се креирани да сакаат само една личност до крајот на животот. Тоа правило никаде не постои. Но, иако не постои такво правило, немам ништо против луѓето кои одбрале моногамна наместо полигамна или отворена врска поради лични и оправдани причини.
5. Некои луѓе си го покажуваат вистинското лице во бракот
Семејното насилство и насилството кон жената и децата, па дури и мажот во некои случаеви не е мит, туку реален проблем насекаде во светот.
Многу луѓе си го покажуваат вистинското лице откако ќе стапат во брак. Затоа, доколку сте во токсична или физички/психички насилна врска, не стапувајте во брак, затоа што шансите личноста да се промени, се скоро непостоечки.
Најдете начин да излезете од таквата врска или брак. А доколку се чувствувате згрозени, побарајте помош на овие броеви.
Заклучок
Кое е вашето мислење? Споделете ги своите коментари и ајде да разговараме на оваа тема поопширно.